Движењето наречено #NoVaxNoVisit („Нема вакцини, нема посети“) станува сѐ попопуларно во светот, особено на социјалните мрежи. На ова движење му се приклучуваат родителите кои близу своите новороденчиња не сакаат ниту деца, ниту возрасни кои не се вакцинирани од голема кашлица. Своето искуство го споделила една мајка на која ваквото движење ѝ било смешно сѐ додека и самата не останала трудна.
„Додека бев трудна, сопругот ме праша дали ќе бидам еден од тие родители. Му одговорив потврдно и го натерав да истражи сѐ за тоа што може да им се случи на малите бебиња во случај да се заразат од голема кашлица (магарешка кашлица). Пребарувањето по интернет набрзо го претвори и него самиот во еден од тие родители“, раскажала таа.
„Тоа ни беше уште поважно затоа што нашиот син е роден 10 недели порано и првите два месеци од животот ги помина во болница. Заради слабиот имунитет, медицинските сестри и лекарите ни нагласија дека е важно да бде вакциниран, и тој и децата кои ќе бидат во контакт со него“, рекла мајката.
„Бев многу загрижена затоа што во нашиот живот постоеја луѓе кои беа противници на вакцинирањето и ниту тие, ниту нивните деца не беа вакцинирани. Морав да најдам начин да го заштитам своето дете. И затоа одлучив дека никој кој не е вакциниран не смее да го посетува првите шест месеци. Некои од пријателите беа збунети и повредени од таа одлука, но повеќето ги сфаќаа причините за нашата загриженост“, изјавила мајката.
„Секогаш кога ќе почневме да ја преиспитуваме својата одлука, ќе се сетевме на времето што го поминавме во болница со нашето бебе. Знаевме дека не сакаме да се вратиме таму никогаш повеќе. Дури и по цена на пријателството“, порачала таа.
Фото: Pixabey