Да, и тоа е можно: деца-насилници, родители-жртви

Булингот најчесто го поврзуваме со училиштето и со врсничкиот булинг, но се случува и родителите да станат жртви на булинг, а децата - мали насилници.

0
117

Гровер зборува од сопствено искуство за злоупотребувањето што го доживеал од своето дете: „Кога престанав да се трудам да го поправам моето дете и почнав да ја истражувам својата улога во поттикнувањето на неговото злоупотребувачко однесување, пронајдов одговори. Однесувањето на детето беше последица на мојата несигурност како родител“.

Кога зборуваме за насилството, повеќето од нас го поврзуваат со училиштето. Се грижиме за тоа дали нашите деца се злоупотребени во училишната средина.

Но, како родителот да го препознае сопственото дете насилник во сопствениот дом? Конфликтот помеѓу децата и родителите не е никаква новост. Децата ги тестираат границите, а родителите се секогаш во позиција на донесување одлуки, често за децата непопуларни и го изговараат она „не“ – кое децата не сакаат да го слушнат.

Кога детето го тестира родителскиот авторитет, и кога родителот поставува граници, детето се учи на самоконтрола. Поставувањето граници е клучно за здравиот емоционален развој на детето. Доколку овие граници не се јасно поставени, наскоро ќе се најдете на најдобриот пат да станете жртва на малтретирање, и тоа во вашиот дом, од сопственото дете.

Тестирањето на границите можеме да го опишеме како гњавење и досаѓање. Насилството, од друга страна, е агресивно, злонамерно и злобно, па вклучува вербални навреди, физичка агресија и провокативно однесување.

Насилниците во училишниот двор по ништо не се разликуваат од насилниците во семејниот дом. И едните и другите ги користат сите средства за да го добијат тоа што го сакаат. Имаат недостиг на емпатија и се заробени во нарцисоизам. Ќе ви се закануваат, ќе ве уценуваат додека не го добијат тоа што го сакаат. Сè додека ги пробиваат границите на однесувањето, односот родител-дете е осуден на пропаст. Повеќето родители се прашуваат кога нивното дете влегува во фаза на бунтовништво и станува „тешко“: Што се случи со моето преслатко, чувствително и послушно дете? Како да се спречи тестирањето на границите и барањето на независност да не премине во насилство?

„Почитувањето е најважна работа. Никогаш не му дозволувајте на детето да разговара со вас од висина. Во вашето семејство воспоставете комуникација со меѓусебно почитување и уважување. Научете го детето да го изрази своето незадоволство на конструктивен начин“, вели психијатарот Шон Гровер.

Децата не можат да ги изразат своите чувства со зборови, па им треба водење од родителите за да го научат тоа. Кај децата секогаш се очекува благ отпор, тие на тој начин учат да бидат асертивни и го откриваат сопствениот идентитет. Не сакате како родител вашето дете да биде премногу соработливо бидејќи би можело да стане мета на насилници. Насилството е показател на небалансиран внатрешен живот. Кога детето ќе ви се спротивстави, запрашајте се: Што всушност се случува? Дали е изморено, гладно, исплашено? Можеби има проблеми на училиште, со врсниците или со учењето? Обидете се да го лоцирате проблемот и со детето да го дефинирате и да го изговорите на глас.

Во критичните моменти, кога детето тргнува со нападот, не реагирајте. Вклучете пауза! Задржете ја контролата над ситуацијата, не возвраќајте агресивно инаку ќе покажете дека го одобрувате тој вид на комуникација во домот. Кога зборуваме за воспитување деца, запомнете го ова – децата впиваат 10 проценти од она што го зборувате и 90 проценти од она што го правите. Зависи и од тоа со какви родители вие сте растеле, па таков модел на однесување користите со своите деца, обрасците на однесување и комуникација ги пренесувате во вашето семејство. Поставете си го прашањето: Дали моите родители биле насилници? Дали ме запоставуваа и занемаруваа? Дали беа нарцисоидни?

Три вида родители што најчесто се жртви на насилство од страна на децата:

Родители со изразено чувство на вина – Што и да тргне на лошо, таквиот родител чувствува вина. За да си го олеснат тоа чувство, на децата им даваат преголема слобода и не им поставуваат граници.

Родител со тегоби – Секогаш е загрижен, а таа загриженост ја изразува преку постојана анксиозност. Децата ја доживуваат таа тегоба преку родителски реченици како што се: „Не ти верувам!“, „Не си лице на кое може да се потпрам!“, а последица е лутина и отпор кои детето ги чувствува кон родителот.

Родител кој сè ќе „поправи“ – Овој тип родител не може да поднесе да го гледа своето дете фрустрирано и постојано ќе го решава проблемот наместо него. Таквите родители се добронамерни, но резултатот од таквото воспитување може да биде застрашувачки. Детето станува зависно од родителот и во подоцнежниот животен период очекува мама и тато да решаваат сè наместо него. Децата имаат вродена потреба за развој на независноста и треба да бидат охрабрувани во тоа.

Родителите што работат на себе ретко стануваат жртва на насилство од страна на своето дете, а родителството бара постојан ментален и физички тренинг.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]