Лејн Дос е новинарка, а за порталот Best Life пишува за нешто кое инаку претпочита да го избегнува – за фактот дека е посвоена.
Како што вели, на возраст од 12 години, дознала дека е посвоена, па дури и денес има малку информации за нејзините биолошки родители. Таа знае дека биле млади, не биле во брак, нејзината мајка била учителка, а најмногу била шокирана информацијата дека ѝ го дале името Кејтлин. Нејзините посвоители го смениле нејзиното име во Лејн.
Бидејќи ноември е Меѓународен месец на посвојување, таа одлучила да проговори за сопственото искуство. Поточно, таа споделила десет работи за кои смета дека можат да ги разберат само посвоените деца.
Го гледате вашето семејство и не се гледате во ниту еден од нив
„Во семејството од страна на татко ми имаа продорно сини очи и свиленкасто руса коса. Мајка ми имаше права црна коса и изразени црти на лицето. Со кадрава црвенкасто кафеава коса, зелени очи и голем нос, не личев на никого”, се сеќава Лејн, признавајќи дека тоа за неа било целосна мистерија.
Се прашувате дали имате браќа и сестри, но понекогаш дури и не сакате да знаете
Иако имала ситуација во која една од нејзините колеги тврдел дека ја познава нејзината сестра, односно, жена која неверојатно наликува на неа, и иако признава дека е тоа можеби и возможно, никогаш не посакала да ја открие вистинитоста на тоа тврдење.
Се поистоветувате со секоја приказна за посвојување што ја гледате на малите екрани
И воопшто не е лесно да го доживеете тоа секогаш одново.
Цел живот се обидувавте да разберете зошто родителите се откажале од вас
„Да се даде дете на посвојување, мора да биде една од најтешките работи со кои може да се сретне родителот. На жената која го носела бебето девет месеци, потребна ѝ е неверојатна сила за да го смести во туѓи раце, можеби само неколку часа по породувањето. Да знаете длабоко во себе дека вашето бебе има подобри шанси на овој свет со некој друг е крајно несебично“, убеден е Лејн.
Сепак, посвоените деца понекогаш се прашуваат зошто ги отфрлило нивното биолошко семејство. Иако знаат дека тоа не е нивна вина, постојат моменти кога се обвинуваат самите себе.
Фантазирање за тоа кои биле вашите родители
Како што признала Дос, едно време во детството, фантазирала за тоа дека нејзините родители биле познати и славни.
Не знаете што да запишете во медицинските обрасци под прашањата кои се однесуваат на семејните анамнези
Кога лекарот ве прашува за можни болести што се јавуваат кај вашето семејство, едноставно не знаете што да одговорите.
Немате фотографии од најраното детство
Додека другите со гордост ќе покажат фотографии направени веднаш по нивното раѓање, повеќето посвоени деца имаат фотографии дури од моментот кога се посвоени.
Имате неодговорени прашања за своите „вистински“ родители
Освен што постојат прашања кои ве интересираат приватно, има и прашања кои редовно ќе ви ги поставуваат други луѓе, а на кои нема да знаете како да одговорите.
Ќе пребарувате на Интернет со надеж дека ќе ги најдете вашите родители
Во некои земји, постојат интернет регистри во кои со внесување лични информации и со многу среќа, посвоените деца можат да ги најдат своите биолошки родители. И обратно. Сепак, за тоа се потребни и двете страни, а законите се разликуваат од земја до земја, такашто ваквите регистри не се можни насекаде.
Со време ќе сфатите дека семејството во кое сте пораснале може да биде исто толку прекрасно како и секое друго семејство
Постои изрека дека посвоените деца се посебни затоа што се сакани и барани. Ако ја прашате Лејн, ова е сигурно точно.
„Мајка ми имала десетина абортуси пред да се одлучи на посвојување. За финансирање на посвојувањето тие позајмиле пари од роднините, а една година подоцна тие морале да поднесат барање за банкрот кога законските такси се покажале како преголем финансиски товар. Родителите ме сакаа и ме штитеа исто толку жестоко како и сите родители. Моето вистинско семејство е тоа што ме посвои“, заклучи Лејн.
Фото: Pixabey