Елена Гиговска е стручен соработник во адвокатската канцеларија Лазов-Бадева и во својата двегодишна пракса неколку пати работела на случаи во кои таткото се бори за своето право да биде со своите деца и да продолжи да ги практикува родителските права и одговорности и после разводот од нивната мајка, но тие секогаш на крајот ѝ се доделуваат на мајката.
Иако е сѐ уште млада и самата не е во брак и нема деца, Елена на која сите овие случаи ѝ оставиле горчлив вкус во устата, одлучила како тема за својата магистерска работа да ја одбере токму темата која се занимава со решавањето на овој проблем, а тоа е заедничкото родителство после развод.
За жал, во 21 век, кај нас децата се сѐ уште најголеми жртви по разводот на своите родители. Речиси секогаш им се доделуваат на мајките кои најчесто манипулираат со нив оневозможувајќи им на своите поранешни партнери да ги гледаат своите деца па овие полека но сигурно се оттуѓуваат од своите татковци и најблиските роднини. Иако е 21.век, кај нас сѐ уште родителите не водат сметка за тоа што му прават на своето дете кога преку негов грб се пресметуваат со поранешниот брачен партнер.
Со години имаме сѐ повеќе деца кои се малтретирани при разводот на родителите, а сегашниот систем не може да им помогне.
Токму децата се во фокусот на интерес на Елена Гиговска која, иако најпрвин се двоумела помеѓу темата за посвојување и оваа за заедничко родителство после развод, сепак се одлучила за втората, со што се надева дека ќе даде барем мал придонес за решавање на проблемот.
„Во фокусот ми беа децата и се двоумев помеѓу темата посвојување и оваа тема но кога видов дека е ова актуелно преку активностите за кои прочитав на интернет, видов конкретен проблем и конкретна иницијатива и сакав некако да придонесам за да ѝ се стави крај на оваа родова дискриминација која владее кај нас. Имало и претходно неколку магистерски на истата тема, но тие беа некако празни, недоволно обработени, сувопарни па јас решив подлабоко да ја истражам темата, да пишувам и да понудам конкретни решенија на проблемот. Ги исконтактирав и луѓето од Иницијативата за заедничко и одговорно родителство после развод кои ми помогнаа со документи, материјали и искуства и ме упатија во тоа до каде се тие стасани со своите заложби, ме запознаа со заклучоците донесени по разгледувањето на нивната иницијатива од страна на собраниската комисија за труд и социјала, итн“, објаснува таа.
На прашањето дали, евентуално, на изборот на темата ја навел и некој сличен пример од нејзиното поблиско опкружување, Елена вели:
„Во моето опкружување немам такви примери, но на работа, да. Вработена сум во адвокатска канцеларија и секојдневно се среќаваме со најразлични видови на проблеми од областа на правото и сме имале случаи кога таткото биел битка да го добие детето, и тоа било секогаш тешка битка, но секогаш завршувала исто – родителското право да го добие мајката и потоа таа да ги поставува правилата за тоа како таткото понатаму ќе го гледа своето дете.
И во моментов работиме на случај кадешто таткото води битка да си ги добие децата меѓутоа Центарот за социјални работи е глув за нашите барања“.
Според Елена, детето има и мајка и татко и пред разводот и треба да ги има и по него.
„Тоа што тие решиле да се разведат не треба да влијае врз децата, а родителството треба да се врши заеднички и одговорно наместо едниот родител да се исклучува од животот на детето, да се ограничува неговото право на видување и со тоа детето да се оттуѓува од овој родител.
Треба да се подигне свеста кај народот бидејќи сѐ уште сите одат по истиот колосек – дека мајката е таа која треба да го добие детето и дека е тоа најдобро за детето. Но тоа е погрешно бидејќи на детето му требаат двајцата родители. Прво треба да се подигне свеста, да се информира реалноста дека постои реален проблем кој ги засега најмногу децата.
Сите современи европски законодавства, при донесување на одлуките за доверување на деца тргнуваат од ставот дека за детето е најдобро и двајцата негови родители да се грижат за него, па следствено на тоа законодавствата се стремат кон тоа родителите заеднички и спогодбено го вршат родителското право. Наместо нашиот досегашен застарен систем кој во голема мерка доведува до исклучување на едниот родител од животот на децата по разводот, потребно е да се воведе реформа во поглед на заедничко родителство по развод. Потребно е воведување на конкретни, односно, експлицитни одредби кои би претставувале почетна основа при донесувањето на одлуки за контакт на детето со родителите. Токму семејното право преставува една од најзначајните области каде треба да бидат направени одредени реформи“, објаснува Елена и додава:
„Не дај Боже ако јас се најдам во слична ситуација, секако дека би сакала моите деца да си го гледаат таткото и сигурно не би ги спречувала во тоа. Не би гледала во таткото само извор на алиментација туку некој кој ќе им дава љубов и натаму, се разбира, ако е подобен за вршење на родителското право“.
Тоа пак што една жена на нејзина возраст ја одбрала оваа тема за магистерски труд зборува дека идејата за заедничко родителство која кај нас до неодамна изгледаше како далечен сон, сѐ повеќе добива на актуелност, а благодарение на подигањето на свеста на новите генерации, веројатно во иднина за нив заедничкото родителство ќе биде нешто што се подразбира само по себе.
А еве и како изгледа решението што го нуди Елена во својата магистерска работа:
„Во Законот за семејство потребно е да се воведе одредба која пропишува дека двајцата родители независно од брачниот статус остануваат еднакво одговорни за своите деца и заедно ги донесуваат главните одлуки кои се од интерес на детето (образование, здравство итн.).
Понатаму, децата не може да имаат две адреси на живеење па од таа причина при донесување на одлука во врска со видувањето на децата со родителот со кој не живеат би требало да се поаѓа од одредени многу битни претпоставки.
По разводот на бракот, родителите почнуваат нов живот. Најдобро би било детето да остане во домот во кој живеело, а еден од родителите да се пресели во близина. На тој начин детето во ублажена форма ја чувствува траумата од разводот затоа што продолжува да живее во позната средина, а секојдневно ги гледа и двајцата родители. На тој начин се овозможува остварување на принципот 50-50, односно гледање на децата во еднакви временски интервали со двајцата родители, како принцип кој е научно докажан дека е најдобар за децата од разведени бракови.
Со законска одредба треба да е загарантирано минимум време од 120 дена годишно за родителот со кој не живее детето. Воедно, потребна е реформа во семејното законодавство која би се состоела од воведување силни институционални механизми со кои ќе се обезбеди извршување на решенијата за видување.
Исто така, потребно е да се пропише задолжително постоење на „родителски план“ кој ќе ги уредува сите аспекти на вршење на родителските одговорности по разводот на брак, а во врска со прашањата каде детето ќе живее, кој од родителите колку ќе придонесува за издржување на детето, како ќе се одржуваат личните контакти на родителот со кој детето не живее и детето, како и други прашања кои се значајни за вршење на родителските одговорности по разводот на бракот.
Родителскиот планер би претставувал заедники планер за делење на информациите во врска со обврските на децата, организирање на активностите на децата, следење на медицинскитепрегледи, следење на трошоците врзани за детето.
Во екот на модерната технологија тоа би можело да се направи како мобилна апликација.
Во случај брачните другари да имаат крајно нарушени односи и во ниту еден случај не може да се договорат во врска со родителскиот план, треба да се воведе посебен вид на медијација, преку која на родителите би им била обезбедена помош со цел надминување на несогласувањата и разликите и постигнување на заеднички договор.
Во поглед на издршката, односно, алиментацијата, потребно е овозможување на плаќање на издршка во натура, т.е за конкретни потреби на детето (школарина, курсеви итн.).
Исто така, потребно е да се внесе одредба која ќе забранува изнесување на деца до 14- годишна возраст во странство на период подолг од 30 дена, доколку не постои за тоа согласност од двајцата родители.
Единствен исклучок кадешто државата може да решава да бидат само оние случаи кадешто е потребна медицинска интервенција во странство која бара детето да остане во странство подолго од 30 дена, а едниот родител се спротивставува на таквото патување.
Доста значајна реформа би било учеството на децата во донесувањето одлуки што се однесуваат на нив и нивните права.
Во таа смисла, согласно Законот за семејството, центрите за социјална работа треба да бидат должни при донесувањето на одлуката за одржување лични контакти на детето со родителот со кој не живее, да го информираат детето и да ги земат предвид неговите ставови и мислења во зависност од возраста и зрелоста на детето.
Стручните тимови во центрите би имале обврска да ја проценат секоја изјава од детето и да оценат дали таа не произлегува поради злоупотреба и притисок над детето од страна на некој од родителите. Неопходно е центрите редовно да вршат надзор над вршењето на родителското право. Исклучок од овие одредби би би требало да има само кога:
– Едниот родител не сака или не може да спроведува заедничко родителство
– Добиеното право на заедничко родителство не се користи од страна на едниот родител
– Детето е мало (до 2 годишна возраст) и билошки е поврзано со мајката. Во тој случај, заедничкото родителство би се воведувало постепено, додека детето не дојде на 5-6 годишна возраст.
– Едниот родител е докажано во судска пракса дека е неподобен (осуден за семејно насилство, зависник, душевно болен итн.)
– Единствено доколку постои волја кај обата родители за заедничко вршење на родителските права и родителските одговорности, ќе се постигне главната цел на овој модел, а тоа е донесување на одлуки кои ќе бидат исклучиво во согласност со најдобриот интерес на детето.
Со воведување на погоре споменатите реформи, ќе се намалат негативните последици кои ги предизвикува таканареченото поединечно родителство по разводот на бракот.
Концептот на заедничко старателство во поново време се смета за најсоодветен од причина што дава можност родителските права и обврски да продолжат да се реализираат во еднаков обем како и пред распадот на брачната заедница“.
Фото: Стефани Христов