Ламбдацизмот спаѓа во групата на артикулативни пореметувања- дислалија, а претставува пореметување во изговорот на гласовите Л и Љ.
Една од најчестите потешкотии кај децата од предшколска и школска возраст за која родителите бараат стручна помош од логопед е токму неправилниот изговор на еден или повеќе гласови. Причините поради кои доаѓа до ламбдацизам се различни: расцеп на непце, неправилен загриз, слаба подвижност на јазикот или усните, неразвиен фонематски слух, неправилен говорен пример од блиската околина на детето и др.
Ламбдацизмот може да се јави во облик на омисија, супституција или дисторзија.
Омисија претставува испуштање на гласовите во говорот. На пример, наместо мЛеко-меко, наместо пиЛе-пие..
Супституција претставува замена на гласовите Л и Љ со други гласови. Гласот Л се заменува со гласот Ј, а гласот Љ може да биде заменет со Ј или Л. Најчеста дисторзија на гласовите Л и Љ е во облик на полувокал W.
Дисторзија може да се јави и во облик на латерален ламбдацизам, интердентален ламбдацизам, тврд изговор на гласот Л и обезвучен изговор на гласот Л. Ваквиот начин на изговор често е симпатичен за родителите и околината, и голем дел од нив сметаат дека тој со текот на времето сам ќе се поправи. Меѓутоа, неправилниот изговор на гласовите Л и Љ се толерира до 4 години, а потоа е неопходно да се побара стручна логопедска помош.
Клинички логопед-специјалист, Благица Маркоска Интеракција плус, Скопје
Фото: Pexels