Истражувањата сугерираат дека кога учениците се принудени да се справуваат со работно оптоварување не е во согласност со нивното ниво на развој, тоа може да доведе до значителен стрес – кај децата и нивните родители.
Така, на пример, Националното здружение за образование (National Education Association – NEA) и Националната (National PTA – NPTA) поддржуваат стандард според кој на децата треба да им се даваат „10 минути домашна задача по ниво на одделение“. За деца во прво одделение од основно училиште, тоа значи 10 минути на ден, додека средношколците можат да добијат и до два часа дополнителна работа.
Експертите посочуваат дека поголемо количество домашна задача може да има голем број негативни последици врз малите деца.
„Податоците покажуваат дека домашната задача на ова ниво не само што не е корисна за оценките на децата, туку навистина има многу докази дека им штети на нивниот став за училиштето, оценките, самодовербата, социјалните вештини и квалитетот на животот“, рекла Стефани Доналдсон-Пресман, водач на студијата, за Си-Ен-Ен.
Но, најновото истражување, кое подетално го испитало проблемот, открило дека на децата кои учествувале во нивната студија и кои посетувале основно училиште им биле давани околу три пати повеќе домашни задачи од препорачаните. Доналдсон-Пресман за Си-Ен-Ен изјавила дека била „апсолутно шокирана“ кога открила дека домашните задачи се чести дури и во американските градинки.
Сите овие дополнителни задачи можат да доведат до семеен стрес, особено кога родителите не се чувствуваат компетентни да им помагаат на своите деца во решавањето на разни задачи. Имено, истражувачите објавиле дека семејните расправии околу домашните задачи биле 200 проценти поверојатни кога родителите немале факултетска диплома.
Последици за средношколците
Други истражувања откриле дека средношколците исто така може да бидат презаситени со домашни задачи – толку многу што тоа влијае на нивното здравје.
Студија од 2013 година спроведена на Универзитетот Стенфорд покажала дека учениците кои поминуваат премногу време со домашните задачи имаат поголем стрес, физички здравствени проблеми, немаат рамнотежа во животот и се отуѓени од општеството. Таа студија била објавена во списанието Journal of Experimental Education и сугерирала дека повеќе од два часа домашна работа дневно е всушност контрапродуктивна. Сепак, учениците кои учествувале во студијата објавиле дека, во просек, поминуваат нешто повеќе од три часа секоја вечер завршувајќи ги домашните задачи.
За да се спроведе студијата, истражувачите испитале повеќе од 4.300 ученици во 10 средни училишта. Тие исто така интервјуирале ученици за нивните ставови за домашните задачи. Во однос на стресот, повеќе од 70 проценти од учениците рекле дека „често или секогаш биле под стрес поради училишните задачи“, а 56 проценти ја навеле домашната задача како главен стрес. Помалку од 1 процент од учениците рекле дека домашните задачи не им предизвикуваат стрес.
Истражувачите исто така ги прашале учениците дали чувствуваат физички симптоми на стрес, како што се главоболки, исцрпеност, недостаток на сон, слабеење и стомачни проблеми. Повеќе од 80 проценти од учениците пријавиле барем еден симптом поврзан со стресот во текот на минатиот месец, а 44 проценти изјавиле дека доживеале три или повеќе симптоми.
Истражувачите откриле и дека трошењето премногу време на домашни задачи значи дека учениците не ги исполнуваат нивните развојни потреби, па затоа тие почесто се откажуваат од активности, престануваат да се гледаат со пријателите или со семејството и не учествуваат во дополнителни забавни активности.
Квалитетот на домашните задачи е поважен од квантитетот
Експертите продолжуваат да дискутираат за предностите и недостатоците на домашните задачи. Но, според една статија објавена оваа година во Monitor on Psychology, постои една работа во која се согласуваат: важен е квалитетот на домашните задачи.
Во студијата на Стенфорд, многу ученици рекле дека често прават домашни задачи за кои сметаат дека се „бесмислени“.
Дениз Поуп, која е коавтор на студијата, тврди дека домашните задачи треба да имаат цел и придобивки и треба да бидат дизајнирани за негување на учењето и развојот, пренесува Healthline.
Фото: Pexels