Кога имате деца, разводот не е лесен. Поранешниот маж, некогаш принц, сега е чудовиште. Поранешната жена, до неодамна ангел, наеднаш е вештица. Без оглед што вашата слика за долгогодишниот партнер е претворена во прав, за вашите деца мама и тато остануваат ангел и принц, еднакво важни како и претходно. Заради тоа, наспротив вашиот бес и фрустрација, таа врска мора да биде негувана и ненарушена, колку и да ве боли вас тоа.
„Вашето дете е половина вие и половина вашиот поранешен сопружник. Замислете како изгледа да го растргнете на средина“, вели Ерин Барбоса, клинички социјален работник. Затоа, секој пат кога ќе го нападнете другиот родител, детето чувствува како да сте нападнале дел од него.
Родителите често и не забележуваат кога пред децата ќе уфрлат некој злобен коментар за другата страна. Со тоа ја нарушуваат нивната самодоверба и ги повредуваат.
Дури и кога другиот родител не заслужува почит затоа што го занемарува детето, треба да се биде умерен со критиките, вели Барбоса и советува критиките да се изнесуваат со сочувство и без префрлање. „Како што расте и созрева, вашето дете само ќе сфати кој е вашиот поранешен/поранешна, не морате да му го сугерирате тоа“, вели таа.
„Запрашајте се зошто му зборувате нешто на вашето дете“, вели Келси Торгерсон, клинички социјален работник.
„Дали објаснувате нешто што се случило или само се жалите на бившиот сопружник? Секогаш водете сметка да зборувате поради вистински причини. Понекогаш децата се чувствуваат како да мораат да одберат страна, и емоционалниот стрес заради тоа може да им го одвлекува вниманието од други важни прашања како училиштето, пријателите и вообичаените детски интереси“.
Како и секогаш, клучот е во едноставноста. На децата треба да им се зборува само она што се должни да го знаат. Нивната главна работа е да бидат деца. Не мораат да знаат сѐ и не е нивна задача да ви помогнат да ја пребродите болката.
„Објаснувањата треба да ви бидат што поедноставни“, порачува Торгерсон.
Фото: Pixabay