Во периодот на пандемија, децата и младите се лишени од клучни сегменти за нивниот развој

Зголемена напнатост и вознемиреност, анксиозни или панични напади, депресивно расположение, но и фрустрации поради неможноста за експериментирање, кое кај младите е начин на кој тие почнуваат да го формираат својот идентитет, се последиците од живеењето во овој период на пандемија со ковид-19. За начините на кои сето ова може да се надмине, како и за иднината на генерациите кои растат и се развиваат во овој период, зборувавме со Марија Стојкоска Василевска, психолог, психотерапевт во „Есенција“ и Ана Попризова, училишен психолог и соработник на Детската амбасада „Меѓаши“.

0
473

Во продолжение на темата за состојбата на децата и младите во периодот на пандемијата со корона вирусот, разговаравме со Марија Стојкоска Василевска, психолог и психотерапевт во „Есенција“ и Ана Попризова, училишен психолог и соработник на Детска амбасада „Меѓаши“.

Тие се обидоа да дадат одговори на нашите прашања за тоа како влијае актуелната состојба врз менталното здравје на децата и младите, какви се нивните искуства, но и совети за тоа како тие и нивните родители да се справат со овие нови предизвици.

„Во овој период, состојбата со децата и младите е загрижувачка заради тоа што  поминуваат премногу време онлајн. Ова доведува до зголемена напнатост и вознемиреност, а во некои случаи и до појава на анксиозни или панични напади, депресивно расположение и слично. Според нивни кажувања им недостасува училишната атмосфера, одморите, другарувањето со пријателите и наставниците. Ваквата ситуација ги прави да се чувствуваат осамено, вознемирени заради бројот на заболени, загрижени за сопственото и здравјето на блиските“, вели нашата соговорничка Ана Попризова, од аспект на училишен психолог.

Според Марија Стојкоска Василевска, психолог и психотерапевт во „Есенција“, во овој период, младите кај кои експериментирањето е всушност начин на кој тие почнуваат да го формираат својот идентитет, се оневозможени и ограничени во таа можност за експериментирање.

„Контексот во кој живееме сега е агресивен и ограничувачки и многу влијае врз фрустрацијата на тинејџерот т.е. врз тоа што тој не може да го следи својот развој. Таа фрустрација ја преживува секој различно, во согласност со личниот капацитет и способноста за адаптација. Кај екстравертните млади поочигледна е фрустрацијата бидејќи им е ускратен контекстот, полето во кое се развиваат и експериментираат. Социјалните контакти стануваат посредни, преку електронски уреди и можат само делумно да ја задоволат автентичната потреба за истражување, експериментирање, креирање, итн. На интровертните пак значаен им е внатрешниот свет во кој се повлекуваат за да се преиспитаат, искреираат фантазии кои им помагаат во нивниот развој на идентитет. Сега мирот кој им е потребен да експериментираат во својата фантазија им е нарушен  бидејќи целата динамика која е креирана во домот оневозможува и фрустрира.

Кога гледаме во еден развоен процес како што е адолесценцијата за кој е потребна динамика и размена со средината и гледаме дека еден од важните чинители, средината и размената со неа е ограничена, всушност гледаме во предизвик кој значително го обележува развојот на младата личност. Од свесноста и вистинското разбирање на овој предизвик важно е да произлезат механизми за справување и креативна адаптација кои може да се нудат како поддршка на младите додека трае пандемијата, а да не застане или страда нивниот развој“.

Во однос на зголемениот број на часови кои младите во актуелната ситуација ги минуваат, сега и поради новиот начин на настава, е уште еден од предизвиците на новата реалност, Попризова вели дека огромен дел од учениците, настрана од времето што го минуваат пред екраните за време на онлајн наставата, поминуваат во просек од 2 до 5 часа дневно на социјалните мрежи.

„Она што треба да се работи сега со децата и младите е подигнување на свеста за ограничено време на интернет, за поставување и усвојување на правила за користење на интернет, со што би се намалил моменталниот неконтролиран начин на примена на компјутерската технологија. Треба да се воспитуваат да знаат колку време да бидат активни, на кој  начин да ја користат технологијата, кои извори да ги следат, како да ја користат технологијата и интернетот на корисен и безбеден начин соодветно на нивната возраст“. Според Стојкоска Василевска, иако потребата од електронските уреди се наметна како неопходност, границата до каде е тоа за задоволување на развојни потреби и делумна компензација за фрустрацијата, а од каде почнува деструкцијата и зависноста, е многу тенка.

Она што поради актуелната состојба им се ускратува на младите, а тоа е излегувањето и физичкото дружење со врсниците, а згора, и тоа што им се наметнува чувството на грижа на совест дека нивното неодговорно однесување во оваа смисла би можело да биде причина вирусот да се внесе во домот и семејството, нашите соговорнички сметаат дека тука е значајна улогата на родителите и наставниците. Имено, тие треба да им укажуваат на тоа што значи општествено добро, солидарност и придонес за и во заедницата, а младите треба да развијат свесност за своите постапки, за да можат да проценат дали се тие ризични или прифатливи, во својот идентитет да вградат аспект на совесност, критичност, одмереност, внимателност.

„Дефинитивно начинот на живот во пандемија е предизивик за сите генерации. Од една страна е личен предизвик, бидејќи сега целиот живот ни се случува од една соба. Од еден простор сме и ученици, родители, деца, роднини, пријатели, вработени и сл. Целиот наш социјален живот се случува од една соба, еден стан, со ограничени можности. Тоа  кај децата и младите создава посебен притисок, бидејќи тие заради своите развојни специфики се свртени кон врсниците, другарите и пријателите. Моја препорака е секој член од семејството си одреди безбедно катче и безбедно време во кое ќе се повлече, ќе мине малку време сам со себе за да може потоа поопуштено да комуницира со домашните.

Секако на ова би додала дека е од суштинско значење за менталното здравје на децата и младите да имаат воспоставена структура на активности во текот на денот, да не бидат препуштени деновите им минуваат без распоред на активности, бидејќи тоа само ќе доведе до намалување на нивната мотивација, учење и воопшто, до една апатија и депресивност“, советува Попризова.

Според Стојкоска Василевска, колку што минува повеќе време во оваа ситуација на неизвесност и страв, нашите капацитети да се справуваме се трошат и потребно е да се најде начин како да се обноват или зајакнат.

„Бројот на луѓето што бараат психолошка поддршка е очекувано да се зголемува во еден ваков период, но, тоа е добар показател дека луѓето стануваат свесни и сензитивни за своето ментално здравје и бараат адекватна поддршка наместо да одат во деструкција, негирање или други одбрамбени механизми кои не се во склад со квалитетно живеење“, вели таа.

А она со што тие се соочуваат во актуелната состојба е еден нов вид на напнатост и вознемиреност и кај возрасните, но особено кај младите.

„Трауматската средина во која живееме трае долго и креира трауматски настани кои се лични и се доживуваат со различен интензитет. Од лично прележување на ковид-19 или на некој близок, до загуба на близок и неможност да се помине низ процесот на обжалување соодветно. Понатаму поради спреченост да се оствари некоја активност која имала големо значење кај личноста во развој може да предизвика фрустрација со силина која може да предизвика депресивно однесување, несоници дури и деструктивни самоповредувачки мисли. Анксиозноста исто така може да биде чест одговор на декомпензација поради продолжена трауматска состојба“, смета Стојкоска Василевска.

Според Попризова, напнатоста и вознемиреноста кои произлегуваат од оваа долготрајна состојба, се повеќе присутни кај одличните и амбициозните ученици кои имаат мотив да постигнуваат одличен успех.

„Кај поголем процент од нив се забалежува анксиозност од одговарање или тест пред камера, онлајн. Бидејќи времето е кратко, тие се во постојан стрес дали ќе успеат да одговорат, дали ќе ги види наставникот дека креваат рака, дали ќе им работи компјутерот, дали ќе успеат да го испратат на време домашното на мејл, дали ќе им падне интернетот. Особено оние ученици кои немале досега контакт со со наставниците, туку се познаваат само од часовите со далечинско учење“, вели Попризова и додава: „Ова е нова ситуација за сите, глобална пандемија, која за жал, ќе предизвика глобална светска трума за целото население. Какви ќе бидат ефектите не можеме во целост да предвидиме, особено затоа што децата и младите кои се во развој се лишени од клучни сегменти значајни за нивниот развој. Но, да се потсетиме дека човечкиот капацитет за адаптација и прилагодување е фасцинантен и да веруваме дека децата и младите успешно ќе се адаптираат на овој вид насатва и живот во пандемија и дека многу брзо ќе ги пребродат проблемите“.

Марија Стојкоска Василевска смета дека на секој процес може да се гледа како предизвик.

„Сѐ уште сме во реалност каде учиме како да го преживуваме овој контекст колку што може повеќе со зачуван капацитет за резонирање, чувствување и разменување. Поддршка за зачувување на капацитетите ни е свесноста и присутноста во сегашноста затоа што само така може да се штитиме и да ги адаптираме нашите развојни потреби како и вербата дека ќе успееме. На тој начин обезбедуваме пооптимистичка прогноза за иднината која ни доаѓа. Една од карактеристиките на младоста е и поголемиот капацитет за адаптибилност. Идејата е дека кога ќе им се врати природната средина за размена ќе имаат можност да надополнат сега потиснати потреби. Сепак, стресот кој го доживуваат на пример и со онлајн наставата може да остави последици кои може да бидат привремени, доколку се има свесност за нив и навремено се воочат и третираат. Кога гледаме страдање или видно променето однесување кај детето важно е да се реагира соодветно и навремено, а не да се чека да помине или да се обвинува сегашната ситуација. Свесноста, присуството и навременоста обезбедуваат подобра прогноза за справување со последиците од состојбата во која живееме“, предупредува таа.

Фото: Pixabay

[better-ads type='banner' banner='999' ]