Појавата на билингвизмот означува познавање или владеење на друг јазик покрај мајчиниот.
Билингвизмот од логопедски аспект е појава која е вредна и интересна за дискусија поради тоа што раните облици на билингвизам кај децата некогаш можат да бидат причина или да придонесат за одредени логопедски проблеми и истите да бидат поизразени и понагласени. Кај поновите генерации на деца се соочуваме со една појава која се нарекува стекнат или дополнително испровоциран билингвизам како резултат на рана стимулација врз децата со слушање и примање информации на друг јазик преку гледањето на цртаните филмови и преку користење на други електронски уреди.
Логопедската пракса покажува дека има голем број на деца кои го владеат англискиот јазик уште од мала возраст, а за сметка на тоа ‘го потиснале’ или пак многу малку го употребуваат македонскиот јазик.
Овие деца генерално имаат проблем со составување на правилни граматички реченици или пак неправилна употреба на родовите и глаголските времиња. А пак кај помалите деца може да се забележи едно нулто (ниско) ниво на фонт на зборови на македонски јазик.
Во некои семејства каде што семејната заедница е билингвална, односно мајката и таткото потекнуваат од различни јазични подрачја, билингвизмот се случува по ‘сила на случајот’, но и во оваа ситуација родителите треба да водат сметка кој јазик се говори во училиштата и градинките кадешто нивното дете ќе посетува настава, на тој јазик да зборуваат со него и кога се дома.
Ова е важно за да се избегне говорно-јазичната конфузија која може да настане кај детето од слушањето и употребата на повеќе јазици во домот и околината. Не може сосема да се исклучи повремената употреба на повеќе од еден јазик, доколку станува збор за билингвално семејство, но сепак тоа треба да биде на оптимално ниво за детето да може да го процесира и разграничи.
Постои еден мал процент на деца кои потекнуваат од билингвални семејства и можат успешно да направат дистинкција на кој јазик треба да говорат кога се дома, а на кој кога се во училиште или пак кога зборуваат со своите другари и пријатели од опкружувањето.
Препорака и совет до младите родители е особено да внимаваат да не ги изложуваат своите деца на говорно-јазична стимулација од друг јазик во раните години од развојот на детето, затоа што тогаш треба да се воспостави говорно-јазичната структура на мајчиниот јазик, а за учење и усвојување на друг јазик најдобар е периодот околу шестата и седмата година од животот на детето.
Ана Петреска Дипл.Логопед и М-р по Специјална едукација и рехабилитација
Фото: Pexels