Весна Башеска Симонова: Ги учиме децата дека сексот е круна на една љубов, а не супермаркет

„Дете индоктринирано да верува дека сексуалноста е израз на љубов е многу лесен плен за педофилите, тоа на сите треба да ни биде јасно“, вели нашата соговорничка, инаку, мајка на две ќерки, со која зборувавме за воведувањето на сексуално образование во основните училишта, за различните ставови на оваа тема, но и за многу други теми поврзани со воспитувањето на децата, семејните вредности, актуелните настани и девијантните општествени појави.

0
8563

Весна Башеска Симонова по професија е фармацевт, подоцна завршила специјализација по фармакоинформатика и работи како медицински советник и лице одговорно за следење на несаканите реакции од лековите. Дополнително завршила класична хомеопатија и тоа е нејзината втора професија со која не се занимава активно, но ја користи за да им помага на блиските луѓе.

Инаку, сопруга е на актерот Јордан Симонов и мајка на две ќерки 14-годишната Ведра и 9-годишната Мирна.

По многубројните реакции во јавноста по повод воведувањето на сексуално образование во основните училишта, различни ставови од страна на родителите, граѓанските здруженија и Министерството за образование, изјави, деманти и деманти на деманти, решивме да им дадеме простор на родителите кои сакаат да го кажат своето мислење на оваа тема, но и на многу други теми во врска со воспитувањето, како и во однос на актуелни настани и девијантни општествени појави.

Со Весна зборувавме и за тоа како таа и нејзиниот сопруг ги воспитуваат ќерките, бидејќи воспитувањето на децата сепак почнува во домот и истото не би требало да е во спротивност со она што децата подоцна ќе го учат на училиште.

Со Јордан имате две ќерки, колкави се сега тие, како учат последниве месеци?

Имаме две ќерки, Ведра и Мирна, 14 и 9 години, имаме и две кучиња, четири мачки, папагал и риби. Сите сме спакувани во еден стан, стратешки распоредени по соби, по кревети и под нив, секогаш ни е весело и раздвижено, делиме обврски и сонуваме за денот кога ќе го напуштиме градот и ќе се вратиме во природа.

Децата ги воспитуваме преку личен пример, да бидат отворени и искрени, да не повредуваат никого, но и да не дозволат да бидат повредени, да се почитуваат себеси и сите другите живи суштества на планетата, да сочувствуваат со послабите и да не го осудуваат она што не можат да го разберат. Месо не јадеме речиси 25 години, се залагаме за благосостојба на животните, на терасите си одгледуваме домати и пиперки и се трудиме во градот да направиме наше мало парче зелен рај.

Медиумите пишуваат, а и на фејсбук многу се коментира околу онаа старо-нова тема за воведување на сексуално образование во основниште училишта. Како родител, каков е твојот став во однос на ова прашање?

Многу родители деновиве се побунија против сеопфатното сексуално образование кое се планира да се воведе и кај нас. Реакциите се должат на повеќе фактори. Еден од нив е општата недоверба кон институциите и властите. Таа недоверба е дополнително поттикната од нетранспарентноста на целиот процес.

Втор фактор се сексуалните стандарди на СЗО, а знаеме дека како држава се трудиме секогаш да ги спроведуваме нивните препораки.

Трет фактор се учебниците од соседството кои ни даваат насока во која ќе се движат нашите учебници. Немањето на волја да се организира јавна расправа по вака важна тема, нова за оваа средина, е уште една цигла во ѕидот меѓу народот и власта. Станува очигледно дека не се прашува родителот или стручните лица од државата, туку се следат стандарди наметнати од надвор. Следевме што се случуваше во Србија, Хрватска и Бугарија кога кај нив се воведуваше сеопфатното сексуално образование и родово-сензитивни содржини во сите предмети кадешто е тоа можно. Родителите излегоа на улица и кажаа гласно НЕ, во Хрватска поведоа постапка пред Уставниот суд и успеаа да го спречат овој сексуален експеримент врз децата. Но, родителите таму се организираа, а кај нас во медиумите јавно се линчуваат оние кои ќе покажат сомнеж кон овој концепт.

Koja возраст е според тебе најсоодветна за да се почне со сексуално образование и дали е воопшто потребно?

Да, за сексуално образование, да, за изучување на сите појави во општеството поврзани со сексуалноста, но на возраст кога децата се доволно зрели да го примат тоа со сета сериозност, што според мене би била возраста кога почнува пубертетот.

Кога природата ќе ги разбуди хормоните во телото на детето, тогаш општеството треба да понуди едукација. Зошто да застрануваме од природните процеси? Зошто рана сексуализација? Дали е тоа потребно и корисно за детето или не? Зошто немаме отворена јавна дебата и зошто не се прашаат родителите за мислење?

Политичарите бараат од нас да им веруваме на збор дека промените ги прават за наше добро, а не ги даваат наставните содржини на увид. Јас лично чувствувам големо потценување од елитите кон обичниот човек.

Децата треба прво емотивно да созреат, а потоа ќе можат пообјективно да ги усвојат различностите во сексуалноста. Да се разговара со деца за секс додека тие сѐ уште се емоционално незрели многу личи на индоктринација и јас сум силно против тоа.

Но, факт е дека Светската Здравствена Организација определува стандарди и препораки за сексуално образование од самото раѓање (WHO Standards for Sexuality Education in Europe), па така децата на возраст од 0 до 4 години би требало во градинките да се информираат за радоста и задоволството од допирање на сопственото тело и раната детска мастурбација, откривање на сопствените гениталии, откривање на сопствениот полов идентитет (што не мора да биде ист со полот при раѓање), дека нежноста и физичката близина се изрази на љубов и приврзаност. Според СЗО децата од 4 до 6 години треба да изучуваат за пријателствата и љубовта со луѓе од ист пол, изразувањето на сексуалноста да ја поистоветат со изразувањето на љубов.

Сето ова за мене како родител е неприфатливо. Не само што е неприфатливо, туку е и штетно за психичкиот развој на децата и ќе ги направи поподложни на манипулации од сексуални предатори кои отсекогаш биле и ќе бидат меѓу нас. Дете индоктринирано да верува дека сексуалноста е израз на љубов е многу лесен плен за педофилите, тоа на сите треба да ни биде јасно.

Дали учителки и воспитувачки треба да го учат моето дете на радоста од допирањето на сопствените гениталии? Јас велам, не.

Ако се воведе само во 8 и 9 одделение, тогаш е тоа добро време, но сѐ уште останува она дека треба да се дадат на увид наставните содржини, па тогаш да ги дадеме нашите коментари и нашето мислење за содржините.

Дали зборувате со девојчињата на тема истополови врски, бисексуалност, травестизам, и слично?

Со децата сме разговарале за хомосексуалноста, бисексуалноста и трансгендерството како појави во општеството кои треба да бидат прифатени како одлука на секоја индивидуа, но исто така сме дискутирале и на темата дали некоја сексуална ориентација треба да биде истакнувана пред другите, да биде славена на паради и зошто тоа се случува.

Посебно ни е важно децата да разберат дека сексот е круна на една љубов, а не супермаркет каде можеш да си одбереш сексуална ориентација што ти се чини модерна во тој момент. Зборуваме за тоа зошто сексот без љубов е навреда кон самиот себе. Секогаш ја нагласуваме важноста на љубовта и таа љубов отворено ја кажуваме и покажуваме. Не се срамиме пред своите ќерки да се прегрнеме, бакнеме и да си изјавиме љубов. Верувам дека на тој начин ги подигаме нивните стандарди и очекувања од љубовните врски што ќе ги имаат во иднина.

Каков е вашиот однос со девојчињата, како и дали зборувате со нив за овие, како и за теми поврзани со сексуални напади, педофилија, особено по случувањата во соседството и обвинувањата за српскиот режисер, сценарист и учител по глума, Мирослав Мика Алексиќ, сопственик на актерско училиште во Белград?

Со ќерките имаме отворена комуникација на сите теми, се радувам што не се плашат или срамат да постават секакви прашања поврзани со сексуалноста. Се трудиме, како родители да им ги објасниме сите девијантни појави во општеството, вклучително и педофилијата. Зборуваме за тоа зошто треба внимателно да одберат на кого ќе му веруваат и како да се заштитат од сексуалните предатори.

 

Свесна сум дека примерите со Јавна соба и српскиот режисер Алексиќ ќе бидат искористени за уште повеќе да се нагласи важноста на раното сексуално образование, но според мене овие девијантни појави не се должат на  неедуцираноста на нашите деца, туку се должат на постоење на психопати добро вклопени во општеството, ценети и високо позиционирани. Овие појави ни кажуваат дека ние како општество сме пропуштиле да ги препознаеме овие болни умови и не сме успеале да ги заштитиме нашите деца од нив. Грешката е во нас и сексуалната едукација на нашите деца нема да ја исправи таа наша грешка. Нас треба да не едуцираат, како да ги препознаеме овие навидум нормални и ценети индивидуи, нам ни фали знаење.

Дали ќерките се често на интернет, како контролирате што прават, особено по сите оние предизвици со кои се соочуваат децата и младите на социјалните мрежи, како на пример, blackout (случајот со девојчето што се обеси во Италија, како и последниот случај со детето во Србија)?

Децата поминуваат доста време на своите телефони, најчесто се во комуникација со своите другарчиња од одделение, или играат заедно игри на телефон или ги гледаат своите омилени јутјубери, читаат книги…

Тоа е секојдневје од започнување на пандемијата, децата се спречени физички да се дружат и на почетокот беше навистина тешко да се прилагодат. Сега, некако се помируваат со ситуацијата и гледаат да извлечат максимум од неа, па ако не можат да играат брканица на улица ја играат виртуелно во заедничка игра онлајн.

Според мене многу е битно денес, во време на информациската револуција, да се обучат децата да размислуваат критички, да ги проверуваат сите информации повеќе пати, да внимаваат со кого комуницираат. Многу е важно да имаат доверба во нас како родители и да знаат дека со нас можат да разговараат на секоја тема и дека нема да наидат на осуда.

Со кого се поблиски девојчињата, кој е построг родител, а кој е попопустлив?

Веројатно јас сум таа што е построга, но покрај Јоцо и јас станувам попустлива. Некако со тек на времето сфатив дека е најважна рамнотежата помеѓу обврските и задоволството, дека не треба да се прават компромиси на штета на едното или другото. На децата треба да им се даде простор да бидат деца, обврските ќе ги завршиме, нема да побегнат, нели?

Колку се дружат тие меѓу себе, и со другарите од училиште, што им е омилена забава?

Како созреваат, меѓусебните дружби стануваат почести, што е веројатно нормално. На пример, за време на зимскиот распуст заедно ги гледаа сите филмови од серијалот „Хари Потер“.

Дружбата со другите деца сега е минимална, поради учењето од дома. Изгубија една година од своето детство, пропуштија многу прегратки од другарчињата, но, секое зло за добро, вели нашиот народ.

Оваа година беше добра за зацврстување на семејните врски, имавме повеќе време да си посветиме едни на други. И децата имаа повеќе време за некои креативни идеи. Ведра сака да пишува и има талент за тоа, Мирна сака да танцува и да настапува, па снима видеа.

За време на викендите одиме на прошетки по кеј, во парк или надвор од градот, заедно со кучињата, да продишеме чист воздух и да го отпуштиме стресот. Кога сме дома, играме друштвени игри или заеднички гледаме филмови и серии. Тоа е одлично време и за да разговараме за различни теми и да отвораме по малку незгодни прашања и дилеми.

Што мислиш воопшто за родителството денес, што ти е тебе најтешко од аспект на родител?

Веројатно секое време носи свои предизвици за родителите, нашите родители се бореле со едни проблеми, ние сега со други.

Според мене, денес родителството е отежнато од аспект на многу различни информации кои се пласираат во научните и популарни списанија и анализи на тоа што значи да бидеш добар родител. Има многу спротивставени ставови, ставовите се менуваат брзо и не се земаат предвид личните специфики на секое дете. Јас како родител на две деца кои нормално се разликуваат меѓу себе, имам сфатено дека секое дете бара поинаков пристап и погрешно е верувањето дека еден систем на воспитување е добар за сите. Родителскиот инстинкт е тој од кој треба да учиме, не од учебници и студии, како да бидеме добар родител за секое свое дете.

Дали девојчињата имаат некои интереси надвор од училишните обврски, дали ги поттикнувате на нешто, како влијаето врз нивните интереси?

Се трудиме да не влијаеме врз изборот на активности, само им сугериравме дека треба да одберат еден спорт. Па така, пробаа карате, одбојка, ракомет и на крај Ведра се одлучи за јавање, а Мирна за хип-хоп. И двете посетуваат курс по англиски, а Мирна дополнително учи солфеж и виолина. Посебно внимание и време посветуваме на овие активности, бидејќи се самостојно одбрани од нив (за разлика од предметите во училиште) и ги сметаме за многу важни за нивниот развој. Ова е време кога прават нешто што сакаат, и тоа време им е секогаш овозможено, без разлика на нашите обврски.

И како се снаоѓате во овој корона период сите четворица, приватно и професионално?

Животот тече со и без пандемија, мора да течеме и ние.

Минатогодишните затворања и полициски сати ги искористивме за креативно разубавување на домот, па така во секоја соба насликавме по еден ѕид, а во соработка со соседите и нивните деца од спратот, насликавме шума на ѕидот во влезот. Креативната работа е најсилното оружје против депресијата. Сега купивме сликарски платна и бои, во исчекување на нова мутација на веќе мутираниот британски сој на коронавирус. Тоа затоа што ни снема слободни ѕидови за сликање.

[better-ads type='banner' banner='999' ]