Во име на одржливоста и антиконзумеризмот, се венчале во облека од втора рака што ја добиле од непознати луѓе

Поголемиот дел од она што го носела на својата венчавка, Тина Пап од Загреб го добила од непознати луѓе, на фејсбук групата Sharing is caring и покажала дека тој посебен ден не мора да чини милиони или илјадници куни. Особено ако сакате да го намалите отпадот во светот и да го направите подобро место за живеење. Би се венчале ли и вие во венчаница од втора рака?

0
174
Wedding and photos by Lapaš

На најстудениот ден во годината, во првата половина на февруари, загрепчанката Тина Пап се омажила за избраникот на нејзиното срце. Тоа, вели таа, беше многу интимна и емотивна мала свадба во ова време на корона. Тие сакале свадба што ќе биде токму таква какви што се и тие, опуштена, разумна и со што повеќе убави и посебни работи.

„Тој ден сакавме да чувствуваме само љубов и оптимизам. И некој нов и подобар свет. Подалеку од конзумеризмот и наметнатите правила и претерувања“.

Посебен – исто како и стајлингот на невестата затоа што поголемиот дел од она што го носела го добила од непознати луѓе.

Имено, повеќето од тоа што ѝ требало за да заблеска на својата венчавка, Тина Пап од Загреб го нашла во фејсбук групата Sharing is caring (Загреб), направена со цел да се поттикне кружна економија и живот со што е можно помалку отпад. На оваа група може да се споделува и да се подарува се, вклучително и храна, знаење и вештини.

Благодарение на добрите луѓе собрани во групата, Тина успеала да состави комбинација за венчавката за која се 80 отсто заслужни токму членовите на групата. Се заедно, облеката за оваа корона свадба ја чинела двојката само 400 куни (околу 50 евра/3.000 денари). Нејзиниот сопруг купил само машна-пеперутка и марамче од хрватска дизајнерка.

„Ако сте подготвени и сами да го подарите вишокот на предмети, кога тогаш сето тоа ви се враќа“, рекла Тина која го добила фустанот од една госпоѓа, ги побарала ракавиците на заем, но девојката ѝ ги подарила, а бундата ја добила како подарок од девојка на која таа ѝ подарила нешто одамна, па кога Тина ѝ кажала дека се мажи, самата ѝ ја понудила.

Букетот го правела сама од монистра и жица добиени исто така во групата, а накит за коса добила во форма на винтиџ распаднат чешел – носела половина во букетот, половина на главата. Купила чевли во нискобуџетен стил, а набавила и користена чанта за 30 куни (околу 5 евра/300 денари).

„Ние поддржуваме рециклирање, намалување на отпад, реставрирање и млади надежи (дизајнери и занаетчии) кои се обидуваат да направат уникатни предмети со срце“, објаснила Тина, додавајќи дека се обиделе да се забавуваат, а се заедно  било спонтано и со многу смеа, убави емоции и со своите драги луѓе.

„Денот беше најстуден во годината, но емоциите беа најтопли. Сакам да им порачам на сите да не дозволуваат никогаш конзумеризмот да ја убие економијата и емоциите во било што и да правите.

Вредноста на душата е поважна и тој ден не мора да чини милиони или илјадници куни за изнајмување венчаница, што ја прави невестата „посебна“. Креативноста е најважната работа на светот. Особено ако сакате да го намалите отпадот во светот и да го направите подобро место за живеење“, рекла Тина, која решила да ѝ ја предаде венчаницата, на невеста која ќе знае да ја цени исто како и таа.

„Со задоволство ќе ја предадам венчаницата, бројот е 36-38, направен е по мерка (неверојатно е што ми одговараше како да е шиена за мене). Патентот неодамна е сменет и ќе треба само да се исчисти. Има мали оштетувања што не се видливи затоа што е многу богата и изработена од премногу добар материјал. Ако ја сакате оваа убавица од фустан, јавете се“, напишала Тина, која и покрај ледениот студ, добила фотографии од венчавката кои ги надминале сите нивни очекувања.

Wedding and photos by Lapaš

„Не планиравме помпа, драма, дожд од дијаманти и огномет, туку мирна и опуштена венчавка во кругот на кумовите. Интимна, опуштена и романтична. Побаравме два до три часа фотографирање, без снимање и наместени пози.

Сликите што ни беа дадени буквално нè маѓепсаа до тој степен што и солза пуштивме. Не е дека сме згодни, туку дека фотографката го уловила тоа на секоја фотографија“, споделила невестата на Фејсбук.

(Текстот и фотографиите се од ТУКА)

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]