Аликанте се наоѓа на медитеранскиот брег на источна Шпанија. Тој е популарна туристичка дестинација и веќе некое време брачната двојка Стефани и Горазд Христов планирале да заминат таму на патување, кое требало да биде делумно работно, а делумно за одмор. Пред неколку месеци си купиле повратни авионски билети и на почетокот од март конечно заминале на оваа дестинација со намера да останат десетина дена. Со нив, и нивниот пријател Даниел, чија девојка поради обврските на факултет требало да замине 2-3 дена подоцна.
Иако епидемијата на коронавирус во периодот на нивното заминување веќе беше актуелна тема и се ширеше низ светов, кај нас и во Шпанија, ситуацијата беше мирна, па тие, не размислувајќи премногу на оваа тема, со нетрпение го чекале својот лет. Првите неколку денови по пристигнувањето, Аликанте ги пречекало облеано во сонце и во одлично расположение. Воодушевени го разгледувале градот, а на загрижените прашања на нивните родители од Скопје кадешто на денот на нивното заминување веќе отпочна драмата на кожната клиника, тие вчудоневидено одговарале: „Што ви е вам?! Не, се разбира дека тука нема ништо, сѐ е лабаво, никој не зборува за вирусот, сѐ е супер, се шетаме, уживаме, навистина е сѐ во ред, што се случи таму сега наеднаш?!“
Но за само неколку дена ситуацијата се сменила со филмска брзина. Повеќе ништо не било исто. Наеднаш, џагорот во преубавиот град замрел, рестораните се затвориле и настапил полициски час. И сѐ уште трае.
Станот на нивниот пријател во кој се тие сместени наеднаш се претворил во строг карантин. Единственото место кадешто можат да одат е блискиот маркет од кој ги набавуваат неопходните намирници и аптеките во кои одат да си купат маски и средства за дезинфекција. А дури ни таму не можат да одат заедно од едноставна причина што во градот е забрането да се движат по двајца.
„Кога првпат тргнавме да купиме намирници не застана полиција, едвај се разбравме бидејќи таму ретко кој зборува англиски, а ние шпански не знаеме, но некако се разбравме. Стефи ја испратија дома, а мене ме пуштија да испазарам во маркетот. Тука, за разлика од Барселона и Мадрид, има само мал број на заболени, па можеби е и добро што се мерките толку ригорозни. Го затворија градот, па никој не може ниту да излезе ниту да влезе, а полицискиот час е оттогаш наваму постојано на сила. Бидејќи ни е тоа единствена можност да си ги протегнеме нозете, откако сфативме дека не смееме да излегуваме заедно, почнавме да излегуваме еден по друг, чекаме во ред пред маркетот на дозволената дистанца, влегуваме внатре и глумиме дека сме на ‘дејт’ – пазаруваме заедно, а назад повторно се враќаме еден по друг. Пред маркетите сите чекаме на дистанца, а кога треба да се влезе внатре, еден од вработените на оние кои немаат, им дава ракавици и средство за дезинфекција на истите. Внатре пак, секогаш има и обезбедување ‘вооружено’ со пендрек. Мораме да бидеме многу внимателни па не одиме секогаш заедно, затоа што едноставно не се исплати постојано да се објаснуваме со полицијата. Освен тоа, свесни сме дека е тоа и за наше добро. Кога и да излезе некој од нас, полицијата го следи за да види каде ќе оди, затоа задолжително земаме торба за пазарење за да не мора да не застануваат патем“, раскажува Горазд.
Неговата сопруга Стефани вели дека најубав дел од денот им е пиењето кафе на балкон.
„Обично првото кафе по станувањето, кога е денот убав и сончев, го пиеме на балкон. Кога врне, а знае да врне, и кафето си го пиеме внатре. Навечер пак, главна разонода ни е играњето бриџ, гледањето серии, понекогаш вежбаме, а снимаме и видеа кои потоа ги постираме на ТикТок. Едно од нив ги надмина сите наши очекувања – имаше повеќе од 500 илјади прегледи. Се трудиме да бидеме креативни за да не ‘зарѓаме’. А имаме и уште една разонода, тоа е онаа кога секоја вечер во 20 часот сите излегуваме на балконите и аплаудираме. Тогаш знаеме да си мафнеме за поздрав со соседите, но освен ова, немаме друга комуникација бидејќи тука ретко кој зборува англиски. Инаку, со Горазд сме во брак кусо време, година и седум месеци и одлично се согласуваме, па дури ни во вакви услови не сме се скарале. Кога еден од нас ќе отиде во тоалет или во друга соба, на враќање на шега се прашуваме: ти недостасував ли?“, се смее Стефани.
Она што воопшто не им е смешно се вестите за заболените и за починатите во Шпанија и воопшто во светот. Тие ни раскажаа и уште една неубава работа, а тоа е дека се случува кога нема доволно алкохол во аптеките, на повозрасните да им го скријат за да му го дадат на некој помлад.
Стефани која е фотографка вели дека најмногу ѝ недостасува компјутерот.
„Да ми беше тука компјутерот ќе можев барем да средувам фотографии и видеа, па ќе можевме и повеќе филмови да гледаме и се разбира, ми недостасува нашата мачка која остана дома со мајка му на Горазд“, раскажува Стефи.
На Горазд пак, кој е скулптор по професија, му недостасува ателјето.
„Да бевме дома ќе можев барем нешто да работам и да не мислам на ситуацијата“, вели Горазд. На нивниот пријател Даниел пак, кој е музичар, најмногу му недостасува гитарата.
Постојано се во комуникација со нашата амбасада во Мадрид кадешто се пријавиле и за таканаречените хуманитарни летови, но веројатноста да се организира лет од Шпанија, речиси и ја нема. Згора на сѐ, дури и да се организира лет, тој веројатно би бил од Барселона, а Аликанте е на 500 километри од таму.
„Од амбасадата се многу љубезни и цело време сме во контакт со нив, но не можат да ни помогнат. Пред некое време не посоветуваа да купиме билети за лет од Барцелона до Софија, од кадешто, наводно, требало да има организиран превоз до Скопје, меѓутоа, тоа не се случи, летот беше откажан.
За среќа, престојуваме во стан кај наши пријатели кои всушност и дојдовме да ги посетиме, но не е лесно да си далеку од дома. Особено и поради тоа што парите бргу се трошат, времето во вакви услови не поминува, а иднината е неизвесна за сите, па и за нас“, велат тие.