Дали им давате на децата бонбони или урми, понекогаш е навистина сеедно

Приоритет на сите совесни родители е здраво да ги хранат своите деца. Но не е гаранција дека тие ќе ги научат да го прават тоа и самите кога ќе пораснат. Верувајте, понекогаш се случува токму спротивното - детето на кое не сте му давале 'нездрава' храна и пијалоци, кога ќе порасне, ги преферира токму нив, а она на кое тие му биле дозволувани, почнува да се храни здраво - на своја иницијатива. Споделете ги вашите искуства

0
558

Не е лесно да се биде родител. Иако сите им сакаме сѐ најдобро на своите деца, некои родители не се заморуваат многу со тоа дали она што му го понудиле на своето дете е здраво или не. Се разбира, не затоа што не си ги сакаат децата, туку затоа што сметаат дека нема ништо да се случи ако се напијат кока-кола или наместо здрав појадок, добијат сендвич со мека пилешка салама која децата обично многу ја сакаат.

„Дете е, мора да јаде“, „Дете е, мора да проба сѐ“, или пак „И јас сум го јадел истото па што ми фали сега“, се дел од нивните аргументи зошто на децата треба да им се даваат бонбончиња, смоки и салами, наместо јаболко, круша и урми.

Арно ама, од лично искуство знам дека многу од овие деца, на кои родителите не им ускратувале ништо од оваа ‘нездрава’ храна, од едноставна причина што и самите се хранеле на истиот начин, пораснале во луѓе кои сега за појадок си јадат овесни снегулки и банана со путер од кикирики, наместо сендвич со пршут.

Исто така, од лично искуство знам и за спротивни случаи, кога децата на кои родителите не им купувале сувомеснато, смоки и бонбони, секогаш првиот пат кога наместо сендвич од дома, добиле пари во рака и можност сами да си одберат што ќе јадат на големиот одмор, завршиле со хот-дог или со хамбургер во рака.

За среќа, генерациите се менуваат и денеска сите размислуваат многу повеќе за храната што ја внесуваат отколку порано.

Сепак, еве го списокот на намирници што вашите деца никогаш (или можеби подобро, речиси никогаш), не треба да ги јадат, а кои секако, се меѓу оние омилените.

1. Хот-дог, како и да свртиме, објективно, хот-дог е храна која нема апсолутно никаква нутритивна вредност. Еден хот-дог содржи 4г преработена маст и дури 540 мг натриум и значителна количина на нитрати, кои се тесно поврзани со развојот на рак на дебелото црево.

2. Газирани пијалоци. Знаеме дека нема да можете секогаш да контролирате дали вашето дете ќе испие нешто газирано или не, но колку што можете, обидете се да го задржите подалеку од овие „шеќерни бомби“, кои не содржат ништо добро. Научете ги децата да пијат вода, млеко, јогурт или свежо исцедени сокови. И дајте им да пробаат, но не брзајте со тоа. Секако ќе имаат можност некаде да ја пробаат и многу ќе им се допадне, но барем нека ја пијат многу, многу ретко. Не мора да ја имате во вашиот фрижидер.

3. Брзата храна е многу штетна за здравјето на децата. Сепак, не велиме дека никогаш не треба да пробаат или да си купат некој хамбургер, но обидете се да ги научите тоа да се случува што е можно поретко. Наместо „хамбургер“ за вечера направете им лажен хамбургер, сега барем има толку многу рецепти за веге плескавици, или пак направете им сендвич од црн леб, путер од кикирики, нивниот омилен џем. Веројатно многумина ќе се изнасмеат на ова и ќе кажат дека во најдобар случај нивните деца би прифатиле црн леб само ако е премачкан со нутела или вистинско ќофте со лист зелена салата. Во тој случај, понудете им го тоа. Барем лебот нека не биде бел. А со ќофтето нека добијат и рендана свежа зелка или неколку листови салата. Сигурно дека ова не е баш здрав и избалансиран оброк, но е барем еден мал чекор кон поздрава алтернатива. Или пак, наместо купечко крем-сирење, подметнете им свежа урда, измешана со кисело млеко и зачини, па намачкајте им ја на леб.

4. Житарките со додаден шеќер во никој случај не се добар избор за појадок на вашето дете. Штом детето е доволно старо за да јаде житарки за појадок, понудете му ги оние без шеќер, и додадете им мед, а ако баш не сакаат, којзнае, можеби подобра алтернатива се и купечките житарки со шеќер, отколку сендвич со мајонез и салама.

Се трудевме ова да не изгледа како претерување и лишување на детето од некои работи кои децата ги сакаат, но од друга страна, има многу здрава и вкусна храна што можете да им ја понудите. Направете домашни колачиња, домашно тесто за пица, домашен сладолед или колачиња со црно чоколадо.

Не е лесно. Можеби понекогаш и целиот ваш труд ќе падне во вода и кај детето ќе создадете отпор кон сѐ што спаѓа во здрава храна, но можеби со време и самото ќе сфати дека треба да им даде шанса на здравите намирници. Ако сте меѓу оние кои дома постојано им прават здрави оброци на своето дете, и ако гледате дека тоа вистински ужива во нив, сепак, не се обидувајте да им ‘солите’ памет на оние чии деца едноставно не можат да прифатат некои намирници. И немојте да бидете сигурни дека овие навики вашето дете ќе ги задржи и кога ќе биде возрасен. Шансите се 50/50. Сепак, утешно е да се знае дека барем додека најмногу растеле и се развивале, вие сте дале сѐ за тоа да биде колку што е можно поздраво за него.

Којзнае…ете уште една работа, меѓудругите, поради која велиме дека родителството знае да биде навистина тешко.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]