Честопати бремените жени имаат невообичаени желби за храна во уште поневообичаени моменти. На пример, среде ноќ добиваат желба за сладолед, за кисели краставички или за нешто трето.
Некои бремени жени сметаат дека нивниот вкус за храна е малку променет, но има и такви чиј вкус целосно се менува за време на бременоста. Бремените жени обично чувствуваат зголемена желба за барем еден вид храна (обично сладолед), а повеќе од половина од нив чувствуваат гадење од барем еден вид храна (обично од пилешко и зеленчук). Оваа ненадејна ексцентричност (понекогаш на граница на бизарност) при изборот на храна може да им се припише на хормоналните промени, што веројатно објаснува зошто најчесто се манифестира во првото тримесечје од бременоста, кога тие промени се најсилни.
Хормоните, сепак, не се единствената причина. Теоријата дека зголемената желба и гадењето кон одредена храна се сигнали од нашето тело кои ни кажуваат дека она што не одбива обично е лошо за нас и дека она по што копнееме обично ни е потребно, има смисла. Како на пример кога одеднаш не можете да го пиете утринското кафе, без кое претходно не можевте да започнете денот. Или кога вашето омилено вино има вкус на оцет, а грејпфрутот има толку добар вкус што не знаете кога ви е доста. Од друга страна, ако не можете да помислите на пилешко или брокула, кои ги обожувавте, додека во исто време лудувате по колачи, тогаш тоа сигурно значи дека вашето тело не ви испраќа точни сигнали.
Проблемот е во тоа што сигналите на телото се секогаш тешки за толкување кога хормоните се мешаат, особено поради фактот што сме многу оддалечени од природниот синџир на исхрана. Во време кога немало слатки, бремените жени ја задоволувале својата желба за слатки со бобинки и слично овошје, додека денес најчесто посегнуваат по чоколадни бонбони.
Дали треба да се игнорира зголемената желба за одреден вид храна или гадењето од некоја во име на здравата исхрана за време на бременоста? Дури и да беше можно, тоа нема да биде фер. Сепак, можете да ги задоволите вашите потреби без да ги нарушите потребите за хранливи материи на вашето бебе. Ако сте страшно гладни за нешто што е здраво – младо сирење или праски, на пример – не воздржувајте се. Задоволете ги вашите желби дури и ако тоа значи дека вашата диета ќе биде малку неурамнотежена некое време (ќе надоместите подоцна, кога ќе престанат посебните желби и гадењето).
Ако имате желба за храна што не би било добро да ја јадете, обидете се да пронајдете замена што има одредена хранлива вредност, внимавајќи да не јадете премногу празни калории. Ако не можете целосно да ја задоволите вашата желба со замени, обидете се да направите нешто што ќе ви го одвлече вниманието – одете на прошетка, разговарајте со други бремени жени, пребарувајте страници со облека за бремени жени. Се разбира, понекогаш можете да си дозволите да се засладите со нешто што нема голема нутритивна вредност, под услов да не стане редовна замена за здрава храна.
Зголемената желба за одреден вид храна и гадење обично исчезнуваат или се намалуваат до четвртиот месец од бременоста. Ако траат подолго, можно е да се предизвикани од емоционални потреби – потреба да ви се посвети малку повеќе внимание, на пример. Ако и вие и вашиот сопруг сте свесни за таа потреба, лесно ќе ја задоволите. Наместо да барате сладолед среде ноќ, изедете едно или две овесни колачиња.
Некои бремени жени имаат желба да јадат дури и супстанции што не можат да се јадат, како што се глина, пепел или хартија. Бидејќи ваквите навики, познати под називот пика, можат да бидат опасни и често се знак на недостаток на одредени супстанции во телото (особено железо), кажете му на вашиот лекар. Исто така, кажете му дали сакате да џвакате мраз, бидејќи ова исто така укажува на недостаток на железо.
Фото: Pexels