Дилеми: Мартинки или Цецини колачи

Според Црквата, мартинките се суеверие, а според народот, нешто како амајлија. Точно е, мартинките се суеверие, исто како што е суеверие и палењето на точно одреден број на свеќи во црква, начинот на оставање парички на иконите, оставањето на други предмети (на пример, пченица за умрениот) да „постојат“ во црква и други „марифети“ што се прават при умирачки, венчавки, крштевки и слично. Јас ги преферирам 'Цецините колачи'

0
246
Традиционално во пресрет на Баба Марта децата со Даунов синдром организирани во своето здружение Трисомија 21 во Скопје, веќе со години по ред им ги подаруваат на случајните минувачи мартинките кои ги изработиле самите на претходно одржани работилници и во нив вградуваат многу љубов и труд. Затоа, иако лично мартинката не ми значи ништо, не би ги одминала без да земам мартинка.

Културните обичаи поврзани со прославувањето на 1 Mарт познати како „Обичајот Мартинки“ во 2017. станаа и дел од светското нематеријално културно наследство и се впишаа во репрезентативната листа на УНЕСКО. Правен носител на ова културно добро од Македонија во УНЕСКО е ХАЕМУС – Центар за научно истражување и промоција на културата.

Јас не се сеќавам дека во нашето семејство некогаш се правеле, носеле или купувале мартинки. Ние си имавме семејна традиција на 1 март да јадеме Цецини колачи. Кај нас, наместо ден на баба Марта, овој ден е роденден на нашата мајка. Најчесто ѝ подарувавме цвеќе, а таа правеше ‘Цецини колачи’. Искрено, до скоро и не знаев дека луѓето ги ставаат мартинките верувајќи дека тие ќе им донесат среќа. Ние како деца стававме разноразни украси на рацете кои си ги правевме сами, понекогаш дури и од тестенините во форма на ѕвездички кои ги нижевме на конец, ама мартинките во нашето детство немаа никакво значење.

А дека некому ќе му донесат или ќе му ја земат среќата е исто току точно колку што е точно дека ако ја облечете блузата наопаку тоа ќе ве заштити од уроци или дека бебето ќе престане да ви плаче кога ќе го однесете на бајачка.

Такашто, наместо мартинка, јас дефинитивно, би одбрала Цецино колаче.

Инаку, на страницата на Бигорскиот манастир, а во врска со Мартинките, пишува: „Секој оној што на својата рака ќе стави или на својата облека ќе закачи таканаречена ‘мартинка’ (нешто како нараквица направена од црвен и бел конец) за здравје и среќа, да знае дека од тој момент (свесно или несвесно) се откажал од Бог, односно од Православната Вера и Црква, и не може да учествува во нејзините Свети Тајни. Не може истовремено да веруваме и во Бог и во ‘мартинка’. Верата и суеверието немаат ништо заедничко, исто како што и Бог нема ништо заедничко со ѓаволот. А на два господари не можеме да им служиме, или ќе Му служиме на Бог или на ѓаволот – па секој слободно нека избере кому ќе му служи. И секое друго суеверие, спротивно на православната вера, не е од Бога“.

И се сложувам, тоа е суеверие, впрочем како и многу други кои се практикуваат дури и од свештените лица. На пример, палење на точно одреден број на свеќи, начинот на палење, начинот на оставање парички на иконите, оставање на други предмети (на пример, пченица за умрениот) да „постојат“ во црква и други „марифети“ при венчавките, крштевките и слично.

Затоа, да не го расипуваме денов – 1 март е убав ден па секој нека го прави она во што верува! А и не значи дека ако носите мартинка морате да верувате дека таа ќе ви носи среќа или несреќа. Носете ја ако ви се допаѓа како и секој друг украс на раката.

Ама ако баш треба да бирам, уште еднаш потврдувам – наместо мартинка, јас денеска сепак би одбрала Цецино колаче.

Фото: Фејсбук

[better-ads type='banner' banner='999' ]