Кога сте болни од некоја смртоносна болест, а притоа сте и родител, најтешката работа што треба да ја направите е веројатно онаа, како да му го соопштите тоа на своето дете. Некои луѓе сметаат дека нема потреба да им се кажува на децата вакво нешто, затоа што секогаш постои надеж. Но, некои, особено кога повеќе немаат никаква надеж, сакаат сами да ги подготват своите деца за најлошото.
Д-р Надја Чаудри се борела со рак на јајници во 3 фаза, во текот на изминатата година. Таа била подложена на хистеректомија и поминала неколку циклуси на хемотерапија. Неодамна оваа 43-годишна професорка и невролог од Монтреал повторно била примена во болница. Таа дознала дека ракот ѝ се вратил и сфатила дека мора да му ја соопшти поразителната прогноза на нејзиниот син.
„Денес е денот кога ќе му кажам дека умирам од рак. Дојдовме до точка кога тој треба да го слушне тоа од мене. Во солзи сум за да бидам храбра ова попладне. Сега страдам и умирам од тага за подоцна да имам сила да го утешам“, напишала таа на Твитер покрај фотографијата на која позира со неговиот шестгодишен син во паркот.
Нејзината порака собрала повеќе од половина милион лајкови и била споделена скоро 45.000 пати.
„Тој знаеше дека имам рак. Знаеше дека одам на хемотерапија и дека се обидувам да закрепнам. Сега морам да му кажам дека сите надежи пропаднаа“, објаснила д-р Чаудри за Good Morning America.
Таа имала намера да ја сподели веста со нејзиниот син во вторникот наутро, но се разбудила плачејќи и била целосно уништена.
„Потоа се свртев на Твитер. Многумина ги споделија своите искуства со мене. Ме убедија дека сè излегло добро и ме охрабрија да го сторам тоа попладнето“, вели таа.
Нејзината приказна поттикнала многумина да споделат слични искуства, а некои луѓе ја пофалиле нејзината искрена и отворена врска што ја има со нејзиниот син.
Д-р Чаудри подоцна објавила дека шокантниот разговор со нејзиниот син бил краток, но значаен.
„Нашите срца се скршија. Многу плачевме, а потоа започна и зацелувањето. Мојот син е храбар. Паметен е. Ќе биде добро. И јас ќе го гледам како расте каде и да сум. Денес е најтешкиот ден во мојот живот. Ви благодарам за вашата љубов“, рекла таа.
Фото: Твитер