Журка за стари во Домот на млади

Синоќа, во Клуб ресторанот во МКЦ, во рамки на одбележувањето на Светскиот ден на старите лица, а во организација на Црвениот крст, под мотото „Сите сме нивни деца“, се одржа хуманитарно матине на кое пензионерите покажаа дека знаат и можат да се забавуваат и да „шизат“ на музиката од свое време

0
321

Сопственикот на Клуб-ресторанот во Младинскиот културен центар синоќа беше изненаден и затечен од бројот на возрасни кои дојдоа на забавата закажана во рамките на одбележувањето на Денот на старите лица.

„Уф, не замислував дека ќе има толку луѓе“, ми рече Влатко кога го прашав каде можеме да се сместиме со оглед на тоа што во делот со подиумот повеќе немаше место за седење.

На хуманитарното матине во организација на Црвениот крст беше полно со пензионери, а меѓу нив и некои кои за оваа пригода дојдоа со автобус дури од Драчево.

Нашите пријатели од Црвен крст и Катерина Гиевска, стручен соработник за социјално хуманитарна дејност во Црвениот крст го најавија почетокот на забавата и набрзо се слушнаа звуците на тангото и пензионерите покажаа што научиле за време на обуката во Дневниот центар за стари лица во „Даре Џамбаз“.

А потоа, потоа прозвучеа звуците на стариот добар рокенрол, а подиумот се наполни со разиграни и распеани пензионери. Вечерта продолжи со звуците на југословенската музика, но и на сите најпознати и најубави македонски евергрини.

Пензионерите покажаа дека и третото доба е одлично за добра журка, а конечно и кај нас можевме да се увериме во она што досега сме го гледале само во американските филмови во кои болните од Алцхајмер се будат од својата состојба и излегуваат од самотијата кога ќе ја слушнат музиката од својата младост.

Да, го видовме ова и тука, кадешто имаше барем двајца пензионери со деменција кои сакаа да танцуваат заедно со сите други.

А кога тие ќе се фатат на „вовчето“, знаете дека забавата успеала.

Честитки за организаторите!

[better-ads type='banner' banner='999' ]