Деца на 4 години ги командуваат родителите и јадат само пред екраните

„Нашето дете има пет и пол години и не сака да јаде ако не е седнато пред телевизор или телефон“; „Моето дете има четири години и одбива да јаде цврста храна, јаде само блендирано. Ако не му дадеме блендирано, не удира“ … Ова се само два примери од праксата на логопед Бојан Богдановски.

0
876

Откако го објавивме текстот за феноменот „не си ги разбирам децата, зборуваат англиски“, за кој свој став ни даде логопед Симона Василеска Николовска од логопедскиот кабинет „Среќичка“, добивме мислење од уште еден експерт, а тоа е Бојан Богдановски, клинички логопед – специјалист.

Дека таа појава за која зборуваме, односно, тоа што сè повеќе деца прозборуваат на англиски, зборуваат англиски, а својот мајчин јазик го зборуваат на англиски акцент, е навистина присутна, потврдува и логопедот Богдановски со примери од својата пракса,

„Точно е, зголемен е бројот на деца кои проговоруваат на англиски јазик, а сè уште доцнат во усвојувањето на мајчиниот јазик“, вели Богдановски, а причините за ова ги лоцира во тоа што уште од најмала возраст, додека ги хранат, родителите им пуштаат на децата да гледаат цртани на странски јазик. Затоа, вели, тој не треба да се чудат зошто детето не јаде самостојно и зошто детето говори на странски јазик, а не на својот мајчин јазик.

„Детето на три години и постара возраст треба само да се храни користејќи лажица, да внесува тврда храна, а најмалку да биде изложено на модерна технологија во тој период, кој во суштина и е најзначаен за говорно – јазичниот развој кај детето.

Во секојдневјето секој од нас се среќава со мали деца од четири – пет години кои одлично говорат англиски јазик, а својот мајчин јазик скоро и да не го употребуваат, а ако го употребуваат тој е аграматичен и исполнет со странски зборови. Родителите оваа состојба ја сметаат за одлична, сметаат дека нивното дете е екстра талентирано, дека е напредно и дека живее таман како што треба во 21-от век, додека логопедските кабинети ги надминуваат своите капацитети и не постигнуваат со работа, токму поради овие состојби“, тврди Богдановски.

Тој не спори дека е голема предност и богатство да се познаваат и говорат странските јазици, но во тој случај кога човек има веќе одлична говорно – јазична основа, односно кога веќе го има усвоено и одлично го употребува својот мајчин јазик.

„За едно мало дете, особено кога се наоѓа во периодот на говорно – јазичниот развој, усвојувањето на странските јазици за време на усвојувањето и развојот на мајчиниот јазик доведува повеќе до патологија во вербалната комуникација, отколку до бенефити за академските вештини“, вели нашиот соговорник и наведува неколку причини зошто се случува ова.

Изложеност на модерна технологија

„Ова е проблем со кој секојдневно се среќавам во логопедската пракса. Родителите ги носат децата на преглед со телефон или таблет во рака, при што детето гледа некој цртан на странски јазик, а кога јас и моите колеги ќе ги прашаме нешто децата или не не забележуваат од што се затворени во тој модерно – дигитален свет или ни одговараат на привидно усвоениот странски јазик. Кога ќе ги прашаме родителите зошто ги изложуваат децата на модерна технологија, најчесто следат одговорите од типот: „сите деца користат телефон“, „сега е 21-ви век, детето треба да оди напред со технологијата, луѓето плаќаат за да учат, моето самото си учи“, „немаме време кога да играме со него, на работа сме, па мора да има со нешто да се занимава“ и милион други изјави кои сведочат за носењето на детето кон патологија во вербалната комуникација“, објаснува Бојан.

Потоа следи логопедскиот преглед и дијагностика кои им укажуваат колку модерната технологија си го направила своето. Нешто што се забележува прво е именувањето на предметите на странски јазик.

„На пример, го прашуваме детето која боја е оваа боичка (зелена боичка), а детето одговара „green“, или пак му покажуваме слика со куче, а детето одговара дека тоа е „dog“. Но генерално проблемот не e само во тоа што детето користи само англиски зборови, туку тоа што и говорот е неразбирлив, постојат артикулативни нарушувања, нарушувања на фонематскиот слух, аграматизам, недостаток на концентрација и внимание, недостаток на имагинативна игра, нарушување на манипулативната спретност на прстите од раката (детето го држи моливот со цела рака, наместо со три прста, фаќа ситни предмети со цела рака, наместо со палецот и показалецот, нарушена е графомоториката) и други нарушувања.

Најголемата пречка за напредокот на детето и подобрувањето на неговата состојба е тоа што и кога ќе започне со логопедски третман, детето е сè уште изложено на модерна технологија, што е лесно забележливо за нас, стручните лица. Кога ќе им го посочиме повторно ова на родителите, тие најчесто се бранат дека дома детето веќе со денови, недели и месеци не е изложено на модерна технологија, не сфаќајќи дека ние им посочуваме на тоа, пред сè, за доброто на нивните деца“, објаснува логопедот.

Несоодветно воспитување на децата и недостаток на авторитет

„Доволно е да се вратам на прегледите од изминатата недела, не повеќе, за да потврдам колку оваа состојба е зачестена. Родителите за време на прегледот се „расправаат“ и се убедуваат со своите деца за тоа дека треба да јадат цврста храна, а овие пак ги условуваат со тоа дека за да јадат, мора да им се пушти цртан филм на странски јазик, и покрај тоа што децата веќе имаат четири, пет, шест и повеќе години. Една мајка ми кажа: „Моето дете има четири години и одбива да јаде цврста храна, јаде само блендирано. Ако не му дадеме блендирано, тој ден не сака да разговара со нас и не удира“, додека пак други родители ми велат: „Нашето дете има пет и пол години и не сака да јаде ако не е седнато пред телевизор или телефон“. Иако, можеби навидум овие состојби за некого изгледаат наивно и смешно, тие се секојдневен проблем и тешкотија.

Пред сè, активноста и добрата развиеност на говорниот, како и на системот за џвакање, е предуслов за добар говор, односно говор без артикулациски нарушувања, кој е тесно поврзан со начинот на исхрана. Потоа, да го наведеме фактот дека родителите ги хранат своите деца додека тие гледаат цртани на странски јазик, а потоа се чудат зошто детето не јаде самостојно и зошто говори на англиски, а не на својот мајчин јазик. Детето на три години и постара возраст треба да се храни самото користејќи лажица, да внесува тврда храна, а најмалку да биде изложено на модерна технологија во тој период, кој во суштина е најзначаен за говорно – јазичниот развој кај детето.

Од друга страна да го посочиме и несоодветното воспитување на децата, како и недостатокот на авторитет. Во прв план, родителот е тој кој на детето му го дава телефонот во рака уште од најмала возраст, се чуди како неговото дете така одлично го има совладано странскиот во однос на мајчиниот јазик, па потоа тоа го смета за „талент“.

Но кога детето ќе тргне во градинка, родителот веќе го споредува своето дете со другите деца од градинката и забележува дека неговото дете доцни во развојот на говорот и усвојувањето на мајчиниот јазик, па доаѓа времето кога треба се посети логопед.

Една мајка ме праша „Зошто да му ускратувам на моето дете да гледа цртани, кога подобро е сега на три години да научи англиски, отколку подоцна да посетува курсеви. Плус ако не му дадеме да гледа цртани се лути и не удира, па потоа не сака да јаде“. Тоа укажува дека несоодветното воспитување и недостатокот на авторитет заземаат сè поголем замав.

Важно е да споменеме дека кога зборуваме за авторитет не мислиме за вербално вршење притисок или за насилно однесување врз детето. Овие две нешта се целосно забранети во процесот на воспитување. Авторитетот подразбира да бидете најголеми другари со вашето дете, да му нудите огромна љубов и внимание, но истовремено да му укажете дека вие сте тој на кој можат да се потпрат и да му веруваат кога вели дека треба нешто да направи, односно кога ќе каже дали нешто може или не може“, објаснува Богдановски.

Билингвизам

Уште една причина за забавен говорен јазик е и билингвизмот, односно двојазичноста.

„Најчесто е присутен во семејства каде родителите се од различна националност и говорат пред детето на различни јазици, деца припадници на национални малцинства, деца изложени на два јазика дома и во градинка. Билингвизмот може да го успори развојот на говорот во говорно – јазичниот период, а поради тоа се препорачува во овој период на детето да му се посветува големо внимание и доволно време и пред детето да се говори само на еден јазик“, вели нашиот стручен соработник.

Развојни нарушувања на говорот и јазикот

Развојните нарушувања на говорот и јазикот пак, како што се оние кај аутизмот и развојната дисфазија, се препознатливи по тоа што постои ехолалија (повторување на веќе слушнатото).

„Овие деца и покрај тоа што сè уште го немаат усвоено мајчиниот јазикот, веќе говорат фрази на странски јазик кои ги слушнале на телевизија. Сепак, за разлика од децата кои се изложени на технологија и немаат нарушувања во развојот, овие деца фразите на странски јазик не ги употребуваат како функционален говор, туку како ехолалија, која може да биде моментална или одложена. Најчесто интересот го пронаоѓаат во цртани и во предмети како што се диносауруси, планети, итн. “, завршува Богдановски и им порачува на

родителите да не ги изложуваат своите деца на модерна технологија и на странски јазик, правилно да го говорат мајчиниот јазик и своето слободно време максимално да им го посветат на своите деца, бидејќи тоа е предуслов за здрав детски развој. И секако, ако се сомневаат дека има некаков застој или нарушување во говорот кај нивните деца, да не чекаат, туку веднаш да побараат стручна помош од логопед.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]