Бидејќи сѐ почесто се соочуваме со реклами кои ветуваат успешен третман на hallux valgus (деформација на палецот на стапалото или кокал), а кај жените сѐ почесто ги забележуваме оние испакнатини од внатрешната страна на стапалата поради кои чевлите се изобличени и ја оцртуваат формата на оваа испакната коска, а болките се бонус плус, решивме да ја запрашаме д-р Даница Поповска, специјалист по ортопедија за што точно станува збор. Дали е оваа појава навистина толку честа кај жените, дали видела досега маж со сличен проблем и како се постапува и се третира овој проблем.
Koj e најчестиот проблем кај жените со кој се соочувате вие во вашата пракса? Дали е тоа hallux valgus?
Главниот проблем за кој пациентите се јавуваат во ортопедска амбуланта е болка. Најчесто се работи за болки во грбот, кои се поврзани со животниот стил и нарушувања на р’бетниот столб. Халукс валгус, односно деформација на палецот на стапалото (кокал), е еден од најчестите проблеми на стапалата кај жените. Околу 20% од помладите жени и 35% од оние над 65 години страдаат од халукс валгус.
Која е главната причина за појава на hallux valgus?
Носењето на тесни чевли, кои предизвикуваат стегање и собирање на прстите, се смета за главен виновник за настанување на халукс валгус. Поради тоа, почесто го добиваат жените. Дополнително, носењето на високи потпетици доведува до поголемо оптоварување на предниот дел од стапалото, што придонесува за создавање и напредување на деформитетот, како и појава на болка.
Ако се високите потпетици и тесните обувки главната причина, зошто тогаш толку случаи кадешто многу поголем деформитет на стапалото имаат жени кои во споредба со други, многу поретко носеле вакви обувки?
Постојат и други причини за појава на халукс валгус. Постојат наследни фактори, поради кои некои стапала се склони кон ваков деформитет. Исто така, халукс валгус може да се појави и како резултат на други заболувања, како што е ревматоиден артрит или различни состојби кои доведуваат до парализа на некои мускулни групи на стапалото, како што е полиомиелит или нарушувања на р’бетниот столб.
Дали ваков деформитет сте сретнале кај мажи и која е причината за него?
Иако значително поретко, овој деформитет се јавува и кај мажите. Како што напоменавме, има различни фактори кои не се поврзани со полот и типот на обувките. Исто така, се работи за стереотип кога за тесна обувка се смета само „шпиц“ на висока потпетица. Било кои обувки, кои не се соодветно одбрани според формата и големината на стапалото, можат да доведат до различни нарушувања на стапалото, вклучително и халукс валгус.
Како се третира најчесто и во кој случај е потребна хируршка интервенција?
Најчесто халукс валгус се третира конзервативно, без операција. Во ваквиот третман спаѓа промена на типот на обувките со обувки со широк преден дел кои не ги притискаат прстите, носење на различни сепаратори за прсти или ноќни помагала кои привремено го исправаат деформитетот додека се носат и ја намалуваат болката, носење на силиконски штитници на местото на кокалот за да не се иритира од обувката и слично.
Понекогаш се потребни лекови за болка и ладни облоги за да се смират болката и воспалението. Сето ова служи за да се намали болката и да се спречи влошувањето на деформитетот, но не може да го исправи деформитетот. Единствениот начин за корекција е хируршки.
Кога е според вас време за таква интервенција, кој е последниот стадиум на деформацијата кога е крајно време да се направи интервенцијата или кога е најдобро да се направи за да биде што поедноставна?
Хируршка интервенција за халукс валгус е потребна кога и покрај горе наведените мерки, постојат тешкотии при носење обувки и болки. Исто така, треба да се има предвид дека халукс валгус почнува како мал деформитет, но по почетното искривување на палецот се нарушуваат нормалните односи меѓу мускулите и коските во стапалото и состојбата продолжува да се влошува и покрај превземените конзервативни мерки.
Најчесто се смета дека ако има делумно исчашување (сублуксација) на првиот метатарзофалангеален зглоб (зглобот помеѓу палецот и останатиот дел од стапалото), што може да се види на рентгенски снимки, состојбата неминовно ќе прогресира.
Кај помалите деформитети се потребни помали интервенции, на меките ткива или пресекување на само една коска за корекција на деформитетот. Колку деформитетот е поизразен, толку и зафатот за корекција е поопсежен, со потреба за операција и на другите прсти на стапалото кај најголемите деформитети.
Сепак, големината на деформитетот не е основна индикација за операција – одлуката за операција зависи од симптомите, потешкотиите при носење на обувки и потребите на пациентот.
Како тече опоравувањето и дали може да се случи ова да се повтори? Во кои случаи?
Опоравувањето по хируршка корекција на халукс валгус е релативно долго. Без разлика дали се работи за мекоткивна интервенција или пресекување на коска, трае минимум 3-4 недели, понекогаш и до 6 недели не се гази на оперираната нога или се гази само на пета, со помош на патерици.
Потоа следи период од неколку недели на постепено оптоварување и рехабилитација. Во зависност од пациентот и типот на процедурата, нормален од и носење на обувки се очекува по 8 до 12 недели од операцијата.
Има ли можност за некаква грешка која евентуално, наместо до решение на проблемот, би довела до поголем проблем?
Како и кај секоја медицинска интервенција, и кај оперативниот третман на халукс валгус постои ризик од компликации. Овие компликации вклучуваат инфекции на оперативната рана, незараснување на коските, појава на други деформитети или повторување на деформитетот.
Повторувањето на деформитетот е една од најчестите компликации на третманот на халукс валгус, која во зависност од типот на процедурата варира од 3% до 16%. Истражувањата покажуваат дека рецидивите се поретки во операциите кои вклучуваат остеотомија (пресекување на коската) во однос на мекоткивните операции.
Појавата на рецидив и други компликации не зависи само од типот на процедурата, туку и од општата состојба на пациентот, присуството на болести како атеросклероза, шеќерна болест и др. Пушењето исто така негативно влијае на зараснување на коските по остеотомијата.
Со анализа на голем број студии за ефектите од оперативниот зафат за третман на халукс валгус, при што се земени предвид објективни наоди и субјективното чувство на пациентот, е утврдено дека 85% од пациентите се задоволни од исходот на операцијата, 10% се делумно задоволни, а 5% се незадоволни или е потребна повторна хируршка интервенција.
Токму затоа, оперативниот третман на халукс валгус се врши по процена на потребите и состојбата на пациентот, при што со адекватен избор на интервенција се минимизира ризикот од компликации со максимален бенефит за конкретниот пациент.
Фото: Pixabey