Децата денес живеат во премногу чисти, некои во речиси стерилни услови, и тоа не е добро за нивното здравје.
Научникот Џек Гилберт, кој е и автор на книгата „Нечистотијата е добра: предноста на бактериите за развојот на имунолошкиот систем на вашето дете“, започнал да ги проучува „опасностите“ од бактерии откако го гледал неговиот син како си игра надвор: „ќе излезевме надвор, а мојот син сакаше да си игра во кал, но штом ќе се извалкаше, носевме влажни марамчиња или антибактериски средства за дезинфекција на раце и се грижевме нечистотијата да не дојде близу до неговото лице“, вели тој, додавајќи дека истото важи и за домашните миленици: „Се разбира, во ред е да ги миете рацете по играта со кучето, но ако кучето го излиже лицето на детето, тоа не е толку критично како што мислат многу луѓе“.
Која е предноста да му дозволите на детето малку да се извалка? Како прво, нагласува Џек, намален ризик од алергии. Иако развојот на технологијата и модернизацијата овозможија подобар животен стандард, тие исто така ја загрозија и силата на имунолошкиот систем на детето: „Во минатото јадевме многу повеќе ферментирана храна која содржи бактерии. Дозволувавме децата да бидат изложени на животни, растенија, кал и земја секојдневно. Сега, поминуваме повеќе време во затворени простории. Ги стерилизираме сите површини и затоа имунитетот на децата стана хиперсензибилен“.
Тој, исто така, нагласил дека родителите можат да го подобрат имунитетот на своите деца ако не трчаат насекаде по нив со антибактериски и влажни марамчиња. Тој, исто така, ги советува родителите да им обезбедат на своите деца доволно лиснат зеленчук и растителни влакна и да го ограничат внесот на шеќер на дневна основа колку што можат повеќе. Затоа, следниот пат кога вашето дете сака да скокне во калта додека си игра надвор, запомнете дека тоа не само што е во ред, туку е и препорачливо!
Фото: Unsplash