Детски филм синхронизиран на македонски и на албански јазик од денес во кината низ Македонија

Новиот дански анимиран филм „Неверојатната приказна за џиновската круша“ за огромното овошје што станува удобен брод за навигација на отворено море, синхронизиран на македонски и на албански јазик од денес во сите кина низ Македонија и онлајн на платформата www.cinesqure.net, истовремено во три земји

0
363

Шише со порака, семе засадено во земјата кое дава плод за само една ноќ, мистериозна спасувачка операција и, се разбира, пријателство на верни другари – сето тоа во новиот дански анимиран филм „Неверојатната приказна за џиновската круша“ за огромното овошје што станува удобен брод за навигација на отворено море.

Дистрибутерската куќа „Катавеј“ од Скопје од денеска (3 мај) ја носи оваа авантура до сите деца во Македонија синхронизирана на македонски и на албански јазик во киносалите во речиси секој град и онлајн преку платформата www.cinesquare.net.

„Неверојатната приказна за џиновската круша“ во режија на Филип Ајнстин Липски, Јурген Лердам и Амелие Несби Фик беше номиниран за најдобар детски филм во КПлус програмата во рамките на Берлинскиот филмски фестивал 2018.

Оваа приказна ги учи децата да фантазираат, да бидат пријатели, да помагаат и да бидат снаодливи и вешти. Тоа е приказна за две другарчиња – слонот Себастијан и мачката Мичо кои се впуштаат во морска авантура за да го спасат исчезнатиот градоначалник Џи Би, кому еден ден мистериозно му се губи трагата. Тие го совладуваат морето со нивната џиновска круша и во текот на нивната авантура ќе налетаат на пирати, змејови и чудни духови. Филмот е базиран на истоимената популарна книга за деца од Јакоб Мартин Стрид и е наменет за публика на возраст од 4 до 14 години. Трејлерот за филмот на македонски јазик можете да го погледнете тука, а на албански јазик тука.

„Катавеј“ по втор пат е организатор на голем меѓународен проект којшто под капата на програмата МЕДИА на Креативна Европа ќе се реализира во три земји, Македонија, Хрватска и Албанија откако лани успешно го реализираше синхронизираниот филм „Малиот гангстер“ кој го гледаа повеќе од 10,000 деца само во Македонија. Проектот меѓу другото, подразбира и проекции истовремено во трите земји на еден ист филм, синхронизиран на јазикот каде што ќе се прикажува.

Еден филм на три јазика, во три земји, во стотина киносали, на две онлајн-платформи со неограничен број можности за гледање на сите електронски уреди.

На овој начин се очекува филмот да достигне до поголем број гледачи комбинирајќи кино и онлајн дистрибуција. Овој смел бизнис модел се очекува да поттикне провокативни идеи и методи за промоција на филмовите на Балканот и пошироко.

Проектот „Катавеј онлајн и офлајн: Нови дигитални форми за филмска дистрибуција на Балканот 2“, кој беше поддржан на повикот за иновативни дистрибутивни модели од МЕДИА програмата на Креативна Европа, почна да се реализира од ноември 2017 каде во рамките на Фестивалот на европски филм „Синедејс“ беа прикажани германската драма „Фадо“ и детскиот „Рафи“.

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]