Генерално, дневниците се приватна работа и тоа треба да се почитува. Но, има ли моменти кога е во ред родителите да го прочитаат дневникот на својот тинејџер?
Многумина велат ДА, под одредени околности
Според веб-страницата Focus on the Family одговорноста на родителот да го заштити својот тинејџер од повреди се зема како причина што читањето на нивниот дневник може да биде прифатливо. Важно е да си го поставите прашањето зошто ја носите одлуката да ги читате приватните мисли на вашето дете.
„Ако искрената вистина е дека на тоа ве тера анксиозноста, паранојата или желбата да контролирате, решете се да се справите со овие проблеми пред да продолжите понатаму“. Ова не се соодветни, ниту здрави причини за нарушување на приватноста на вашето дете. Треба да постои вистинска грижа за благосостојбата на вашето дете што ќе ја води вашата одлука.
Во 2017. година била објавена приказната за еден татко од Мериленд кој го прочитал дневникот на својата ќерка. Неговиот избор за нарушување на нејзината приватност довел до спасување животи кога го открил нејзиниот план да однесе пиштол во средното училиште.
Лесли Морган-Стајнер, мајка на 3 деца и добро позната блогерка за родителство, го понудила своето мислење за таа ситуација. Таа ги охрабрила читателите да имаат на ум дека во случајот станувало збор за екстремна ситуација и дека не треба родителите веднаш да потрчаат дома и да ги читаат дневниците на своите деца. Сепак, овој пример треба да послужи како поттик за барање предупредувачки знаци.
Морган-Стајнер ги советува родителите да обрнат внимание на своите тинејџери за да видат дали ќе забележат некои ненадејни промени и чудно однесување – промени во спиењето, нови пријатели, докази за користење дрога или самоповредување или закани кон други или кон себеси. Во тие околности треба да се земе предвид опцијата за мониторирање на нивните активности по социјалните мрежи и, евентуално, читање на нивниот дневник.
Дневниците се света работа за тинејџерите
Професорката по психологија на колеџот „Оберлин“ и пишувач за Psychology Today, Ненси Дарлинг, тврди дека има барем три основни причини зошто повеќето од нас би се чувствувале лошо ако ги читамее дневниците на нашите тинејџери: тоа ја нарушува нивната приватност, интегритетот на личноста на детето и ја минимизира довербата која треба да биде основа за здрав однос помеѓу родителите и децата. Сепак, Дарлинг смета дека има периоди кога тоа е соодветно, па дури и оправдано. Таа дефинира поими како рутинско обелоденување и самооткривање за да им се помогне на родителите да идентификуваат кога е погоден момент за читање на дневникот.
Рутинско обелоденување е кога детето споделува информација која на родителот му е потребна за легитимно да ја извршува својата работа како родител – на пример со кого се дружи детето, каде оди, кога ќе дојде дома и слично. А самооткривање е информација која изгледа непотребна за родителот кој треба легитимно да си ја завршува својата задача. Можеби треба да знаете дека детето отишло во трговскиот центар со најдобриот пријател, но не е потребно да знаете за што зборувале. Кога детето не учествува во рутинското обелоденување, а вие чувствувате дека вашата способност да го заштитите е загрозена, тоа се ситуации кога може да го читате неговиот дневник. Ако дојде до тоа, објаснете му на детето зошто сте почувствувале дека имало потреба од такво нешто.
Да заклучиме
Ваша е одлуката дали ќе го читате дневникот на вашето дете, ако сметате дека тоа е нешто што е неопходно. Ако сте загрижени за него и навистина верувате дека вашите постапки ќе ви помогнат да бидете подобар родител, а вашиот тинејџер да биде безбеден, тогаш утешете се со фактот дека многу други родителски извори се согласуваат дека понекогаш тоа е соодветно, па дури и одговорно, со цел заштита на децата. Сепак, не е одлука што се донесува лесно. Ако го правите тоа, разберете дека може да има негативно влијание врз вашиот однос со детето, барем извесно време.
Дневниците се света работа за тинејџерите и нивното читање без дозвола може да биде нарушување на довербата што детето ја има во вас. Отворената комуникација со вашиот тинејџер е многу важен дел од вашиот однос. Кажете му на тинејџерот дека ги почитувате неговата приватност и самостојноста и објаснете зошто сте почувствувале потреба да го прочитате дневникот. Иако тоа нема веднаш да ја подобри ситуацијата, сепак ќе помогне тинејџерот да ги разбере вашите постапки кои се поттикнати од грижата за него и желбата да го заштитите.
Разговарајте како ќе се справите со ситуацијата и со слични ситуации за да можете да продолжите понатаму. Можеби барате малку повеќе транспарентност од вашиот тинејџер, или тој/таа изразува фрустрација која не соодветствува на вашите грижи. Искористете го тоа искуство за да ги истражите границите и да научите повеќе за тоа кој тип комуникација повеќе ви одговара и вам и на детето.
Фото: Pexels