Вкусните приказни на една мајка

Весна Ѓурковска Каеска е мајка на две деца, во моментов сѐ уште на породилно отсуство за кое е заслужна нејзината осуммесечна ќеркичка Ника, а синчето Максим има пет години и разговорите со него се инспирација за повеќето вкусни приказни на неговата мајка.

0
481

Весна Ѓурковска Каеска е мајка на две деца и автор на еден од најкреативните блогови наречен „Вкусни приказни“.

И навистина, секоја фотографија од оброк направен за блогот и, се разбира, за нејзините деца, во заднина има некоја интересна, но обична приказна од секојдневјето.

Весна е во моментов сѐ уште на породилно отсуство за кое е заслужна осуммесечната Ника, а нејзиниот син Максим има пет години и разговорите со него се инспирација за повеќето вкусни приказни на неговата мајка.

Инаку, блогот на Весна е прилично нов, бидејќи го почнала на 18.јануари по долго убедување од страна на сопругот и на една нејзина другарка. Сепак, идејата за него не е нова и долго тлеела во неа додека не стасало вистинското време за реализација.

Со оглед на изгледот на храната што ја подготвува за децата, помисливме дека можеби причина за нив да била токму нивната пребирливост, па наместо да ги лаже со старомодното „лета, лета авионче….“, одбрала нешто покреативно. Но не било така.

„Максим беше вистински гурман уште од старт со дохраната. Освен фазите кога му растеа заби или кога беше настинат и слично, некои спектакуларни одбивања на храна немаше. Ника е сосема поинаква приказна. Таа, не сака лажица, одбива да ја хранат други и е практично бебе кое ја води дохраната и нејзината насока во исхраната. По мое чувство, таа ќе биде попребирлива, но оставам времето да покаже“, раскажува Весна.

Максим го растела по стари препораки, по табела и месеци, додека Ника јаде по методот BLW (Baby-led weaning, односно, бебе-водач на дохраната).

„Ника се запознава со алергените уште сега, пред да наполни година. Давам сезонско, без шеќер, сол, само домашно зготвено, без мед. За јагоди би почекала на сезонските, а од јатки досега пробала путер од бадеми. Сепак, секој родител си носи сопствена одлука или, доколку не се сигурни,  тоа се прави во консултација со педијатар и нутриционист и особено внимателно ако има историја на алергии во семејството. Новите препораки за давање на алерген на порана возраст се направени заради порастот на алергиите и покрај шемите и избегнувањето на алергените до година, па и две“, објаснува таа.

Нејзиниот Максим јаде сѐ што ќе му зготви и никогаш не  одбил ниту еден зеленчук, а карфиолот му е омилен.

Ника пак, вели Весна, тукушто се запозна со карфиолот и сега засега се пријатели. Брокулата и е речиси, па прва храна, па веќе се најдобри другарки.

Но ако станува збор за нај, нај, најомилена храна, на Максим, наместо пица, шпагети и помфрит, омилени му се леќа, гравче и хумус, а на Ника – благиот компир.

А кој родител не сака неговите деца да се хранат здраво. Оние кои је немаат таа среќа или пак не знаат како да ги научат, секојдневно ја следат и ја поддржуваат Весна па таа постојано добива убави пораки за тоа што го прави, трудејќи се да им помогне на било каков начин во врска со исхраната на нивните деца.

„Не затоа што знам повеќе, туку зашто начинот на креативно сервирана храна им помогнал на многу дечиња да се заинтересираат повеќе за исхраната. Особено се радувам кога родителите ќе направат убаво креиран оброк и ќе ми го покажат. Моето блогирање се заснова на интеракција со нив“, објаснува Весна.

А таа е полна со инспирација која ја наоѓа во нивното секојдневје, во случките, во нивните омилени прошетки, настани, играчки, музика, песнички, стихови.

„Инспирација ми е сѐ околу мене. Доволно ми е само да излезам од дома, инспирацијата е насекаде околу нас. Особено кога си родител. Секој ден е единствен сам по себе“, вели таа и навистина, секоја нејзина креативна чинија има своја приказна, а Весна во својот блог ја споделува со другите.

Што се однесува до готвењето со децата, понекогаш го прави тоа со Максим кој иако не многу често, но сака да готви и особено се радува на тесто, на сечење форми со модли и слично. Наскоро Весна ќе биде учесник на неколку настани поврзани со храна, кадешто ќе има можност и поинаку да го промовира својот блог, идејата и секако, својата порака.

„Особено ме радува што ќе можам да зборувам на тема здрава храна. Во блиска иднина, следат проектите кои ги подготвуваме со сопругот, за кои ќе бидете во тек и повторно ќе пишуваме“, ветува Весна.

[better-ads type='banner' banner='999' ]