Новопечената мајка Џо Џонсон Оверби доела околу шест недели кога забележала дека нејзиното млеко има неочекувана розева нијанса. Го повикала сопругот во собата, убедена дека очите ја мамат, а потоа ѝ се јавила и на својата сестра која работи како медицинска сестра во педијатриска ординација.
„Никој не ми кажа дека кога ќе родам бебе и ќе одлучам да дојам, моето млеко ќе биде во неколку бои“, вели таа во вирално видео што го погледнале повеќе од 12,6 милиони љубопитни очи.
„Слика А. Бојата што би ја очекувале, нели?” вели таа во видеото држејќи кесичка со бело мајчино млеко пред да премине на друга кеса која на шега ја опишува како млеко од јагода. „Слика Б. Зошто е розева? Тоа е крв. Бебето сè уште може да го пие. Значи, од вас зависи дали ќе му го дадете или не”.
Два типа на луѓе одговориле во коментарите – оние кои знаеле дека мајчиното млеко може да биде со различни бои и со ентузијазам ги навеле различните нијанси на розева, бела и зелена што лично ги доживеале; или оние кои никогаш не слушнале за таков феномен и ѝ се заблагодариле затоа што ги информирала за сето она низ кое минуваат човечките тела.
За да даде малку појаснување за различната боја на мајчиното млеко, гинекологот и експерт за репродуктивна ендокринологија и неплодност, д-р Емили Џејкобс, напишала: „Најчеста причина за „крвавото“ мајчино млеко се оштетените брадавици од доењето, односно, брадавиците со пукнатини или рагади“.
„Исто така, мајчиното млеко обоено со крв може да биде знак за инфекција на дојката наречена маститис. Обично е придружена со црвени, болни гради и симптоми слични на грип, вклучувајќи висока температура и болка“, изјавила таа за BuzzFeed.
„Доколку жената е загрижена дека можеби има маститис, треба да се јави кај својот лекар бидејќи може да ѝ требаат антибиотици“.
„Конечно и многу ретко, мајчиното млеко обоено со крв може да биде знак за посериозен проблем, како што е рак на дојката.
Ако крварењето не исчезне самостојно за околу една недела или ако е поврзано со промени на дојката, како што се повлекување на брадавиците, вдлабнатини на кожата или други промени на кожата околу градите, тогаш треба да побарате лекарска помош.
За оние кои споменуваат широк спектар на бои, д-р Џејкобс вели: „Нормално е да се види дека бојата на мајчиното млеко се менува со текот на времето, особено во првите неколку недели по раѓањето. Колострумот, кој е првото млеко произведено во градите за време на бременоста и се лачи само во краток период по раѓањето, е густо и жолто до портокалово. Зрелото млеко е генерално побело, слично на кравјото. Зеленото или кафеното млеко може да биде знак за инфекција на дојката, како што е маститис.”