Мишел Дага одлучила да зборува за реалноста на одгледувањето на децата за време на пандемијата на ковид-19. Таа е мајка на едногодишно момче Џејли, кое го добила со својот партнер Џамин. Ова тричлено семејство живее во куќа со градина во Мелбурн, а поради коронавирусот, тие, како и многу други семејства, пропуштиле многу работи.
„Моето бебе неодамна наполни една година и помина половина од својот живот во карантин“, напишала таа во отвореното писмо пренесено од „Дејли меил“.
„Тој е изолиран дома со мама и тато веќе шест месеци. Никогаш не си играл со други деца, не погалил куче или имал можност да се извалка во природа. Сè уште нема сретнато голем дел од семејството, не посетил трговски центар и не поминал ден на игралиште”, додала Мишел.
Исклучително строгите мерки стапија на сила во Австралија од 2 август и нема да бидат олабавени барем до 13 септември. Во овој период, жителите на таа земја можат да патуваат само пет километри од својот дом, полицискиот час е во сила од 20 часот до 5 часот наутро, а луѓето можат да го напуштат домот најмногу на еден час дневно.
Мишел е свесна дека нејзината ситуација не е единствена, но истакнува дека тоа не значи дека не е тешка.
„Единствените лица што Џејли ги гледа се кријат зад маски. Тој нема идеја која храна расте на дрвја, а која од земја, знае само дека пристигнува во кутии и кеси и дека доставувачот ја остава на тремот”, објаснила таа.
Нејзиниот син го прославил својот прв роденден во друштво на мама и тато, а околу 20-тина членови на семејството се придружиле на прославата преку Зум.
„Кога започна карантинот, тој беше бебе, не знаеше како да ползи. Сега оди, разговара, веќе е личност и се смее. Иако е среќен, здрав и весел, имам чувство дека бара нешто повеќе и дека разбира дека нешто не е како што треба. Една недела се упати кон прозорецот и почна да покажува со прстот кон нешто. Видов два гулаби и сфатив дека ова е првпат тој да види птици“, пишува оваа мајка.
„Ништо не е нормално ако поминете половина живот во карантин. Ништо не е нормално во родителството за време на пандемија. Иако знам дека може да биде полошо, ова е далеку од едноставно. Милиони други го живеат истото секојдневие со нас. Не сте сами. Се надевам дека наскоро ќе можеме да ги рашириме крилјата и да ги научиме нашите деца да летаат“, заклучила Мишел.
Фото: Инстаграм/Фејсбук