Васка Бајрамовска: Никој не ги прашува децата!

Поради проблемите меѓу возрасните, децата се принудени да живеат разделени од едниот или двајцата родители, од нивните браќа/сестри, дедовци/баби... па, оправдано се поставува прашањето: Кој во вакви случаи води сметка за тоа што е најдобар интерес на детето?

0
1724

„Едно од основните начела на Конвенцијата за правото на детето е неговото право да остварува лични контакти и видувања со двајцата родители, но дури и оние кои поднесуваат најголем број претставки до Народниот правобранител, имено, родителите кои не живеат со своите деца, акцентот не го ставаат на правото на детето да се гледа со нив, туку го ставаат на себе, како родител кому е прекршено правото да го гледа своето дете.

Како да навикнавме кога зборуваме за децата, решението да го носат сите други, освен самите деца, како да ги оставаме настрана и како да не водиме сметка за тоа што тие размислуваат, како тие гледаат на работите, и тоа во сите области од животот, а не само во делот на семејното право. Она на што често алармираме како институција е дека никогаш не треба да се заборави детето и дека треба да се седне и да се разговара со него, да се сослуша неговото мислење имајќи ја предвид неговата возраст и неговата зрелост бидејќи никој не ја чувствува тежината на било кој проблем повеќе од оној што е засегнат со него, особено кога станува збор за семејни расправии и поделби кадешто во средината имате дете кое подеднакво ги сака и двајцата родители – вели госпоѓа Васка Бајрамовска, заменичка на Народниот правобранител во интервју за порталот „Мајка и дете“.

Кон крајот на минатата година, Народниот правобранител направи истражување за состојбата со остварувањето на правото на детето на лични односи и контакти со родителот со кого не живее.Токму ова истражување, неговите согледувања, заклучоции препораки, беа тема за разговорот со госпоѓа Бајрамовска.

Која беше причината поради која минатата година го направивте ова истражување?

Ова не е прво истражување на оваа тема, но она што не поттикна да го направиме е тоа што анализата на нашите податоци од предметните постапувања покажува дека од година во година бројот на претставките кои се однесуваат на семејните права, односно правото на детето да остварува лични и непосредни контакти со родителот со кој не живее, е секогаш најголем. Речиси половина од претставките сеоднесуваат на овој проблем. Тоа беше повод да испитаме зошто со години најголемиот број претставки се однесуваат на оваа проблематикаво врска со правото на видување, при што во најголемиот број случаи родителите кои не живеат со своите деца изразуваат незадоволство од работата на Меѓуопштинските центри за социјална работа.

Инаку, покрај родителите и блиски роднини на детето поднесуваат претставки за ова право на детето, а во неколкуслучаи и децата бараа од Народниот правобранител заштита и помош да можат да се гледаат непречено со двајцата родители, со своите браќа и сестри, дедовци и баби.

Според вас, чија е најчесто вината доколку е прекршено правото на детето да одржува контакти со еден од родителите?

Праксата потврдува дека детето е попречувано во правото да одржува лични односи и контакти со родителот со кого не живее, без оглед дали е од брачна или вонбрачна заедница, а неретко поради долгото неспроведување на решението за видување, поради попречување од страна на родителот со кој детето живее, кај детето се јавува отпор, односно тоа почнува да одбива да се види со родителот со кого не живее.

Тоа кажува дека поради проблемите меѓу возрасните, децата се принудени да живеат разделени од едниот или двајцата родители, од нивните браќа/сестри, дедовци/баби… па, оправдано се поставува прашањето: Кој во вакви случаи води сметка за тоа што е најдобар интерес на детето?.

Дали Центрите за социјална работа успеваат ефикасно да им помогнат на родителите да сфатат дека тоа дете е нивно заедничко иако повеќе не живеат заедно? Колку се оправдани одлуките на родителот да го попречува видувањето на детето со другиот родител, односно ефикасни ли се мерките кои може да ги преземе центарот во вакви случаи?

Покрај Центарот, голема е улогата и на судовите кои одлучуваат по тужби за развод на брак, имајќи предвид дека во случаи кога сопружниците имаат малолетно дете/деца одлучуваат на кој од родителите ќе му го доверат детето на натамошно чување, при што се бара и мислење од надлежниот Центар, со цел одлуката да биде во најдобар интерес на детето.

Праксата на Народниот правобранител потврдува дека меѓуопштинските центри за социјална работа честопати, при одлучувањето по барањата за правото на видување, во напорите да „им удоволат“ на родителите, го забораваат најдобриот интерес на детето, многу ретко го бараат мислењето на детето, па решенијата кои ги носат повеќе се исполнување на барање на едниот или другиот родител, отколку акт донесен во најдобар интерес на детето.

Што може да се преземе за ова да се измени?

За жал, често во расправиите помеѓу возрасните во моменти кога престанува  заедничкиот живот, се заборава она што е приматот, а тоа е детето.

Одвојувањето на дете од родител, нема оправдување. Има случаи кога сметаат дека не треба да живеат повеќе заедно, но да го држите детето како инструмент за одмазда не е во ред. Што им се случува во главите на овие луѓе е добар повод да размислиме дали не треба да ги зајакнеме надлежните институции со потребни стручни лица кои кога ќе се утврди проблем, со една посветена работа ќе сеобидат да го сменат мислењето на родителите, кои можеби нема да се смират но барем ќе се направи сѐ за да се раздвојат на нормален начин, без да го инволвираат детето во своите расправии.

Факт е дека ни треба и поинаков систем на решение, но и поинаков систем на работа со ваквите случаи, ако сакаме да дојдеме до ситуација каква што има во скандинавските земји, во Канада, во Европа, кадешто и двајцата родители остануваат заедно во своите права и обврски кон детето и по разводот на бракот.

Она основното од што треба да сетргне е дека со разводот на бракот се разведува нешто што претставува заеднички живот, не се разведува родителството и не престанува љубовта кон детето. Ако така почнеме да размислуваме ќе може да ги промениме работите кон подобро.

Дали вашите ставови одат во прилог на она што е цел на Иницијативата за заедничко и одговорно родителство и после развод?

Ние одржавме заедничка конференција со Иницијативата за заедничкото родителство бидејќи сметаме дека детето заслужува да ја добие љубовта и на двајцата родители и по разводот, дека детето заслужува да биде во центарот на вниманието на двајцата родители, освен во случај кога еден од родителите почнува да покажува некоја реакција која се коси со тоа што е нормален раст и развој на детето и се коси со тоа што е најдобар интерес на детето.

Сметам дека треба да постои системска можност, односно промена на законот за семејство, но претходно треба да се направи сериозна анализа на состојбите, истражување од стручен аспект за работата на надлежните центри. Да се утврди каде се грешките, дали може едно вакво законско решение да профункционира за да дојдеме до квалитетно решение. Не е доволно само ново решение ако во праксата се соочиме со проблеми.

Треба многу внимателно и со голема чувствителност да се пристапи кон прашањето на доверувањето на децата со тоа што се согласувам дека и двајцата родители треба да имаат подеднаква стартна позиција во случаи кога и двајцата покажуваат подеднаква грижа, освен, се разбира, во случаи кадешто има насилство и занемарување на детето. Родителите токму тука си ги бараат правата, немаат еднаква стартна позиција не имсе дава можноста како родители да докажат дека се и тие грижливи и дека можеби е донесена погрешна одлука што не им е дадена можноста и двајцата да бидат подеднакво родители.

Голем број родители се незадоволни од работата на стручните тимови при центрите за социјална работа, кои пак обично сметаат дека нивното постапување е секогаш во најдобар интерес на детето. Каков беше вашиот заклучок?

Според законот за семејство,  детето треба да ја ужива љубовта и грижата на двајцата родители а не како што се случува во праксата. Не знам како се толкува овој закон од центрите за социјална работа,особено тогаш  кога решаваат за правото на лични односи и контакти на детето со родителот со кого не живее, да ги определат максималните денови на одржување контакти. Тоа е два пати во неделата, два пати во месецот, итн. Не ми оди, наместо да сеопредели минимумот колку треба да се гледаат, тие да го одредуваат максимумот и да им остават на родителите да пријават тогаш кога има некакви проблеми.

Ако веќе како центар заземаме позиција дека ние одлучуваме што е во најдобар интерес на детето и дека е за него доволно да сегледа со другиот родител два пати месечно, тогаш треба да бидеме одговорни, да го следиме тоа семејство и да знаеме во секој момент  што се случува за да може да реагираме благовремено, а не да чекамеродителите да пријават дали имало или немало видување,дали одлуката била или не била почитувана.

Или ќе почнеме да работиме како што треба и да го браниме нашиот став како орган кој смета дека е во најдобар интерес на детето да биде така и да имаме аргументи зошто сметаме дека треба да е така или да ги смениме работите од корен и да им дадеме подеднаква стартна позиција на двајцата родители, да го засилиме надзорот над вршењето на родителското право и да можеме благовремено да реагираме секогаш кога ќе утврдиме дека односот на родителите е во спротивност со интересот на детето. Како орган имаме тогаш надлежност да преземеме мерки и да ја вратиме правилната насока во развојот на детето.

Со ваква поставеност и на системот и на стручните лица во центрите за социјална работа со големиот број на надлежности кои ги имаат согласно со законот за семејство без да се создадат практични претпоставки за квалитетна ефикасна работа со семејството и со детето зада имаме ваков потенцијал на крајот, не е доволно само изнаоѓање на системско решение, туку и промени внатре во конципирањето на тоа како треба да работи определен стручен тим на кој му е даден случајот за да може да имаме продукт каков што очекуваме, а тоа е ефикасно заедничко квалитетно родителство.

Како постапувате вие во однос на претставките кои ги поднесуваат до вас родителите, роднините и децата во врска со остварувањето на правата на лични контакти и видувања?

Имавме неодамна случај кога едно дете побара од нас да му помогнеме да остварува видување со неговото сестриче зашто со распадот на заедницата родителите си ги поделиле и децата. Се вклучуваме во ваквите случаи согласно нашите надлежности.

Постапуваме во согласност со законот, согласно конвенцијата заправото на детето да има редовни непречени контакти со двајцата родители, им укажуваме на центрите за социјална работа да вршат континуирани надзори над вршењето на родителското право, да ги применуваат мерките кои во законот за семејство се дадени па дури и тогаш кога носат решение а некој од родителите не го почитува нивното решение. Многу често се случува во пракса и нашето истражување го потврдува тоа, центрите за социјална работа како да немаат механизам како да ги натераат родителите да го почитуваат нивното решение. Сѐ се завршува на тоа дека центрите советодавно работат со родителите, им укажуваат на нивните обврски а тие и натаму продолжуваат да не почитуваат. Имаме состојба закоја го информиравме министерството при крајот на минатата година, укажавме на нешто што се случува во пракса – решение за видување да не може да се спроведува со години, детето останува кај едниот родител без да има можност да се види со другиот и со време кај детето сејавува отпор за видување и потоа центрите веќе креваат раце како надлежни органи, во смисол: што да правиме кога детето не сака?!

Сето ова укажува на слабостите во системот, односно, недоволни механизми за справување со нешто што сенарекува проблематично, дисфукционално семејство, а со цел да го заштитиме детето од разните манипулации или разните инструирања од страна на едниот или другиот родител за да го попречат неговото право на видување.

Се обративме до сите центри на ниво на држава и до надлежните судови кои одлучуваат во постапките за развод на брак, побаравме информации и во нашите дописи укажавме на водечките принципи на Конвенцијата за правата на детето а тоа е  најдобриот интерес на детето, правото да биде сослушано односно да се почитува неговото мислење согласно зрелоста и возраста и секако принципот на недискриминација, односно можноста ова дете да ја почувствува љубовта на двајцата родители, па дури и да одржува лични односи и контакти со роднините на своите родители.

Го вклучуваме и заводот за социјални дејности преку вршење на стручни надзори над работата на тимовите, ги информираме самите директори на јавните установи, меѓуопштинските центри заради следење на работата на стручниот тим, а преку министерството бараме вклучување на секторот за инспекциски надзор над примената на законите. Значи, притискаме од сите страни за да се утврди дали тимот кој е определен за постапување во конкретен случај навистина постапува согласно закон, навистина ги исцрпува сите можности кои му ги дава законот и подзаконските акти во ова одлучување или пак како што тврди родителот кој ја поднел претставката, се раководат од  желбите и интересите на другиот родител занемарувајќи ги правата и интересите на детето. Често се случува во одговорите кои ги добиваме од надлежните органи по вршење на надзор, да се утврдат пропусти во работењето..

Можете ли да резимирате, кој е заклучот од вашето истражување и кои се вашите препораки за надминување на проблемот?

Она што го потврди истражувањето и нашата пракса, е дека надзорот над вршењето на родителското право како мерка многу ретко се користиод страна на центрите, ретко се преземаат мерки кон родителот кој го попречува видувањето на детето со другиот родител, и особено не е ефикасна онаа мерка која ја има во законот, а во пракса не дава резултати, барем вака како што центрите ја применуваат, а тоа е онаа мерка која се однесува на тоа дека ги известуваат роидтелите дека треба да посетуваат советувалиште без да ги задолжат да посетуваат со акт, без понатаму да ги следат, односно да бидат во контакт со установата кадешто ги праќаат на советување, зада видат во која насока, во која фаза од работењето каква мерка да преземат.

Ако центарот навистина оцени потреба од упатување во советувалиште, треба за тоа да донесе акт и да биде подготвен да ги покрие трошоците. Токму затоа во буџетите треба да има доволно средства за оваа намена, ако сакаме да добиеме здрави поколенија.

Имајќи предвид дека подолготрајното одвојување на детето од едниот родител негативно влијае врз детето и ја зголемува можноста од појава на отпор кај детето кон контактите со родителот со кого не живее, по што истите тешко се ревоспоставуваат, како и забелешките на стручните тимови во Меѓуопштинските центри за социјална работа за донесување судски одлуки за доверување на дете спротивно од доставеното Мислење на надлежен центар, Народниот правобранител препорачува:

Во сите постапки и одлуки поврзани со правата на детето надлежните центри за социјална работа и судовите при одлучување за доверување дете кај родител секогаш да се раководат од најдобриот интерес на детето, при што на детето кое е способно да формира сопствено мислење, да му обезбедат право на изразување на мислењето и да посветат потребно внимание во согласност со возраста и зрелоста на детето.

Континуирана соработка меѓу стручните тимови од меѓуопштинските центри за социјална работа и Судовите заради поефикасна постапка за мирење во случаи на развод на брак, особено ако во бракот има деца за чие доверување треба да се донесе одлука, како и соработка при донесување на одлука за доверување на дете, при што да се има предвид и Мислењето на стручниот тим од надлежниот центар.

Во случаите кога е тоа во интерес на детето Меѓуопштинскиот центар за социјална работа да преземе мерки за непречено остварување на правото на лични односи и контакти на детето со двајцата родители, согласно волјата и интересот на детето, без притоа да се ограничи правото со определување на максимално времетраење на видувањата. Воедно, да се преземат мерки во случаи кога родителот го попречува правото на одржување на лични односи и непосредни контакти на детето со родителот со кого не живее и во тој контекст да се санкционира таквото однесување согласно закон.

Министерството за труд и социјална политика преку изнаоѓање на соодветно системско решение да обезбеди непречено остварување на ова право на детето, како и негова ефикасна заштита во случаи на непочитување на ова право од страна на родителите, односно во случаи на попречување на остварување на ова право.

Меѓуопштинските центри за социјална работа да преземат континуирани мерки за следење и работа со семејствата, како и мерки од превентивен карактер за заштита на правата на детето, и подобрување на односот родител- дете, како и континуирани обуки на стручните тимови за препознавање на најдобриот интерес на детето и постапување согласно Конвенцијата за правата на детето, зајакнување на институциите со професионален и стручен кадар и поефикасни советувалиштата во рамките на надлежните центри.

Покрај наведеното, Народниот правобранител препорачува Министерството за труд и социјална политика во соработка со надлежните органи кои се грижат за правата на детето и остварување на неговиот интерес да преземаат мерки за едукација на родителите за значењето и влијанието на одговорното родителство за грижа, чување и негување на детето во бракот и после разводот на бракот.

Драгица Христова

 

„Изразените гледишта во никој случај не ги рефлектираат гледиштата на Европската Унија и Граѓанската асоцијација МОСТ.“

 

 

[better-ads type='banner' banner='999' ]