Дали е опасно детето прерано да се навикнува на нокшир?

Најмногу проблеми имаат токму децата кои рано научиле да ги контролираат своите физиолошки потреби, вели педијатрискиот уролог др.Стив Хоџиц

0
395

Веројатно сте чуле за родители чии деца се одвикнале од пелени многу брзо, речиси од раѓање. Овој тренд познат како „беспеленаштво“ како примери за рано навикнување на децата на нокшир ги зема примерите од разни традиционални култури кои се пример за многу модерни родители.

Меѓутоа, педијатрискиот уролог Стив Хоџиц смета дека е тоа многу погрешно.
„Пред две до три години во мојата клиника се појавија првите мали „генијалци“ рано научени на нокшир, со проблем на неконтролирано празнење и со инфекции на уринарниот тракт“, вели тој.

Врз основа на своето лекарско искуство, Хоџиц забележува дека најмногу проблеми имаат токму децата кои најрано научиле да ги контролираат своите физиолошки потреби.

„За да се сфатат опасностите од раното навикнување, важно е да се знае дека речиси сите проблеми со празнењето се последица од хроничното задржување на урината или на столицата или на двете“, вели Хоџиц.

„Децата не сакаат да го губат времето за да одат до тоалет. Кога еднаш ќе научат да ја задржуваат урината или столицата, што е и целта на секое навикнување на нокшир, тие почнуваат да ја злоупотребуваат оваа способност и „стискаат“ колку што можат да издржат.

За мускулите е тоа како теретана – стануваат се подебели и посилни. Но мускулестата бешика не е добра работа. Со тоа ѝ се намалуваат капацитетот и чувствителноста. Дете кое со месеци и со години редовно го одложува празнењето на бешиката може да заврши со бешика која е толку силна што почнува да се празни без контрола“, објаснува тој.

Слично е и со хроничното задржување на столицата, олеснето со современата детска исхрана со недоволно влакна. Масата на столицата се формира во ректумот, веднаш зад бешиката, и може да го развлече ректумот од 2 на 10 сантиметри или повеќе. Затоа бешиката е стисната и задржува повеќе течности, а нервите кои ја контролираат стануваат премногу надразнети, па детето на крајот неконтролирано мочка.

Сето тоа предизвикува инфекции на уринарниот тракт. Колку поретко мочка детето, толку повеќе бактерии се собираат во бешиката, а задржувањето на столицата доведува и до натрупување на бактерии во ректумот. Бидејќи аналниот отвор и мокрачниот канал се толку близу, патогените фекални бактерии имаат краток пат да преминат во уринарниот тракт.

Иако родителите не сакаат многу да зборуваат на оваа тема, проблемите со извршувањето на физиолошките потреби се многу чести, вели Хоџиц.

Посетите кај лекар поради запек, во последната деценија се двојно зголемени, а уринарните инфекции се во постојан раст, додека многу родители воопшто и не ги водат децата на лекар заради вакви проблеми затоа што сметаат дека е тоа нормално.

Бројни студии покажале дека децата кои имаат проблеми со неконтролирано мокрење во голем број случаи ја задржуваат столицата, а ниту родителите, ниту лекарите не се свесни за причината зa нивниот проблем, затоа што децата можат редовно да имаат столица, а сепак да имаат и натрупана столица во ректумот, односно, да не се празнат до крај. Во најголем број случаи лекувањето на запекот драстично ја поправило контролата на мокрењето.

Причина поради која децата кои се навикнати порано на нокшир, имаат повеќе вакви проблеми, е тоа што тие многу подолго имале можност да одлучуваат дали ќе мочкаат и ќе какаат или не, и тоа долго пред да поседуваат зрелост за да ја сфатат важноста на навременото празнење. Бидејќи на бешиката ѝ се потребни три или четири години за да порасне и да се развие, нејзиното редовно неконтролирано празнење (читај: пелени), го овозможува нејзиниот максимален раст“, објаснува Хоџиц.

Терапијата за проблемите на децата кои имаат проблем се состои главно од одземање на контролата над празнењето кај децата, со давање на лаксативи и мочкање во редовни закажани интервали.

Др. Хоџиц предупредува и на проблемите кои можат да настанат кога децата ќе тргнат во училиште, доколку од нив постојано се бара да го одложуваат празнењето.

„Имам безброј пациенти кои научиле да ја задржуваат урината од 7.30 до 16.30 и сега страдаат од сериозни проблеми со бешиката и од инфекции“.

Децата кои допрва се научени на нокшир мораат да бидат под постојана контрола и колку порано сте ги научиле да го контролираат празнењето толку подолго мора да внимавате на нивните навики и редовно да ги потсетувате да одат во тоалет, на секои два часа. Никогаш не ги прашувајте дали им се мочка или им се кака, туку ендоставно испратете ги во тоалет, советува докторот.

„Знам дека повеќето родители сонуват за денот кога повеќе нема да мора да се грижат за физиолошките потреби на детето.. Но немојте да бидете опседнати со ова. Мора да обрнете внимание на навиките за празнење на своите деца се додека не бидете сосема сигурни дека е мисијата успешно завршена“.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]