Одејќи по мојата улица, синоќа околу 21 часот наидов на моите соседи, татко и малолетен син кои седеа пред врата и се расправаа.
Синот сакаше да влезе дома, а татко му запнал да оди да си поигра уште малку.
Не ми се веруваше дека добро слушам. Не дека незнам што се случува со децава и дека тие повеќе сакаат да седат пред екраните отколку да играат фудбал, кошарка или мижитатара во училишниот двор, ама кога ќе слушне човек како звучи една ваква расправија, не може да остане размнодушен, особено кога станува збор за нашата генерација.
Убаво се сеќавам дека секогаш молевме за уште пет минути играње кај клупите на „Партизанска“, во дворот на „Ј.А.Коменски“, на мексиканското игралиште или на некоја од уличкие во маало.
И сите тие дополнителни пет минути, траеја барем половина час!
Затоа, кога синоќа ја слушнав расправијата меѓу соседот и неговиот малолетен син, морав да застанам за да се уверам дека добро слушам.
„Да одиш да поиграш уште малку“, му велеше таткото на синот, а овој, седнат на прагот од нивната куќа, упорно го убедуваше дека се изнаиграл до сега.
„Едвај те избркав надвор во 20 часот, ќе ми се враќаш дома во 21? Нема шанси да влезеш и да го вклучиш компјутерот. Или оди играј си уште малку или нема компјутер!“, веќе изнервиран таткото, го потегна последниот аргумент.
Не слушнав како се заврши разговорот, ама се почувствував баш како од минатиот век! Летен распуст, а тие наместо на улица, повеќе сакаат да седат дома.
Ех, да не молеа нас да се вратиме уште малку на улица…
Фото: Pixabey