Васил Огњановски: Во татко ми сега чука женско срце, но сигурен сум дека машки ќе издржи

Синот на 54-годишниот Иван, првиот човек во Македонија на кој му беше извршена трансплантација на срце, рано останал без мајка. Починала од рак кога тој имал само 12 години, па многу добро знае колку им е тешко на децата на Емилија, жената чие срце сега чука во градите на неговиот татко.

0
7322

Семејната приказна на 54-годишниот Иван Огњановски, првиот пациент во Македонија кому му беше извршена транслантација на срце од мртов донор и неговиот син Васил, не е една од најсреќните. Имено, Васил, кој на 12.јуни ќе наполни 29 години, на 12-годишна возраст ја изгубил мајка си, а татко му пак долги години живеел во Русија. Така Васил и неговиот помлад брат пораснале со баба им, мајка на нивната мајка, а кај родителите на татко му оделе најчесто за време на викендите. Со татко му Васил контактирал телефонски, а кога Иван последен пат дошол во Македонија пред 6 години и останал тука за да се грижи за својот татко, по смртта на мајка си, таткото и синот конечно се зближиле и почнале да поминуваат заедно повеќе време.

Васил работи како фризер во фризерскиот салон Hairdo, во близина на ТЦ Буњаковец и неговите муштерики имаат полна уста пофални зборови за него. И покрај тоа што долги години живеел без татко, Васил вели: Крвта не е вода и мојот татко секогаш ќе биде мој татко, а сѐ што поминало било помеѓу моите родители и тоа нема да го смени мојот однос со татко ми.

Иван Огњановски

Изминативе години ние се гледавме често, а кога почнаа неговите проблеми со срцето секако дека не ми беше лесно.

„Пред некои 5 месеци татко ми почна да има потешкотии со дишењето  и му се појавија отоци по нозете, па под итно се упати на Клиниката за кардиохирургија кадешто му кажаа дека мора да се направи коронографија. После неколку дена беше пуштен на домашно лекување. На првата контрола му направија дополнителни испитувања и утврдија дека мора да  му се вгради бајпас. Ден пред операцијата, во попладневните часови  на  клиниката му се слошило и доживеал клиничка смрт. Мораше под итно да го оперираат. После операцијата се утврди дека срцевата функција е само  од 20 до 25%, а во светот таков пациент е директен кандидат за трансплантација од починат донор или за инплант од вештачко срце.  Со оглед на тоа што во нашата држава досега не се правеа трансплантации  на срце од починат донор, се разгледуваше опцијата за инплант, односно, за  вештачко срце. Во спротивно татко ми можеше во секој момент да почине.

Поради ситуацијата со корона вирусот, после 10 дена го пуштија на домашно лекување. Едвај дишеше, како на шкрги. Ќе излезеше во двор и после само 1-2 чекори се заморуваше и не можеше да дише. Во ваква состојба, го затекна и повикот од Кардиохирургија.

Во четвртокот, прво јас добив повик од Кардиохирургија. Ме известија дека татко ми треба  да оди на контрола за да се види што понатаму. После само 15 минути од овој повик, му се јавија оттаму и на татко ми и го известија дека имаат донатор со содветно срце. По овој разговор татко ми ми се јави за да ме извести. Беше исплашен и ми кажа дека му е страв да оди во болница. Додека разговаравме се појави газдата на фризерницата кадешто работам и кога ме слушна што зборувам, веднаш ме ослободи од работа и ми кажа под итно да си одам и да бидам со татко ми. Се разбира, веднаш отидов, разговаравме со татко ми и му објаснив дека ова му е шанса каква што ретко кој ја има и дека има многу луѓе и кај нас и во светот кои со години чекаат на трансплантација, живеејќи во постојан страв дека секој ден може да им биде последен. Му реков дека сега сам треба да избере дали сака да ја прифати шансата и да живее  или да чека во секој момент да умре. Отиде на клиниката и почнаа подготовките  за сите дополнителни испитувања. Кога се утврди дека е сѐ во ред, во петокот, во 23 часот беше однесен на операција. За мене таа вечер беше долга како цела година. Во раните утрински часови бев повикан од клиниката. Ме известија дека срцето почнало да чука во посакуваниот ритам и дека татко ми  е стабилен. Секако, покрај радоста, чувствував и тага за прерано згаснатиот живот на Емилија  Динева  поради тоа што и таа  е мајка, сопруга и ќерка и сестра на некое семејство. Сакам да изразам големо сочувство  до семејството. Нема зборови кои би можеле да ја ублажат нивната тага, посебно за нејзините деца. Јас знам како е да се има почината мајка  и навистина сум им многу благодарен на сите за оваа одлука, со органите на својата мајка, сопруга, сестра, да спасат дури три животи.

Благодарение на нејзиното срце кое сега чука во градите на татко ми, нашите семејства ќе бидат секогаш поврзани. Инаку, сосема случајно, токму вчера дознав дека имаме и заеднички пријатели кои ме информираа дека и тие сакаат да се запознаеме во најскоро време, односно, кога барем малку ќе им стивне болката.

Секако, прво ќе одам само јас за да ги запознаам во живо и да им кажам едно големо благодарам, а здравје, кога татко ми ќе се опорави, затоа што ова е сепак тешка операција и треба да помине извесен период за тој да може пак да застане на нозе, сигурно дека и самиот ќе се сретне со нив, а тие ќе можат да го слушнат срцето на нивната сакана Емилија“, ни раскажа Васил.

[better-ads type='banner' banner='999' ]