Единаесетгодишниот Камерон Жан-Пјер имал алергија на морска храна, но овојпат, за време на посетата кај неговата баба, не му помогнал спрејот за астма кој го користел за време на алергиските напади во минатото.
„Момчето не можеше да дојде до здив и да дише. Тогаш се јавив на 911“, изјавил неговиот татко, Стивен Жан-Пјер, во телефонското интервју со The Washington Post. Жан-Пјер изјавил дека неговиот син борејќи се за воздух, рекол: „Те сакам, тато. Те сакам. Се чувствувам како да умирам“.
Детето било однесено во најблиската болница, кадешто било прогласено за мртво.
Портпаролката на Канцеларијата на главниот медицински истражувач во Њујорк изјавила дека причината за смртта сé уште не е утврдена, но таткото на Камерон изјавил дека неговиот син починал откако го вдишал испарувањето од рибите што се готвеле на шпоретот.
Се проценува дека околу 6 милиони деца во САД се со алергии на храна, меѓу кои и на риби како што се лососот, туната и халибут, според центарот за истражувањето и едукација за алергии на храна.
И Адела Тејлор, која претседава со центарот за алергија и астма во Клиниката Мајо, исто така рекла дека е можна алергиска реакција на пареа или гасови произведени при готвење на морски плодови.
„Рибиниот протеин кој е одговорен за алергиските реакции е многу стабилен кога се готви“, изјавил лекарот за The Post.
„Објавените истражувања велат дека рибиниот протеин може да се открие во пареата и гасовите при готвење или обработка. Можно е лицето кое е изложено на пареата од готвењето, особено во затворен простор, да има алергиска реакција“.
Таа додава: „Постојат случаи на тешки алергиски реакции, вклучувајќи и анафилакса, од вдишување на гасови од готвење риба, но тоа е многу ретко“.
Ана Новак-Вегрзин, професор по педијатрија на Медицинскиот факултет во болницата Mount Sinai во Њујорк, исто така истакнала дека алергиската реакција нема да биде предизвикана само со мирис од алергенот, туку со вдишување на честичките во воздухот при готвење, испарување или печење. Новак-Вегрзин, кој е специјалист за алергија и имунологија, вели дека има пациенти кои се многу алергични на млеко и пријавуваат симптоми како што се кашлање и отежнато дишење при одење во кафуле.
Сепак, Новак-Вегрзин рекла дека е ова многу ретко.
„Треба да бидете многу, многу, многу алергични“, рекла таа.
Причината за смртта на Камерон сé уште се испитува за да се утврди дали тој навистина умрел од пареата од готвењето риба.
Фото: Pixabey