Да се обидеме да им ја задржиме насмевката на нашите деца во времето на коронавирусот

Д-р Љубинка Дамјановиќ, специјалист психијатар во ЈЗУ Здравствен Дом Скопје при ЗМЗ Младост- Скопје советува како да се однесуваме кон децата во овој период кога секојдневно сме бомбардирани со вести, настани и случувања кои не само што не се со пријатна содржина, туку со содржина која нѐ загрижува и нѐ преплашува и нас возрасните.

0
231

Секојдневно сме бомбардирани со вести од светот, регионот и кај нас за актуелните настани поврзани со коронавирусот. Настаните и случувањата не се со пријатна содржина, туку со содржина која нѐ загрижува и нѐ преплашува и нас возрасните. Светот за првпат се соочува со овој вирус наречен ковид 19. Нѐ плаши неизвесноста, текот и последиците од неа. Ние можеме да раководиме со нашите чувства, постапки, да бараме решенија како да се релаксираме, како да собереме сила за она што следи, но децата сѐ уште ги немаат тие вештини за справување со стресот.

Стресната состојба поради коронавирусот делува и на реагирањето на најмалите, кои може да станат вознемирени, агресивни, агитирани, повлечени, да се јави ноќно мокрење… Затоа кон нив нашата реакција треба да е поддржувачка, во овие мигови да им понудиме повеќе внимание и грижа, да им ја покажеме нашата љубов.

На децата им е потребна љубота и вниманието од најблиските (родители, старатели, членови на пошироко семејство) секогаш, а особено во кризните времиња. Посветете им дополнително време поминато со нив, како и поизразена грижа кон нив. Ќе ни бидат благодарни!

Слушајте ги вашите деца за што зборуваат, објаснете ги нештата на едноставен начин и охрабрувајте ги да прашуваат за сѐ што ги интересира. Изнајдете можности за непрекината игра и одмор.

Битно е децата да бидат близу своите родители и членови на семејството и одвојувањето да биде само при болничко лекување и при тоа да има редовна комуникација (преку телефон) и посети ако е дозволено.

Секојдневната рутина да се задржи во граници на можностите. Да се создадат можности за продолжување со учењето преку онлајн и ТВ платформи, како и да се продолжи со детската игра и одморот.

Да се информираат за заштитата од коронавирусот правилно, како и доколку некој не се чувствува добро, да побараат помош и ако е потребно лекување во болница, да се објасни дека одвојувањето ќе биде со ограничено време, дека во болницата се грижат докторите и сестрите и дека после закрепнувањето сѐ ќе биде како и порано.

д-р Љубинка Дамјановиќ, специјалист психијатар
ЈЗУ Здравствен Дом Скопје при ЗМЗ Младост- Скопје

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]