Покрај бабиците кои се грижеле за сигурноста на мајките и бебињата во текот на породувањето, од секогаш постоеле и жени кои помагале и ги правеле сите оние практични работи потребни во текот на породувањата, а особено внимание ѝ посветувале на емотивната состојба на мајката помагајќи ѝ да најде сила за ова интензивно искуство.
Имено, пред болниците да станат стандард, повеќето жени раѓале дома, а заедницата била вклучена во овој процес и родилката била опкружена со блиски жени, сестра, тетка, пријателка, мајка, баба или било која друга искусна жена. Сега, кога нашата култура тргнала кон целосна медикализација на бременоста и породувањето, се изгуби ова сестринство со кое биле опкружувани жените во минатото, во текот на породувањето.Како да заборавивме на тоа колку можат да бидат од помош женската сила и нежност, како да заборавивме на некои исконски работи и на тоа дека некои работи можеби сепак биле подобри во старите времиња.
Денеска, како и многу други работи кои повторно се враќаат на сцената, и ова „сестринство“ се обидува да се врати во игра преку некои нови современи жени кои себеси се нарекуваат дули, што на грчки значи „жена која служи“, буквално, „слугинка“, а денеска овој назив се користи за едуцирана професионалка која ѝ дава на мајката потпора пред, во текот и веднаш после породувањето.
„Најчеста причина поради која мајките ангажираат дула е стравот од приказните за искуствата на тие околу нив, или сопствените негативни искуства од претходните породувања. Желбата да се доживее породувањето онака како што е природно, со восхит и достоинство, се само некои од причините.
Исто така, родителите ангажираат дула доколку имаат некои тешкотии за кои сакаат адекватно да се подготват, на пример, сакаат да се ослободат од стравот и траумата од претходното породување, или едноставно сакаат што подобра подготовка пред поаѓање во болница“, објаснува нашата соговорничка Даница Ивановска Лепојевиќ.
Неа ја прашавме и зошто една жена одлучува да биде дула и каде се едуцира за да стане дула, бидејќи таа е една од трите дули и една од двете советнички за доење во Македонија.
„Мојата бременост и породувањето беа вовед во заинтересираноста која потоа се преобрази во голема љубов и професија, бидејќи она со што јас се занимавам сега, односно, мојата работа како инструкторка по пренатална јога, психолог, дула и советничка по доење е всушност и начин на живот“, вели таа.
Да се сака нешто од што повеќето жени се плашат, да се зборува со ентузијазам и љубов за нешто за што најчесто не се слушаат убави приказни, тоа е за неа дел од животот. Обуката за дула ја добила во првата, најголемата и најугледна организација на дули – DONA International и станала една од вкупно три македонски дули.
Инаку, Даница го основаше и работи во рамки на Женскиот центар Астарта кој постои од февруари минатата година.
„Од 1999.година почнав да вежбам јога, а од 2003.година почнав да се едуцирам и напредувам како наставник по јога. Од 2012. година, кога останав бремена, значи, од лична причина, почнав со пренатална јога. Се сретнав со сите непознаници, проблеми и потешкотии на бремените жени во нашата земја и воедно со начинот на кој се третирани во нашето општество кој е во голема мера нехуман и без почитување. Мојот цел феминизам се насочи тука и мојата работа со бремените жени доби посебно значење. Сѐ почна како часови по пренатална јога на кои со другата колешка, Анастазија Терзијева Илиева, која го работеше тоа многу подолго од мене се обидовме да им пренесеме многу повеќе од она што јогата може да им го даде. Притоа мислам на информации кои се актуелни во светот, пракси засновани на докази, добри пракси прифатени и препорачани од Светската здравствена организација и од другите институции кои се релевантни за овие прашања, обид да го отвориме прашањето за нивниот личен развој, психолошки развој низ овој период и колку е тоа важно натаму за нив во новата улога како мајка и за нивното бебе за кое тие треба да се грижат.
Од моето работење со бремени жени полека се издиференцираа работилници како надополнување на пренаталната јога и така дојде до контакт помеѓу мене, Маја и Ели (другите две дули). Тие дојдоа на една од моите работилници кога и самите беа бремени, а во исто време веќе имаа остварено контакт со здружението на дули во Србија. Во 2014. година Маја прва ја помина обуката, а потоа и јас и Ели.
На прашањето што е всушност дула, Даница вели:
„Дула е водич, едуцирана асистентка која овозможува индивидуално подготвување за вашето уникатно искуство низ породувањето. Таа е поткрепа на жената за време на целиот процес на породувањето и раѓањето, нудејќи ѝ докажани техники за олеснување и поддршка, за постигнување на побезбедно и позадоволително искуство. Таа е тука за жената и по раѓањето, кога најмногу ѝ е потребна помош. Битно е жената да сфати што ѝ треба и да сфати дека има право да побара да ѝ биде удобно и пријатно. Жените кои нé бараат се главно жени кои веќе имаат изграден однос кон себе, и кон својот начин на живеење, грижливи кон себе и кон светот, еманципирани, самостојни, кои не се срамат да побараат поддршка и не се срамат да кажат и да покажат дека им треба некој што ќе ги држи за рака или ќе разговара со нив. Кај нас бременоста и породувањето се на маргините, се доживуваат како нешто за што не се зборува, за што е најверојатно дека лошо ќе си поминеш ама дека треба да стиснеш заби и да издржиш. Нели, како сите, така и ти. .Ако речеш дека не си баш сигурен, дека имаш недоумици, дека не ти е јасно низ што точно минуваш, следува силна осуда и неприфаќање“, објаснува Даница.
Дулата како професија се појавила во 70,години од минатиот век, но кај нас, како и во БиХ и Црна Гора, па и во Србија, сѐ уште се во зачеток Ситуацијата е поинаква во Хрватска и во Словенија кадешто жените се активирале порано за подобрување на условите во родилиштата во кои дулите влегуваат без проблем и се прифатеми од страна на болничкиот персонал и поголемиот број дули се активно вклучени во поддршка на породувањето.
„Важно е да знаеме дека дула не е исто што и бабица. Бабицата е медицинско лице, има знаење и вештина да биде со жената во текот на породувањето и се грижи за тоа од медицинска гледна точка сѐ да помине добро. Дулата не е медицинско лице иако многу добро ја познава физиологијата на породувањето. Дулата е исто така и поддршка и помош за самата бабица, но никогаш не и нејзина замена, а исто така, и не присуствува на медицински неасистирано породување. Во светот постојат повеќе можности, па дулите може да присуствуваат на породувања во болници кадешто има и доктори и бабици и сѐ друго, може во родилни куќи кои ги водат само бабици, и може дома во присуство на бабица, или сама, додека целиот медицински тим чека пред врата, може да присуствува и на породувања со царски рез. Но кај нас тоа не е можно.
Маја е единствената која има присуствувано на породување како дула, тоа не е едноставно во Македонија. Во Белград исто присуството на дула на самото породување не е институционално дозволено. Кај нас има дозвола на породувањето да присуствува трето лице, најчесто е тоа таткото, но од друга страна тоа е оставено на некој начин на добра волја и интерни протоколи на самите родилишта. Поради тоа државните болници не прифаќаат дула, не прифаќаат всушност најчесто никого. Се случувало, секако, таткото да е присутен – за некои од тие случаи кога во прашање беа познати личности и се направија медиумски приказни, но тоа е навистина ретко. Од приватните болници, тие 4 што ги имаме, за 2 знаеме дека ќе прифатат и друг да биде присутен на самото породување, освен родилката и тимот. Од тие причини, засега со жените работам до моментот на породувањето. На некои од нив, иако имале желба, не им било дозволено присуство на дула. Ретка е шансата кај нас дулата да влезе во родилиштето, да биде присутна на чинот на породување и тука да ја оствари својата улога. Јас сум работела на подготовка на породување на различни нивоа и со различна длабочина и сеопфатност, со можеби стотици жени во последните 6 години. Кај мене доаѓаат или за пренатална јога или зашто слушнале дека постои дула и кај нас, или зашто знаат дека јас и Анастазија Терзијева Илиева сме единствените две советнички за доење во Македонија, а тоа последнава година ипол е сé поактуелно помеѓу трудниците. Така ме наоѓаат како наставничка по јога или советничка за доење, а потоа добиваат и сѐ друго“, вели Даница.
Таа вели дека породувањето кое е во полза на жената, на бебето и на природното, вклучувајќи ги тука самата грижа и нега за бебето и мајката и самото доење, се непрофитабилни, а сѐ што е контра на природното носи пари.
Оттука, а и од своето искуство како советничка за доење, Даница вели дека сме држава на силно медикализирано породување, па медицинските интервенции се повеќе пракса, отколку исклучок.
„Бројот на царски резови во пред неколку години беше 35 отсто, а во некои родилишта, вклучително и во некои државни во одредени периоди надминува и 50 отсто. СЗО препорачува стапка од 12 до 13 отсто, но ретки се земјите кадешто е тоа во граници на нормала.
А и кога станува збор за доење, статистиката од 2015.година вели дека имаме само 25 отсто ексклузивно доени бебиња (до 4 месец), а препораките се бебињата да бидат ексклузивно доени до крај на 6 месец. Кај нас жените не знаат дека доењето може да е тешко и болно, не се информирани за тоа како и за вистинското значење и важност на доењето, па многу брзо се откажуваат. Се разбира, вината за бројот на царските резови, а и за дохранувањето на бебињата и лесното откажување од доењето, не ги лоцирам првенствено кај жените кои се неедуцирани, исплашени и збунети. Постојат и многу митови во врска со породувањето и доењето, кои се неточни, а и понатаму доминантни.
На пример, дека лесно се губи млеко, дека единствена причина што бебето плаче е гладно и треба ведна да му се даде дохрана, дека треба да се храни на 3 часа – ништо од сето ова не е точно, но сѐ влијае врз самодовербата на мајката дека може да го воспостави и да го одржи доењето. Истовремено имаме и силен маркетинг кој лесно ја продава АД формулата, која е медицински препарат и не би требало да се дава освен ако нема медицински индикации дека е потребно, жените ја купуваат на своја рака, а лекарите ја препишуваат и премногу лесно, такашто голем удел во тоа има и медицинскиот персонал кој од една страна, не знае доволно за доењето, а од друга страна, му робуваат на ПР-от и приходот на големите фармацевтски и прехрамбени компании.
Кај нас сѐ уште не се зборува толку за поврзаноста помеѓу недоењето и појавата на одредени болести на подоцнежна возраст како што се астмата, дебелината, дијабетесот, мозочни и срцеви удари, иако приказната за микробиомот заснована на сериозни истражувања во светот е јавна тајна веќе неколку години. Се обидуваме да им кажеме дека доењето не секогаш е песна, но се обидуваме да им ја дадеме реалната слика за да не бидат затечени“, раскажува нашата соговорничка.
Инаку, истражувањата кои биле спроведени над 16 илјади жени ширум светот ги докажале позитивните ефекти од постоењето на дулите. Жените кои имале придружба од дула имале 45% помалку царски резови, 40% помалку породувања се завршени со помош на инструмент (вакум, форцепс), 30 отсто помалку жени барале лек против болки, вклучително и епидурална анестезија. Во Велика Британија и во САД дулите се покриени со здравственото осигурување и има многу организации кои ги сертифицираат дулите, а ги препорачува СЗО.
Драгица Христова