Го следите ли и вие резултатот од ‘мечот’ Северина:Милан?

Откако судот во Загреб донел привремена мерка со која синот на хрватската и балканска пејачка ѕвезда Северина Којиќ и српскиот бизнисмен Милан Поповиќ му се доделува на таткото, јавноста не престанува да коментира и да се занимава со овој случај кој трае веќе 6 години. И секако, сите бираат страна, некој е за тимот на Северина, некој за тимот на Милан. Малиот Александар како и во сите слични случаи е очигледно - колатерална штета

0
425

Откако хрватските медиуми објавија дека судиjката Теа Голуб донела привремена мерка со која детето на славната хрватска и балканска ѕвезда, пејачката Северина Којиќ и нејзиниот поранешен партнер, српскиот бизнисмен Милан Поповиќ, треба да живее со таткото кој самостојно ќе се грижи за неговото здравје и образование, реакциите во јавноста не стивнуваат.

И додека сите се препукуваат заземајќи страна, заслепени од меѓусебната омраза, овие родители очигледно мислат само на себе и на тоа кој е победник, а кој поразен во долгогодишниот меч во текот на кој и едниот и другиот сигурно заслужиле многу жолти и црвени картони.

Не знам кој заслужил повеќе ‘картони’ бидејќи ниту го познавам бизнисменот лично, ниту пак ја познавам пејачката (додуша, со неа еднаш правевме кусо видео-интервју за порталот „Арт кујна“), ама не можам и не сакам да навивам за ниеден од нив. Навивам за децата. Секогаш!

За децата кои никој нема да ги труе со омраза против родителот, за децата кои никој нема да ги оттргнува од некој од родителите, за децата на кои никој нема да им забранува да си ги види мајката или таткото, за децата кои нема да пораснат со омраза кон едниот од родителите или кон обајцата, за децата кои ќе имаат право и слобода да се гледаат и со едниот и со другиот и кои нема да мораат да го прават тоа во строго определен термин или, не дај Боже, во присуство на полиција или на социјални работници, за децата кои нема да стекнат медиумска популарност уште од мали само затоа што се дел од циркусот на нивните родители, неспособни за договор. За договор за доброто на своето дете – плод на нивната љубов која исчезнала без трага и без глас, ама ете, плодот, ни крив ни должен, останал растргнат помеѓу нив. А ним им останала обврската заеднички да го чуваат и да го пораснат во здрав плод, без отрови и пестициди.

Во моментов, победник е Милан, а Северина е скршена. Да, сите, или барем сите нормални луѓе, си го сакаат своето дете до себе, но за да се создаде, да се порасне и да се воспита дете, требаат двајца, а двајца е секогаш подобро од еден.

Но, и за кавги, недоразбирања и неможност за договор, се исто така потребни двајца.

Во правната битка околу старателството над нејзиниот син, Северина го загуби спорот со Милан, а нејзините застапници ќе се обидат да ја оспорат оваа одлука со оглед на фактот дека тие поднеле кривична пријава против Поповиќ за кршење на правата на детето.
Адвокатите си ги тријат рацете, родителите се мразат сѐ повеќе и повеќе,  јазот помеѓу нив се продлабочува, детето страда, а надлежните институции наместо да стават крај на  ваквите семејни голготи, упорно носат пресуди во полза на едниот или на другиот родител со кои сета ‘сила и моќ’ му се дава на актуелниот победник, а вториот родител се става во втор план и добива небулозни решенија за термини во кои може (мора) да се види со своето дете, на точно одредено место и во точно одредено време.

Северина пишува трогателни статуси, и искрено, сите мајки, или барем повеќето жени (оние кои не можат да ѝ го простат она спорно видео, не се меѓу нив) искрено сочувствуваат со неа, како што досега татковците сочувствуваа со таткото. И за жал, тие не се единствените кои на овој начин, преку меѓусебни пресметки, ги решаваат меѓусебните конфликти.

Дали некогаш некој од овие и вакви заслепени од меѓусебна омраза родители ќе сфатат дека не може и не треба да се дели на две, дека детето не е мебел ниту пак е заштеда во банка.

Во светот, односно, во многу држави во светот постои или барем се стремат кон тоа решение за ваквите нерешливи ситуации кога кај родителите не постои слух, ниту доволно разум за заеднички договор, или не постои кај едниот од нив.

Решението е јасно: со закон треба да се определи заедничко и рамноправно родителство. И дефинитивно, тоа е најправичното решение во сите случаи кога и двајцата родители очајно се борат за правото да бидат со своето дете. А правото е заедничко.

Според медиумите, Милан Поповиќ тврдел дека детето ќе може да ја види својата мајка, пејачката Северина Којиќ, кога и да посака, без оглед на пресудата затоа што тој се залагал за заедничко родителство и имал намера да продолжи да се залага за ова. Дали е тоа вистина така или не, не знаеме, Но, поентата е дека ниту оваа, ниту претходната пресуда се во интерес на детето. А решение постои и возможно е, верувајте, кога емоциите ќе се совладаат, а омразата ќе стивне или ќе се потисне, тоа може да функционира. Има ли нешто полошо од тоа кога детето кое некогаш било плод на љубов, ќе се претвори во средство за меѓусебни пресметки?

Ако пак препреките помеѓу родителите се навистина несовладливи, треба да пресечат надлежните институции. Детето е подеднакво и на едниот и на другиот и никој нема авторски права, ниту пак може да се добие доволен надомест за детето, во случај на отсуство на едниот родител од животот на детето.

И навистина веќе се прашувам, има ли разум во луѓето? Има ли вистинска љубов? Зошто едниот треба да е секогаш во предност пред другиот, зошто мора да има победени и поразени, зошто децата се растргнуваат и се доведуваат во ситуација да одбираат?

Дали после 10 години, детето на Северина и Милан и уште многу многу други деца во слична ситуација, ќе бидат исполнети, дали ќе чувствуваат подеднаква љубов кон двајцата родители или ќе бидат полни со омраза и огорченост кон едниот од нив, несигурни и со голема празнина која никој и ништо нема да може да ја пополни?

Фото: Pixabey

[better-ads type='banner' banner='999' ]