Нашата соговорничка, Тања Јанева, е млада мајка и сопруга која со семејството живее во Германија, една од многуте кои среќата ја нашле надвор од државата.
„Пред да заминам за Германија имам работено како медицинска сестра во Клинички центар (оддел- Уво, нос и грло). Имам работено како кореограф и фитнес тренер, паралелно неколку години. Дипломирав како социјален работник на Филозофски факултет. За време на мојата работа како медицинска сестра основав здружение на болни од рак на грло, а исто така бев активен член на здружението Млади за љубов-Гратис гушкање“, ја почнува својата приказна Тања која ја сретнавме во градскиот парк во Скопје додека вежбаше јога со неколку дечиња, а притоа, им раскажуваше интересни приказни.
Моментално живее во Минхен, а таму ја однела љубовта кон нејзиниот сопруг Огњан кој кога се запознале веќе подолго време студирал и живеел таму.
„Се запознавме на еден фестивал во Скопје преку наша заедничка пријателка и тоа беше љубов на прв поглед. Не погодија аморовите стрели и после кратко време, ги спакував куферите и заминав за да бидеме заедно.
Бидејќи рекреативно се занимавав со јога веќе подолго време, таму почнав и поактивно, како професија, последните две години. Почнав да работам како инструктор по јога за возрасни и вежбам со различни групи во едно студио во Минхен, а исто и со приватни клиенти кои сакаат персонален тренинг, кој со задоволство го правиме во природа.
Она што е поново е мојата пасија за јога со деца, поточно, од пред околу 8 месеци сосема спонтано почнав да вежбам прво со мојот син, а потоа и со други деца. Нашиот тригодишен син Демиан имаше желба секогаш да ме гледа и да ме имитира додека вежбам, без разлика дали е јога или пилатес. Пробав да најдам начин како да го вклучам и него за да не се чувствува запоставен и игнориран додека јас вежбам јога и така почнав да му раскажувам приказни. Приказните со животни му се најомилени и тоа ми беше инспирација да ги употребам додека вежбаме, бидејќи сите знаеме дека многу пози во јогата се пози од животни. Може да се каже дека сме уигран тим, зошто често заедно вежбаме. Приказните, иако ги повторуваме, никогаш не ни здосадуваат и на двајцата. Вежбањето на јога со него е вистинска игра. Вежбаме речиси секој ден, а најмногу ми е мило тоа што самиот има голем интерес за ова. Вежбањето не исполнува и двајцата и преку игра и раскажување на приказни го јакнеме заедничкиот телесен и духовен живот.
Сега, за време на престојот во Скопје имав прилика да вежбам со внуките – Сара и Лара, како и со други деца, меѓу кои и едно детенце со Даунов синдром. Нивните реакции беа супер, сите пресреќни, со насмеани очиња“, раскажува Тања.
За животот во Германија и за начинот на кој се таму згрижени децата од предучилишна возраст, раскажува преку својот пример:
„Мојот син оди кај таканаречена дневна мајка, тоа е воспитувачка за деца која ги воспитува и згрижува децата, максимум 4, во домашни услови. Тоа е еден вид на мини градинка. Демиан е пресреќен таму, комуницира на германски со другите деца, а дневната мајка му е како втора мајка која целосно учествува во неговиот развој. Таа е прекрасна личност со која и приватно се спријателивме.
Инаку, не можам да направам целосно паралела на животот во Македонија и во Германија, зашто пред да си заминам од Скопје не бев мажена и немав свој семеен живот, а во Минхен сум сега во друга и поинаква улога на мајка и сопруга. Генерално, може да се каже дека Германците се крути како народ, но сепак тоа не може да важи за сите. Како и да е, таму ја нема спонтаноста и социјализацијата како што ја има во Скопје, но од друга страна пак, не може да се спореди културата на живеење. Чисто е, средено, природата е прекрасна, секој ја негува и ужива во неа. Минхен нуди многу можности за секој човек, но и правилата важат за сите. Спортот е дел од животот на речиси секој човек, без разлика дали е дете или баба и дедо. Планинарењето, возењето велосипед и скијањето се секогаш присутни. Сепак, моја желба е да живеам покрај вода или во некое планинско место, кадешто многу лесно ќе го пронајдам духовниот мир и ќе уживам во јогата. Се надевам дека во наредните години таа желба ќе ми се исполни“, ја завршува својата кратка, но слатка приказна Тања и порачува: „Вежбајте зашто јогата ве прави помлади, посмирени и посреќни, а што е најважно, во неа можете да уживајте заедно со вашите деца“.
Фото: PS visualart