Детско однесување: Отпорот кон училиштето не е детски инает, туку аларм

Децата кои ги задржуваат емоциите во себе можат да имаат промени во навиките со спиењето, апетитот и однесувањето заради анксиозноста предизвикана од промената.

0
603

Летото е при крај и за неколку денови почнува новата учебна година. Подготовките за училиште траат целата претходна учебна година, а претшколците полека се воведуваат во новиот свет. Први одвојувања од родителите, сите ги испитуваат за училиште, промени, ново друштво, сето тоа неминовно ја зголемува возбудата околу поаѓањето во училиште, а кај некои деца предизвикува дури и анксиозност и страв. Иако не знаат што ги чека, можат да насетат дека станува збор за нешто големо и важно.

Децата својата возбуда, анксиозност и евентуален страв ги покажуваат различно. Позборливите деца многу ќе испрашуваат и ќе сакаат да зборуват за училиштето, но оние кои своите мисли и чувства ги проживуваат во себе, можат да имаат промени во апетитот, спиењето, почести будења во текот на ноќта, со поинтензивни соништа и регресивно однесување, нервоза, агресивност. Всушност, сите однесувања кои веќе ги пребродиле и знаат да ги контролираат, сега сепак „истекуваат“ помалку надвор.

Пред сѐ, со детето треба да се разговара, да се разговара и уште малку да се разговара. Без оглед на тоа дали детето самото сака да зборува за училиштето, родителот може да ги сподели своите позитивни искуства, да раскаже некои случки или смешни ситуации. Од друга страна, родителот треба да биде внимателен и да не го охрабрува детето на тој начин што ќе му вели: „ма ти ќе биде супер во сѐ, „ќе растуриш“, сигурно ќе имаш само петки“, затоа што со тоа им се дава исклучителна важност на оценките и на успехот и со тоа правите притисок на детето. На детето треба да му се пренесе порака дека се важни одговорното однесување, трудот, заложбите, вежбата, но и забавата, пријателствата, дружењето, предизвикот, како и дека оценките не се огледало на детето.

Да се препознаат детските чувства понекогаш не е лесно, затоа што не се толку видливи надворешно, но преку препознавањето на овие знаци, може да се поттикне нивното изразување и да се создаде неосудувачко, сигурно опкружување за разговор. И формалните подготовки з ана училиште се многу важни и детето треба да биде вклучено во нив. Подготвувањето на простор за учење, купувањето училишна чанта и прибор, сето тоа ќе му даде на детето чувство на контрола и барем малку ќе го материјализира она што ќе дојде, а тоа е поаѓањето на училиште.

Сепак, некои деца ги доживуваат прилично стресно првите училишни денови. Освен што плачат и одбиваат да одат на училиште, можат да имаат главоболки, болки во стомакот, мачниви и други психосоматски тегоби.

Важно е родителите таквото однесување да не го сфатат како извлекување од учењето и обврските, особено ако трае подолго, туку како знак за помош. Сето тоа се показатели дека е детето под голем стрес и важно е да се открие причината. Можни причини се насилството од врсниците, чувството на неуспех и перфекционизам. Понекогаш се продолжува, детето не сака да се довери на родителот па добро би било да се побара стручна помош. Некои од начините на кои родителот може да му помогне на детето е да поминува што повеќе време со него додека не е во училиште, да го пофали кога ќе види дека се труди да го совлада стравот, да му помогне со совети ако е срамежливо и неуспева да се спријатели и да му обезбеди балансирана исхрана и доволно сон.

[better-ads type='banner' banner='999' ]