Утре (сабота, 5 мај), над 500 деца од сите основни училишта од Скопје ќе го почнат викендот на Скопскиот маратон со „Детскиот мини маратон“ испраќајќи порака за создавање училишта без насилство.
Ова е втора година откако УНИЦЕФ соработува со Унијата на спортови од Скопје кои се организатори на Виз Ер Скопски маратон со цел да ја вклучи пошироката заедница во иницијативи што се важни за здравјето и благосостојбата на децата.
„Занимавањето со спорт е одличен начин да се канализира енергијата и да се зајакнат некои важни доблести кај децата, како што се, доследноста, соработката, взаемната почит, здравиот натпреварувачки дух и самодовербата“, вели Бенџамин Перкс, претставник на УНИЦЕФ.
„Драго ни е што оваа година Детскиот мини маратон го свртува вниманието на потребата да се негуваат овие исти доблести во образованието за да се спречи насилството во училиштата“.
Според УНИЦЕФ, насилството во училиштата го одразува она што се случува дома и во пошироката заедница. Безбедни училишта не се случуваат туку така; нив ги создаваат и одржуваат луѓе кои се посветени на обезбедување позитивни и полни со взаемна почит односи и околина. Ова бара преземање акција од страна на сите – децата, наставниците, другите вработени во училиштето, родителите и пошироката заедница.
„Спортот има моќ да ги привлече и да ги мотивира луѓето, да го насочи вниманието на важни работи и да ги вклучи сите“, вели Кире Синадиновски, директор на Виз Ер Скопски маратон.
„Тоа е духот и на Детскиот мини маратон – да им се даде на децата можност да учествуваат и да го привлечат вниманието кон работи што им се важни“.
Детскиот мини маратон 2018 ќе започне во 10 часот, во сабота на 5 мај, во паркот Авионче во Ново Лисиче во Скопје. Настанот ќе го отвори легендарната маратонка од Велика Британија Паула Редклиф.