Доктор Вјолца Мбиара е специјалист-гинеколог која почна со работа во специјалистичката гинеколошка ординација во Шуто Оризари во септември минатата година, откако претходно пет години во оваа поликлиника немаше гинеколог.
Уште на почетокот доктор Вјолца се соочи со проблемот со непознавањето на македонскиот јазик поради што во комуникацијата со пациентките ѝ помагаше медицинската сестра, која истовремено ѝ беше и преведувач, а подоцна се соочи и со обвинувања околу своето професионално минато.
За порталот „Мајка и дете“ таа зборува за својата досегашна пракса во Шуто Оризари и ги обвинува невладините организации дека ги одвраќаат пациентките од општината да се регистрираат како нејзини пациентки плаќајќи им по илјада денари. Зборувавме со неа за ова и за нејзината неколкумесечна пракса во ординацијата во Шутка.
Докторке, имаше кон вас многу обвинувања, прво ви забележуваа дека не го знаете јазикот, а потоа и дека не сте работеле во Американската болница во Тирана. Каква е актуелната ситуација, дали се уште медицинската сестра со која работите е и ваш преведувач?
Нормално, кога дојдов, на почетокот имав проблем со македонскиот јазик, и во тој момент тоа го решив со помош на медицинската сестра која добро ги познава и македонскиот и албанскиот јазик и тоа многу ми помогна во моите секојдневни контакти со пациентите. Досега добро напредував со учењето на македонскиот јазик и моментално немам никаков проблем во комуникацијата со пациентките кои го зборуваат македонскиот јазик.
Што се однесува до моето претходно работно искуство, уште првично изјавив дека имам работено три години во Американската болница во Албанија, а не во Тирана, и тоа се потврдува од мојата документација за вработување во Албанија. Значи, и од почеток не излеговме со информација во кој град конкретно сум работела, а некој очигледно сакаше да ја оцрни мојата личност и мојот професионален авторитет.
Колку пациентки дневно имате во просек, дали се потврдува она дека со душа се чекало во Шутка да почне да работи гинеколог и дека има огромен број пациентки?
Па во просек, дневно имаме околу 4 пациентки што се регистрираат. Но имаме проблем што на многу пациентки во меѓувреме им престанало осигурувањето или им истекол рокот на здравствената карта и тоа ни произведува многу пациентки кои не се активни во системот на Фондот за здравствено осигурување. Исто така голем проблем е и тоа што голем број на пациентки не се добро информирани во врска со постапката за регистрација и одјава од матичен лекар па така честопати наидуваме на ситуации кога една наша пациентка оди кај друг гинеколог па таму ја регистрираат па после кратко време доаѓа пак тука мислејќи дека е уште регистрирана кај нас и тоа ни создава несакани ситуации и тешкотии при работата.
Можам да кажам дека од досегашната работа не се потврдува тоа дека во Шуто Оризари се чекало со душа да дојде гинеколог. Мислам дека поголемиот број на жени од Шуто Оризари веќе се регистрирани кај матични гинеколози во околинава, особено во Чаир и тоа во моментов продолжува така и понатаму.
Успеавте ли да разберете која е причината што помина толку долго за да се најде некој што ќе сака да работи како гинеколог во Шутка и дали вие останувате и понатаму тука?
Јас мислам дека проблемот од недостаток на матичен гинеколог во Шуто Оризари не бил во тоа дека гинеколозите не сакале да работат тука, проблемот бил во тоа што на многумина им пречи тука да има матичен гинеколог, особено на некои невладини организации кои на најдобар начин го користеле недостатокок на матичен гинеколог во ова подрачје.
Има многу пациентки кои ни кажуваат како некои невладини организации им даваат по 1.000 денари за да не се регистрираат или некои кои веќе се регистрирани, да се одјават откај нас.
Во секој случај, јас немам намера да се откажам и ќе продолжам да си работам во мојата приватна ординација во Шуто Оризари се додека можам физички да си ја вршам мојата секојдневна работа без проблем.
За што најчесто доаѓаат пациентките кај вас?
Најчесто пациентките доаѓаат поради гинеколошки инфекции, пореметен менструален циклус, цисти на јајници, бенигна или малигна миома на матката и поради откривање и следење на бременост.
Дали е голем бројот на малолетнички кои доаѓаат кај вас поради бременост и колкава е вашата најмлада пациентка досега?
Па околу 50 проценти од бројот на пациентки кои се следат за бременост се под 18 годишна возраст, а најмладата бремена малолетничка има 14 години.
Што им советувате најчесто на своите пациентки?
Она што е најбитно за превенција на некои гинеколошки заболувања е личната хигиена на пациентките и затоа им препорачувам да обрнат многу внимание на личната хигиена и на почести контроли кај матичниот гинеколог.
Дали вие имате деца, колкави се и како успевате да ги усогласите своите мајчински обврски и одговорности и овие на работното место?
Да, имам две деца. Синот ми е седумгодишен, а ќерка ми е деветгодишна. Тие се регистрирани во едно од основните училишта во Бутел кадешто се на дневен престој, па јас сум слободна до 17 часот за да можам да си ги вршам моите секојдневни обврски.
Драгица Христова