Среде пандемија, се повеќе се размислува за хигиената на просторот и рацете и за тоа колку е ова важно за имунитетот и борбата против разни предизвикувачи на болести.
„Претерувањето со чистењето не е идеално за развој на имунитетот на бебето, како и нечистењето, што може да биде извор на инфекции, алергии и да предизвика многу болести“, вели педијатарката Џована Армано и нагласува дека бебето нема развиен имунитет, затоа мора да биде во чиста, но никако стерилна средина. „Значи, просторот каде што е бебето, мора редовно да се чисти и одржува и да се проветрува и навлажнува“, советува педијатарката.
Мајките треба да воспостават рамнотежа помеѓу потребата за целосна, речиси стерилна средина и животот со сознание дека бактериите се насекаде околу нас и дека не можеме да избегаме од нив. Чувањето на бебе или мало дете во целосно стерилни услови нема никаква смисла, бидејќи детето постепено мора да развие имунитет. Бебето е претежно во неговото креветче, количка, а родителите обично внимателно ги мијат рацете пред да го земат бебето во раце. Доенче кое ползи и самостојно вади играчки и разни други предмети од околината, веќе е повеќе изложено на разни предизвикувачи од животната средина, „што не е сосема лошо“, вели Армано, нагласувајќи: „секако доколку нема ништо опасно или токсично во околината, тоа постепено се навикнува и развива малку од сопствениот имунитет “.
„Ако детето постојано се чува во „стерилни“ услови, тоа нема да развие свој имунитет и ќе развие сериозни болести во подоцнежниот живот во контакт со банални предизвикувачи“, истакнува педијатарката.
Зачувајте го здравјето со паметно, но не и прекумерно чистење
Следува прашањето што ги мачи сите нови мајки, како да се заштитите од болестите шти ги предизвикуваат лошите бактерии, вируси и микроби? Што се однесува до домот, не е важно прекумерното чистење, туку насочено и навремено. „Доенчето и детето, кое почнува да ползи, го поминуваат поголемиот дел од денот на подот, играјќи, па секако им треба и чиста подлога на која ќе седат“, советува Армано. Површината на која игра детето треба редовно да се чисти и да се мие. На неа не треба да има прашина за да не биде погодно тло за грињи кои се многу алергени.
Многу е важно, особено сега за време на ширењето на коронавирусот, редовно да се мијат подовите и да се чистат, а мајките треба да обрнат посебно внимание на декларацијата и да ги побараат оние средства за дезинфекција на кои пишува дека докажано го уништуваат вирусот што предизвикува ковид-19. На мајките грижата ќе им ја олесни фактот дека постојат средства за дезинфекција за кои е докажано дека убиваат 99,9% од бактериите како што се E. Coli и вирусот САРС-CoV-2
Покрај подовите, мајките треба да обрнат посебно внимание на чистењето и хигиената на кујната и бањата.
„Храната се подготвува во кујната и одржувањето на хигиената во неа е особено важно. Обичната вода нема да биде доволна. При подготовка на храна, делови од храната може да останат на површините кадешто се подготвува или на подот околу местото на подготовка. На нив бактериите и габите можат да се размножуваат. Затоа овие површини мора редовно да се чистат и мијат, но и да се дезинфицираат“, вели педијатарката Армано.
Драги мајки, имајте на ум дека болестите што се пренесуваат преку храната секогаш се ризик, затоа површините во кујната, а особено даските за сечење храна, треба да бидат чисти.
Бањата е дел од станот каде семејството одржува лична хигиена, и таму дефинитивно е потребно, покрај редовното чистење и миење со вода и дезинфекција на сите санитарии.
Нема научни податоци за тоа колку често треба да се менува постелнината и облеката на бебињата, но педијатарката Армано советува редовно да се менува и да се прави од природни материјали и нагласува дека не е добро претерано да се користат омекнувачи, бидејќи тие можат да предизвикаат алергии на кожата.
Текстот е од ТУКА.
Фото: Pexels