Веројатно сте чуле за неколку случаи на жени кои оделе во болница со чудни болки во стомакот, а „дијагнозата“ била породување. Оваа појава се нарекува и „мистериозна бременост“. Што мислите, дали е можно жената да оди на породување дури и без да знае дека е бремена? Ќе се обидеме да одговориме на некои од прашањата.
Ако сте биле бремени, сето ова може да ви изгледа како научна фантастика, но само во Америка, една од 600 бремени жени изјавила дека не знаела дека е бремена сѐ додека не почнало самото породување. Дали жените тоа го велат за да се заштитат од некоја само ним позната причина или е навистина можно?
Симптомите на бременоста е навистина тешко да се занемарат, но според експертите, секоја бременост е различна и тоа е факт. Жените кои родиле сигурно ќе се запрашаат „како е можно некој да не ги препознава знаците на бременост“, затоа што тука има мачнина, желба за необична храна, тромавост и, на крајот на краиштата, движења во стомакот.
Во април годинава, Индепендент ја објави приказната за 20-годишната Софи Олдриџ, која не знаела дека е бремена сѐ додека не отишла во болница за да се породи. Diccovery Channel дури има и специјално шоу каде жените кои поминале низ вакво искуство ја раскажуваат својата приказна.
Под „мистериозни бремености“ се вбројуваат оние жени кои ја игнорираат и негираат бременоста во текот на сите девет месеци, сè до раѓањето. Лекарите тврдат дека симптомите на бременост лесно се превидуваат затоа што се различни кај сите жени, но едноставно е невозможно да не се почувствуваат ударите во стомакот и движењето на бебето.
Негирањето како главна причина за мистериозната бременост?
Лекарите велат дека е можно жената да не знае дека е бремена во првото тримесечје од бременоста, ако има малку или воопшто нема симптоми. Но, во некои случаи, жените можат да ја одречат бременоста од различни причини, како што се стрес, непланирана бременост или нешто друго. Жените кои ја негираат бременоста, покрај редовните прегледи со лекар, имаат потреба и од психолошка помош бидејќи е можно нивното одрекување да е резултат на емоционални проблеми. Ова значи дека жените не знаат дека се бремени затоа што не сакаат да си го признаат тоа на самите себе.
Во такви случаи, околината треба да има голема улога и да се обиде на секој можен начин да ѝ даде на знаење на жената дека треба да оди на лекар, како мерка на претпазливост. Ако знаете дека жената и покрај јасните знаци ја негира бременоста, бидете многу внимателни во комуникацијата со неа и обидете се да ѝ се приближите, но не и да ја повредите.
Фото: Pixabey