За бебиња-вегани, единствени опции се: доење или формула од соја

Бебето може да биде потполно здраво дури и ако го храните исклучиво со растителна храна. Но, во тој случај, се советува започнување на исхраната со мајчино млеко, кое е совршена мешавина од витамини, минерали и макронутриенти, како што се протеини, маснотии и јаглехидрати. За оние кои не дојат, единствената опција е формулата со соја.

0
215

Минатиот месец, во рок од пет дена, две новороденчиња беа примени на интензивна нега во Детската болница Nemours/Alfred I. duPont во Вилмингтон.

И двете деца биле хранети со „веганско адаптирано млеко“ кое го направиле нивните родители дома. Децата страдале од хипокалцемија или премногу ниско ниво на калциум во крвта и биле примени во болница со проблеми со кардиоваскуларниот и нервниот систем предизвикани од недостатоци во исхраната, соопштиле официјалните лица на болницата.

Во меѓувреме, едното новороденче било пуштено од болницата, но другото имало сериозни аномалии на електролитите и претрпело срцев удар, што довело до оштетување на мозокот. Никол Фрагале, раководителка во болницата изјавила дека тоа бебе сè уште се опоравува во болницата, но повеќе не е на одделот за интензивна нега.

Иако ваквите случаи се ретки, Фрагале истакнува дека е многу загрижувачки што дури два исти случаи се појавиле во рок од една недела. Како што објаснила таа, проблемот не е во вегански адаптираното млеко, односно, во формулата, туку во тоа што родителите решиле да го прават дома и со тоа ги ризикувале животите на децата.

„Не мислам дека тоа беше намерно занемарување. Тоа беше само чисто незнаење за исхраната и за она што е соодветно за новороденче”, смета таа.

Понатаму, признава дека и самата наишла на „крајно загрижувачки“ рецепти на Интернет за формули за бебиња кои вклучуваат непастеризирано млеко, протеини во прав и додатоци на витамини и минерали за возрасни.

Нутриционистичките потреби на детето се многу специфични, затоа Американската академија за педијатрија и Администрацијата за храна и лекови предупредуваат да не се користи домашна формула за новороденчиња бидејќи може да содржи премалку или премногу специфични витамини и минерали. Во гореспоменатите случаи, формулите немале калциум и витамин Д, рекла Фрагале.

Поблаги форми на хипокалцемија може да се третираат со давање орални дози на калциум и витамин Д, но за потешки случаи е потребна интравенска замена, изјавила д-р Мег Фрицола, раководителка на одделот за интензивна нега во болницата.

Калциумот е потребен за срцето и другите мускули да работат правилно. Кога бебето доживува срцев удар, честопати е тешко да се знае степенот на невролошката повреда и како детето ќе се опорави, рекла Фрицола.

Одгледување на веганско бебе

Според Академијата за исхрана и диететика, внимателно испланираната веганска исхрана може да биде здрава и соодветна за сите фази од животот, вклучително и за новороденчињата и за малите деца. Вашето бебе може да биде потполно здраво дури и ако го храните исклучиво со растителна храна. Но, во тој случај, Фрагале советува започнување на исхраната со мајчино млеко, кое го нарекува совршена мешавина од витамини, минерали и макронутриенти, како што се протеини, маснотии и јаглехидрати.

За оние кои не дојат, единствената опција е формулата за соја. Но, важно е да се знае дека родителите не би требало да ја мешаат таа формула – наменета да имитира мајчиното млеко – со соино млеко, кое не обезбедува оптимални хранливи материи за раст и развој на детето, предупредува Фрагале.

Млеко од растително потекло може да им се даде на деца кои имаат најмалку една година, додала таа.

Кога воведуваат цврста храна, родителите треба да се фокусираат на извори на протеини, внимавајќи детето да конзумира разни житарки, мешунки, ореви и тофу. Исто така, треба да обрнат внимание на внесувањето на витамини Б12 и Д, калциум, железо, протеини и диетални влакна, советуваат од Академијата за исхрана и диететика. Може да бидат потребни и мултивитамини.

Сето ова е исклучително важно затоа што претходно биле пријавени случаи на сериозно неухранети деца, па дури и деца кои умреле откако нивните родители им давале веганска храна несоодветна за нивните потреби, пишува Today.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]