Се очекувало дека Џорџ Вајлдгуст нема да доживее повеќе од 10 години, но овој човек од Нотингем, на 24. минатиот месец во добро здравје и во друштво на семејството и пријателите го прославил 77.роденден, пишува Life Site News.
Вајлдгуст кој е роден со Даунов синдром е пензиониран градинар, кој е „многу независен“, како што го опишува неговата внука Ники Рајт која секоја недела го посетува во домот за инвалиди во Керингтон кадешто живее со уште 11 жители.
„Тој е толку среќен цело време. Неверојатен е. Кога се родил на неговата мајка ѝ било кажано дека нема да живее повеќе од 10 години, а погледнете го сега!“, рекла Рајт.
„Мајка му секогаш му зборувала дека може да направи сé што сака и поради тоа од секогаш бил независен. Не му се допаѓа кога некој му кажува што треба да прави, но мислам дека е тоа причината зошто доживеа 77 години“, рекла Рајт за Нотингам Пост.
Исто така, таа му ја припишува долговечноста на својот вујко на неговиот „активен социјален живот“ во центарот, во кој се преселил во 1993 година, по смртта на мајка му.
„Вајлдгуст обожува да танцува и да пее караоке, а имал обичај секоја недела да присуствува на часови по глума, што особено го сакал. Сега помалку работи, но и натаму е ангажиран“, рекла таа.
„Мислам дека тука доста му помогна дружењето. И персоналот е прекрасен и тие му се како семејство“.
Негувателката Џевин Лејси рекла за Нотингам Пост дека Вајлдгуст поминува часов цртајќи и боејќи.
„Тоа многу го сака. На ТВ гледа само BBC1. Веднаш знае ако не е на вистинскиот канал“, рекла таа.
„Тој е такво чудо. Оваа година минуваше низ некои медицински третмани и беше преместен на палијативна нега, но вратен е назад“, додала Лејси.
Кога се врати од болница само рече: „Дали е сé во ред драга?“, како ништо да не се случило.
Вајлдгуст е едно од трите деца. Неговиот постар брат Колин починал пред три години, а неговата помлада сестра Жан контактира со него преку Скајп од Австралија.
Локалното здружение за Даунов синдром му го честитало роденденот.
„Сите од здружението му посакуваат на Џорџ среќен роденден и сé најдобро во иднина“, изјавиле оттаму за Нотингам Пост.
Тие навеле дека благодарение на медицинскиот напредок и грижата и љубовта на оние што ги опкружуваат, просечниот животен век на лицата со Даунов синдром е сега помеѓу 50 и 60 години, со тоа што мал број луѓе живеат во своите седумдесетти и повеќе.
Се смета дека Вајлдгуст е еден од најстарите луѓе на светот со Даунов синдром, но неговиот земјак Кени Криџ од Сомерсет е официјално прогалсен за најстар жив човек на светот со Даунов синдром за Гинисовата книга за рекорди во 2008. Но таквите рекорди повеќе не се впишуваат затоа што Дауновиот синдром е болест.
Криџ кој бил познат по својот хумор, љубовта кон слатките и свирењето армоника, починал на 16 април 2019.во 79.година.
Според американски извори, најстар маж во светот со Даунов синдром бил Американецот Берт Холбрук, кој починал во 2012. во 83. година.
Во меѓувреме, Лорин Бел од Pregnancy Help News во 2017. пишувала за глобалниот т.н.„холокауст на бебињата со Даунов синдром“.
Исланд може да се „пофали“ дека е земја без Даунов синдром, но тоа е затоа што 100 отсто од бебињата на кои им е дијагностициран синдромот додека биле во матката – се абортирани. За пет години, до 2017.таму не е родено ниту едно дете со Даунов синдром.
Данска го следи тој пример, предвидувајќи дека во следните 10 години ќе биде нација без Даунов синдром („Down syndrome–free“ nation), пишува Бел.
90 отсто од бебињата на кои им е дијагностициран Даунов синдром се абортирани во Велика Британија и во САД.
„На родителот никогаш не му е лесно во текот на бременоста да прима разорни вести. Но повеќето родители кои имаат дете со Даунов синдром велат дека нивниот поглед на живот е многу попозитивен токму поради нивното дете.
„Вредноста на детето родено со каков било инвалидитет ниту една нација не може да ја искорени. Тие се создадени според сликата Божја“, вели Бел.
Фото: Pixabey