Еднa од најпознатите британски адвокатки за разводи вели дека коронавирусот „многу веројатно“ ќе доведе до зголемен број на разводи затоа што двојките ќе поминуваат премногу време заедно во карантин.
Исто така и стапките на развод во Кина значително се зголемиле бидејќи двојките поминувале премногу време заедно во самоизолација поради коронавирусот.
Повеќе од 300 двојки закажале развод во Дају, во провинцијата Сечуан во југозападна Кина, од 24 февруари.
“Младите луѓе поминуваат многу време затворени во домовите. Тие се караат околу ситни работи и потоа брзаат да се разведат”, објаснил матичарот Лу Шиџун.
Друга причина за скокот на бројот на разводи може да биде тоа што сите државни канцеларии биле долго затворени заради епидемијата на коронавирусот.
Ситуацијата на изолација, кога двојката или семејството се заедно многу повеќе време од претходно, е предизвик за сите, и за семејството како целина, велат експертите.
Бидејќи луѓето мораат да останат дома, тие не можат да ги задоволат вообичаените желби, па стануваат незадоволни, фрустрирани и нервозни. Тогаш им се намалува прагот на толеранција, стануваат пречувствителни, а потоа реагираат на невообичаени начини. Некои стануваат агресивни, други се повлекуваат, трети на некој свој начин. Значи, вонредната состојба околу нас предизвикува вонредна состојба и во врските или браковите.
Експертите сметаат дека семејствата во кои се добри меѓусебните односи, има најмногу шанси да го протуркаат ова без штети, дури и да излезат уште поцврсто поврзани. Меѓутоа, тоа не е случај во оние донови во кои владеат лоши односи. Веројатно во овие случаи ќе дојде до влошување на односите кои ќе резултираат со разводи.
Значи, вонредната состојба е некој вид на предизвик, тест за секое семејство.
До можни изненадувања може да дојде и кај двојките кои сѐ уште не се познаваат доволно, односно не се доволно блиски.
Луѓето сакаат другите да ги доживуваат во најдобро светло, затоа ги кријат оние особини за кои веруваат дека би ја покажале нивната вистинска природа, а во односите на блискост, луѓето ги симнуваат своите „социјални маски“ и ја покажуваат својата вистинска природа.
Затоа е блискоста многу важна, затоа што луѓето се однесуваат онака какви што навистина се, а нивните блиски ги прифаќаат такви какви што се. Од таа причина луѓето кои се блиски добро се познаваат еден со друг и по правило нема некои посебни изненадувања.
Бракот ќе го зачуваат сите оние на кои им е важно да го зачуваат, ако се однесуваат правилно, тогаш не само што нема да го загрозат бракот, туку од целата ситуација ќе излезат уште поцврсто поврзани. Ако не се однесуваат правилно, туку себично, нетолерантно, детинесто, агресивно, тогаш ќе ги загрозат своите односи со другите.
Според зборовите на психотерапевтите, вонредната ситуација бара две работи: самоконтрола и трпеливост.
Со самоконтрола ги гушиме кај себе оние реакции кои се штетни за односите, а со трпеливоста се откажуваме од агресивни реакции на постапките на другите луѓе. За сето ова да функционира, секој треба да има право во условите на изолација понекогаш да се повлече од другите за да се одмори или да се забави себеси на оној начин кој најмногу му одговара.
Фото: Pexels