Група родители бараат сите да имаат право на избор: настава во училница или онлајн

Во неизвесниот период до почетокот на новата учебна година, дел од родителите се категорични дека на сите деца, односно, на нивните родители, треба да им се даде право на избор за тоа каква настава ќе посетуваат нивните деца, додека други ја гледаат онлајн-наставата како единствена опција. Се разбира, сите го сакаат најдоброто за своите деца

0
467

Додека се приближува почетокот на новата учебна година и расте неизвесноста за истата, а владата излезе со став дека само децата од 1 до 3 одделение ќе ја следат наставата со физичко присуство во училиште, и со согласност од родителите, а другите ќе учат онлајн, и родителите се со поделени ставови.

Дел од нив се оние кои ѝ даваат поддршка на онлајн-наставата во новата 2020/2021 учебна година. Станува збор за фејсбук групата „Поддршка за онлајн-настава“, со над 12.000 членови, родители кои посакуваат нивните деца да учат на далечина и го ставаат здравјето, пред сѐ.

Една од нив, самохрана мајка на 7-годишно дете кое сега треба да биде второ одделение, вели: „Почетокот на пандемијата во март не затече неподготвени сите, и родителите, и наставниците и децата. Моето дете оди во училиште во Центар и на почетокот додека се снајдовме со онлајн наставата беше малку збунувачки, но многу лесно се навикна детето и заедно со мерките на ослободување од работа за деца до 10-годишна возраст бев дома и помагав во изучување на наставната содржина. Наставата се одржуваше онлајн комбинирано преку Zoom и меил комуникација. И можам да кажам дека моето дете одлично ги совлада наставните содржини и е пример дека и првоодделенците можат да посетуваат онлајн настава. Сите ние се сложуваме дека класичната настава е најдобра, но во ова време невреме, најбитно е здравјето на децата и на семејствата на истите. И не се само децата проблем, тие можеби ќе имаат лесни симптоми , но исто така се и најголеми преносители и никој не гарантира какви ќе бидат симптомите на повозрасните членови на семејството. Сѐ се надокнадува ама здравјето не. И на крајот на краиштата децата нема да останат неписмени, бидејќи онлајн настава е настава каде се учи и се совладува материјалот. Не е во ред да се става знак на еднаквост на неписменост со онлајн настава. Сепак ова се некои вонредни услови со кои човештвото се соочува и кои сакале или не мораме да ги практикуваме. Дека сѐ повеќе се навикнуваме да живееме со овој вирус е факт, но сметам дека во училиштата во овој момент немаме реално услови во кои би се спровеле мерките и протоколите на здравствените власти беспрекорно, а посебно тоа не е можно да биде применето од страна на најмалите и затоа тоа само ќе биде нивно непотребно изложување на ризик кое најверојатно ќе резултира со ширење на болеста. Ѝ се придружив на оваа група и ги поддржувам нејзините цели и барања бидејќи сметам дека се оправдани, издржани и здравјето е нешто кое не може да се надокнади и мора да го чуваме. Тоа е единствената премиса на оваа група. Исто така сакам да потенцирам дека групата која подржува онлајн настава прави напори и организира и поддржува донаторски акции на таблети и комјутери со цел да се помогне онаму кадешто е тоа најпотребно. Така треба да правиме сите, би биле многу подобро општество. Морам да кажам дека има родители кои за цело време се придржувале на мерките и протоколите, јас сум една од нив и моето дете не се меша со ниту едно дете, ниту по паркови и маало. Наоѓам време и шетаме на Водно, Матка, посетуваме места кадешто нема гужва и се трудам на некој начин да компензирам. Се плашам да ја пуштам во школо, посебно сега во овој период кој доаѓа, есенскиот, кога и настинките превладуваат и кога сѐ тоа би се измешало со Ковид и слични симптоми тоа би било прво хаос во здравствените ординации, а да не зборувам кои стресови ќе има секое семејство при појавата на најмал симптом дека можеби е ковид во прашање. Исто така да не ги заборавиме и земјите кои иако високоразвиени ги отворија училиштата па по две недели истите беа затворени поради рапидно ширење на вирусот. Јас не верувам во заговори, ѝ верувам на науката.

Уште една членка на оваа група, мајка на 10-годишен син кој треба да тргне во 5. Одделение, вели дека иако на почетокот на пандемијата, кога децата останаа дома, наставата не била воопшто настава, туку наставничката само им ги праќала домашните на Вибер групата за родители, потоа сѐ се сменило.

„По само десетина дена ваквиот начин на работа стана тотално нефункционален и син ми почна да се губи во материјалот, иако постојано работев со него. Откако неколку родители го покренавме ова прашање наставничката веднаш се согласи за настава на Зум. Од тој ден сѐ се смени во позитивна смисла на зборот. Син ми се снаоѓаше без проблем со користење на Зум платформата и повеќе не му требаше моја помош околу материјалот. Ниту едно детенце од одделението немаше проблем да ја следи наставата и сето ова беше само заради добрата волја на наставничката и секако, спремноста на родителите да соработуваат со неа.

Кога почна да се зборува за отворање на училиштата, а броевите на новозаболените не опаѓаа како што не опаѓаат ниту сега, а луѓето продолжуваа и сѐ уште продолжуваат да не почитуваат мерки, ми дојде при рака и една официјална кинеска студија според која 90% од децата со Covid-19 развиваат благи или умерени симптоми, 4% биле целосно асимптоматски и 6% се сериозно или критично болни. Од друга страна пак, искуството од други развиени земји исто така не ми влеа надеж дека училницата е вистинското место за децата во моментов. Германија немаше успешен старт, Јужна Кореа исто така.

Ми беше јасно дека нема да дозволам по ниту една цена моето дете да оди на училиште земајќи ги предвид сите фактори во државата.

Јас на онлајн наставата гледам како на нужно зло, бидејќи на овој начин ќе се спасат животи. Знам дека има родители кои немаат основни услови за да обезбедат беспрекорна онлајн настава за своето дете/деца, но сметам дека државата треба да им помогне. Според официјалните статистички податоци во земјава има 270.000 ученици, а 81% од населението користи интернет, такашто бројот на овие фамилии не е голем.  За жал пандемијата ги откри сите дупки во општеството и сега мора да го истераме овој период  како знаеме и умееме. Живееме во вонредни услови, а со самото тоа и мерките кои ги преземаме во овој период се драстични.

Родителите од фејсбук групата која исто така брои над 12.000 членови, но со спротивни ставови, се согласуваат со тоа дека здравјето на нивните деца им е пред сѐ, но севкупното психофизичко здравје.

Родителите во оваа група бараат правото на избор дали ќе одат во училиште или ќе имаат онлајн настава, треба да имаат сите деца од основно и средно училиште, а не само најмалите, оние од прво до трето одделение.

Сепак, најголемиот дел од нив поддржуваат настава со физичо присуство на децата.

Една од членките, инаку мајка на 9-годишно дете вели:

„Моето дете беше трето одделение кога започна пандемијата, само што почна да го разбира концептот на оценување и одговорност кон училишните задачи, ги затворија училиштата. Онлајн наставата траеше два часа дневно, беше конфузна за следење дури и за мене како родител, не пак за мало дете, а ефектот никаков. По завршувањето на наставата поминувавме уште два до три часа на објаснување и домашни. Сѐ вкупно, околу 5 часа во денот. Не можам ни да замислам како се снаоѓале тие со две или три деца.

Во поглед на безбедноста јас само ги следам статистиките на здравствените власти, кои кажуваат дека кај децата до 9 години процентот на заразени е статистички под нула, а истите и доколку се заразат го поминуваат асимптоматски или со лесни симптоми.

Сметам дека пролонгираната изолација на децата е штетна по нивното ментално здравје, а образованието треба да биде приоритет.

Крајната и почетна цел на групата е на сите деца, односно, на нивните родители, да им се даде право на избор каква настава ќе посетуваат согласно своите можности. Не смее во ваква кризна ситуација да се донесуваат одлуки без да се консултираат родителите. Правото на избор е решение за сите.

Друга членка од оваа група, родител на дете кое сега треба да биде прва година средно, вели: „Не ми е јасно како тоа дете онлајн ќе го запознае класот, класниот раководител и сите наставници? Нели треба да има учебници од кои ќе учи? Со кого ќе разменува мислење и искуство кога поим нема кој ѝ се соученици? Како ќе учи од дома кога досега беше Кембриџ програма, а во средно училиште не е имплементирана? Милиони прашања и ништо не ми е јасно. Сѐ е некако конфузно и гледам дека децата ќе ни останат осакатени поради кризава. Тие и така излегуваат и се мешаат надвор. Зошто да нема стратегија за одење на училиште? Навистина многу работи не ми се јасни“.

Мајка на деца на возраст од 7 години и на едноиполгодишно дете вели: „Во ред е да бидат ослободени деца со хронични болести или деца кои во семејството имаат хронично болен. Ним да им се обезбеди да можат да ја следат наставата онлајн, паралелно со наставата во училиште . Секако, не може секој родител да си дозволи компјутер и плус сметка за интернет, па тоа треба да им го обезбеди државата. Децата треба да бидат во училница бидејќи таму им е местото. Се разбира, со протоколи. Децата се одраз на родителите, па ако родителот следел протоколи без притисок детенцето веќе ќе знае како треба и самото ќе бара да ја стави маската. И уште нешто, зошто се дозволија спортски настани, а не и одење на училиште. Моето дете од јули активно оди на фудбал, во група се повеќе од 15 деца, прават дезинфекција на рачиња пред и после тренинг и еве сите се добри. Лани ако ни викаа родители тргнете ги децата од телефоните и компјутерите, читајте им, така го збогатуваат вокабуларот, денеска ни велат – не, не така, седни го детето пред компјутер кој ќе остави исто трајни последици и врз образованието и врз здравјето. И да не заборавиме, има и група родители на кои нема кој да им ги чува децата, а тие не можат да си дозволат да седат дома со децата бидејќи од тоа им зависи егзистенцијата. Затоа, почитувајте ги протоколите и не се секирајте, нашите деца се поумни и поприлагодливи од нас и побрзо учат“.

Очигледно, до почетокот на училишната година, но и со нејзиниот почеток, ќе има многу незадоволни родители, но и многу нерешени проблеми.

Фото: Pexels

[better-ads type='banner' banner='999' ]