Деветоодделенецот Бруно писмото го пишува на своите баба и дедо, кои не ги видел една година и со многу емоции им раскажува како тој го доживеал страшниот вирус, кој го затворил училиштето и го отргнал од другарите и неговата безгрижност. Дополнителен страв и грижа за него и неговото семејство предизвикало сознанието дека неговиот татко се заразил со ковид-19.
Бруно Ивановски Фото: Фејсбук
„Бабо, јас навистина чувствувам страв. Три-четири месеци се мачам, но морам да бидам искрен и да ти откријам една тајна, колку и да звучи страшно. Не сакавме да те вознемириме, но тато се избори со вирусот. Сега кога помина можам да ти раскажам, убеден дека спокојно ќе ја примиш веста. Да, бабо, тато наш, твојот син. Голем како карпа, силен како лав. Лежи во собата со треска. Стуткан на креветот, мислиш смален. Не личи на него. Најсилниот зарем е можно да потклекне? Седев во мојата соба и тагував, бабо. Тагував за неизвесноста, што ли нè очекува, што ќе се случи со тато. Пробував да се смирам со играчките на компјутер, но залудно. Моето срце чукаше толку силно при самата помисла дека вирусот е тука во нашиот дом. Додека владееше ноќната тишина, ги слушав чекорите на мама. Сигурно ја мери температурата на тато. Се молев за тато, за мене, за брат ми, сестра ми, но и за мама. Таа нè гледа нас кога сме болни, а сега и тато го негува како мало дете. Беспомошен е, блед, со вкочанет поглед. Ме плаши помислата дека ќе го задржат во болница. Но моите молитви се посилни од ковид. Сончевото утро во ноември, ми навести добра вест. Тато доби уредни резултати и малку по малку започна да му се враќа свежината. Оттогаш до денес повремено се жали на задишаност. Не грижи се, бабо. Тој редовно прави лекарски прегледи. Јас да ти кажам, сега се грижам за вас. Не можам да ве видам, да ве гушнам и да ги јадам твоите најубави и најмиризливи кифли со фил од јаболко“, напишал во писмото Бруно.
Родителите, менторката Сузана Цветковиќ и наставниците во училиштето се пресреќни за големиот успех и светското признание на Бруно.
„За мене оваа награда е од многу големо значење, бидејќи во светот е промовирано името на моето училиште, мојот град и татковината“, рекол Бруно.