Децата кои живеат опкружени со зеленило имаат дури 55 отсто помали шанси како возрасни да развијат некоја ментална болест, вели истражувањто кое го пренесува Дејли Меил.
Имено, како што тврдат научниците, зеленилото во опкружувањето на децата помага во развивањето на социјалните вештини и поттикнува на физичка активност, што го подобрува когнитивниот развој кај децата, а тоа пак позитивно делува на менталното здравје.
За ова истражување научниците користеле податоци кои ги собирале преку сателитите над зелените површини околу домовите на речиси милион Данци, помеѓу 1985. и 2013.година. Тие податоци се користени за набљудување на ризиците од развој на некои од 16 различни ментални болести, како што се шизофренија, депресија и анксиозност. А како што вели ова истражување кое е објавено во списанието „Proceedings of the National Academy of Sciences“, дури и ако децата кои растеле надвор од градот подоцна го сменат местото на живеење или социо-економскиот статус, шансите за ментални болести им се сѐ уште намалени.
Водителката на истражувањетоод данскиот универзитет Aarhus University, биохемичарката д-р Кристине Енгеман, вели дека шансите за ментални болести постепено се намалуваат пропорционално на тоа колку детето живее надвор од градот, од раѓањето до десетата година од животот. Таа нагласува дека бучавата, загадувањето, инфекциите и лошите социо-економски услов го зголемуваат ризикот од тие болести. Затоа научниците апелираат на архитектите на урбанистичките планови, да дизајнираат „позелени“ градови и така да помогнат да се подобри менталното здравје на жителите.
Фото: Pixabey