Терминот „sharenting“ потекнува од комбинацијата на зборовите „share“ (споделување) и „parenting“ (родителство) и го означува трендот на прекумерно споделување лични податоци на детето од страна на родителите на социјалните мрежи.
Постојат три типа родители на социјалните мрежи, а тоа се: родители за кои не ни знаете дека станале родители затоа што не објавиле апсолутно ништо, родители што знаете дека се родители затоа што еднаш објавиле фотографија од мало стапало за да ја споделат радосната вест со дигиталниот свет и родители за чии деца знаете повеќе отколку за себе бидејќи редовно објавуваат фотографии од нивното малечко од првиот ден кога се родило, за да знаете во која болница е родено и како поминувало времето до појавата на неговиот прв заб.
Иако од една страна е разбирлива потребата на родителите да се фалат со најсреќните моменти од нивниот живот во врска со нивното дете, од друга страна понекогаш ни се чини дека таквите родители живеат во свет каде што социјалните мрежи не се јавни, во свет каде што не постојат грди работи, свет кадешто нешто „не се случило ако не било на социјалните мрежи“.
Без разлика дали тоа е само фалба, споделување среќа со блиските (иако, само затоа што нечиј профил е приватен не значи дека не можете да добиете информации) или едноставно покажување, ќе го оставиме како индивидуално прашањето чии одговори ќе ги знаат само родителите.
Но, Healthy Children неодамна објавија пет прашања на оваа тема кои родителите треба да си ги постават пред да објават информации и фотографии за своето дете, велејќи дека има две работи кои треба да се земат предвид. Првиот е фактот дека ништо на интернет не е приватно и дека никогаш ништо не може да се избрише „до крај“, а второто е правото на детето на неговата приватност.
Пред да споделите фотографии од вашите деца на социјалните мрежи, запрашајте се:
Зошто?
Најважното прашање е зошто сакате да објавите нешто бидејќи не се работи за информации за вас туку за вашето дете. Пред да објавите и да ја испратите содржината низ светот, запрашајте се зошто сакате да ја објавите.
Дали би сакале некој да го сподели тоа за вас?
Можеби сте приватно лице, а можеби сакате да ги споделувате вашите информации на социјалните мрежи, но пред да објавите запрашајте се дали би сакале она што го споделувате за вашите деца да биде споделено и за вас. Доколку споделите фотографија од дете во полугола состојба на плажа, запрашајте се дали би објавиле ваква фотографија од себе? Ако вашите деца се доволно возрасни, прашајте ги и нив.
Дали на детето ќе му биде непријатно во иднина?
Се разбира, речиси секој родител во одреден момент ќе раскаже приказна со која ќе го засрами сопственото дете, на пример, кога ќе се запознае со неговата девојка или нејзиното момче. Но, едно е да му се раскаже нешто на едно лице, а друго е да го споделите со целиот свет.
Има ли некој на овој свет кој не треба да ја види таа фотографија?
Ако одговорот на прашањето е не, тогаш не го објавувајте. Сè повеќе работодавци, училишен персонал и идни потенцијални романтични партнери еден ден ќе бараат информации за вашето дете на интернет. Ако пребарувањето може да му наштети на вашето дете на кој било начин во иднина, не објавувајте.
Дали сакате тоа да биде дел од дигиталниот отпечаток на вашето дете?
Како одредена објава го прикажува вашето дете? Можеби сакате другите да го доживуваат како паметен, успешен, љубезен и добродушен? Дали тоа што го објавувате ќе придонесе за тоа или не?
Тинејџерите не се воодушевени
Едно истражување покажало дека децата се прилично лути и фрустрирани зради објавите што ги споделуваат нивните родители.
Во студијата спроведена на илјада деца во Велика Британија, на возраст од 12 до 16 години, дури 71,3% од тинејџерите рекле дека нивните родители не им дале доволно приватност кога станува збор за нивниот дигитален идентитет, а 39,8% рекле дека се срамат од фотографиите кои биле бјавени од нивните родители.
Фото: Unsplash