Разводот е при врвот од листата на стресни состојби и за двајцата партнери, без оглед на тоа што едниот секогаш мисли дека на оној другиот му е полесно.
Кај нас често може да се прочитаат податоци за тоа колку разводи годишно се случуваат, во кој град има најмногу разводи, и слично, но многу малку се пишува за тоа зошто двајца кои се сакале кога ќе се разведат, односно, кога ќе престанат да се сакаат, во повеќето случаи стануваат смртни непријатели. Во тоа смртно непријателство, за жал, живеат и деца, невини жртви на разводот на своите родители. Во светот живеат милиони вакви деца.
Некои статистики на светско ниво покажуваат дека децата во 90 отсто случаи, после разводот ѝ припаѓаат на мајката. Кај нас децата не ѝ припаѓаат на мајката само во два случаи, кога е мајката неспособна да се грижи за детето, и ако се утврди дека со своето однесување му го загрозува животот на детето. Во сите останати случаи, без оглед на тоа како законот ја регулира оваа област, детето ѝ припаѓа на мајката.
Што се однесува на децата, како и да се однесуваат родителите, бебињата безболно минуваат низ фазата на разводот, на децата од 7-8 години е можно да им се објаснат причините за разводот, додека децата постари од 10 години и тинејџерите, можат да се солидаризираат со едниот родител и кон оној другиот да покажуваат голема агресивност.
Многу малку двојки можат да постигнат договор околу заедничките деца, односно, договор за тоа како ќе се однесуваат после разводот, и кои успеваат да им покажат на своите деца дека и натаму ги сакаат, без оглед што повеќе не се сакаат меѓу себе.
Во повеќето случаи децата при разводот добиваат статус на брачен имот, иако се неделиви. Двајцата родители можат да се однесуваат неодоговорно кон децата, но бидејќи децата, како што знаеме, им припаѓаат главно на мајките, има многу случаи кога мајките ги користат за да им се одмаздат на бившите мажи. Па така, отворено им зборуваат на децата лошо за таткото, не им дозволуваат да се гледаат со него и се служат со сите можни трикови за да го спроведат ова во дело.
Ваквите мајки ќе им зборуваат на своите поранешни партнери дека не заслужиле да си ги гледаат децата, особено ако тој има нова врска или брак – дека нема да дозволат детето да го поминува времето со некојаси таму, ако добил уште деца, дека сега има „нови“ деца, а неговата љубов кон детето ќе ја мерат исклучиво преку висината на алиментацијата.
На децата ќе им зборуваат дека таткото не смеел да им го направи тоа, дека татко им повеќе не ги сака, дека има „нови“ деца, ќе лажат дека таткото нема време, ќе ги учат децата да го мерат својот однос со таткото исто така, преку парите, ќе им зборуваат најлоши работи за човекот со кој живееле до вчера и со кој имаат дете.
Ако сте една од ваквите мајки, дали понекогаш се прашувате како вашата страст која сте ја претвориле во агресија кон поранешниот сопруг може да биде толку силна за да го занемарите тоа дека тој човек е татко на вашето дете, дека сте вие таа која го одбрала да му биде татко на вашето дете, и како не помислувате дека со тоа најголема штета му нанесувате на вашето дете?
Треба да знаете дека детето, дури и кога не ви го кажува тоа затоа што најчесто не смее поради вашата реакција, таткото постојано му недостасува. И дека еден ден, кога ќе порасне, и кога самото ќе може да одлучува дали ќе го гледа таткото или не, сето тоа може да ви се „удри“ од главата и да се сврти против вас.
Појдете од себе, вие не го сакате својот поранешен маж, можеби и го мразите, но го сакате своето дете. Зошто мислите дека и тој не може да го сака своето дете, ако не ве сака вас? Вие и вашето дете не сте едно, а тој му е татко, исто како што сте му вие мајка и сакала да си признаете или не, детето е ваше заедничко дело.
Ако го сакате своето дете, нема да дозволите Центарот за социјална работа да ги организира и одредува видувањата на детето со таткото туку самите ќе се договорите за тоа гледање кое не би требало да се сведе на секој втор викенд или секое второ летување, туку треба да се случи тогаш кога таткото и детето го сакаат тоа.
Ако сте од оние мајки кои на поранешните сопрузи постојано им забележуваат дека нивната одговорност кон децата е многу помала, веднаш престанете со ова затоа што детето ви припаднало вам, живее со вас, па е сосема логично дека вашата одговорност е поголема. Таткото е првенствено физички оневозможен да учествува повеќе во одгледувањето и воспитувањето на детето.
Кога станува збор за татковците, после разводот можат активно да учествуваат во воспитувањето и одгледувањето на детето, може да се случи да му се посветат на детето повеќе токму поради тоа што не живеат со него, а секако, може да се случи и да престанат да се интересираат за детето и да ги занемарат своите обврски! Но тука не станува збор за ова, туку за тоа дали сте од таа сорта мајки која на таткото кој САКА учествува во одгледувањето на детето, му го оспорувате тоа само затоа што вие двајца повеќе не сте заедно.
Не заборавајте, детето не учествувало во вашиот развод, не е виновно за истиот па не смее да биде ни „колатерална штета“ на тој развод.
За да порасне во психички стабилна личност, не смеете да правите ништо што дополнително ќе го поремети, покрај фактот што неговите родители повеќе не живеат заедно.
После разводот, во животот на детето доаѓа до големи негативни промени – таткото повеќе не живее во до вчера заедничкиот дом, ако ви припаднало вам, вие сте одговорни и за тоа како детето ќе го преболи сето тоа и како ќе се навикне на новата ситуација.
Соработувајте со таткото на детето, не го исклучувајте од животот на детето, а на детето објаснете му дека тоа во никој случај не е одговорно за разводот и дека татко му и натаму го сака како и претходно, без оглед што вие двајца не можете, поради која и да е причина, да живеете повеќе заедно.
Дозволете му да му се јави на таткото кога и да посака, не му велете во името на таткото дека е зафатен, дозволете му да се гледа со него кога и да посака, па дури и секој ден, доколку детето го сака тоа, едноставно, дозволете му на детето да има татко.
Секако, доколку доброто на вашето дете е над вашата повреденост, и доколку сами на себе не сте си најважни, поважни дури и од вашето дете. Бидејќи, секое поинакво однесување од ваша страна, го зборува токму тоа, дека вие сте си најважни, дури и поважни од вашето дете, без оглед што велите, а можеби сте и убедени дека сето тоа го правите за детето, а не за себе!
Фото: Unsplash