Бременост во време на кoрoна!

Идните мајки набавуваат сѐ што им треба за новороденчето онлајн, а скопјанката Катерина која е во осмиот месец од бременоста, прави набавки според ексел списокот на својата пријателка и сигурна е дека нема ништо да ѝ недостасува

0
266

Животот во време на пандемија на коронавирус се чини дека е исполнет со истите стравови, но и верба во подобро утре, без оглед каде во светот се наоѓате. Многу бремени жени ги споделуваат своите искуства и приказни на социјалните мрежи, а – и покрај неблагодарната ситуација во која се наоѓаат – сите имаат нешто заедничко – желбата нашиот живот да се врати во нормала што е можно поскоро!

Во случајот со коронавирусот, кој го потресе целиот свет, бремените жени не се во ризичните групи, но времето на очекување на раѓањето на бебето е дефинитивно за сите нив исполнето со страв, неизвесност, но и цела низа промени во секојдневното функционирање. Многу е покомплицирано да се набави потребната опрема за новороденчето, прегледите се вршат според строги мерки на безбедност, како што препорачуваат епидемиолозите, а многу прегледи и се одложуваат.

Многу бремени жени на социјалните мрежи ги споделија своите искуства. Животот во времето на пандемијата на коронавирус се чини дека е исполнет со истите стравови, но и верба во подобро утре, без разлика каде и да сте во светот.

„После неколку луди недели на работа, со нетрпение ги очекувам следните денови одмор, дури и ако сум дома во карантин. Луѓето постојано ме прашуваат зошто сѐ уште работам во болница, иако сум бремена. Мојот одговор е затоа што го сакам она што го правам и сигурна сум дека можам да се заштитам себеси, моето неродено дете и семејството дома. Јас сум многу внимателна, но исто така нема да дозволам стравот да ме спречи да го правам она што го сакам. Јас сум многу среќна што сепак можам да работам и што имам работа“, вели медицинската сестра Мариса Џонс од Аризона.

„Времињата се чудни. Мојот болнички систем одреди сите жени пред породувањето да бидат тестирани за „Ковид-19“. Значи, еве ме, подготвена за брис за да се заштитам себеси, моето дете, болничкиот персонал и сите други мајки и бебиња кои ќе донесат нов живот на светот“, вели Американката Џеси Тот.

И за блогерката Коли, крајот на нејзината бременост изгледа многу поразлично отколку што замислувала. Таа купила сè за бебето преку Интернет, а на трудничките прегледи оди сама или со строги мерки на безбедност.

„Во нормални околности, ние би размислувале што да спакуваме во торбата за во болница и во каква облека бебето би ја напуштило болницата, како би им го објавиле неговиот пол на нашето семејство и пријателите кои би биле во чекалната, а сега овие планови изгледаат малку поинаку. Кој е планот ако добијам корона додека сум уште бремена? Или ако мојот сопруг и јас треба да се разделиме од нашето бебе по раѓањето? Или, не дај боже, уште полошо, ако бебето добие коронавирус? Кога нашите семејства ќе можат да го видат бебето?“, се прашува Саманта Милс Венеклаз од Мичиген, која во меѓувреме родила синче.

Скопјанката Катерина Михајловска која е во осмиот месец од бременоста вели дека не се плаши и дека има целосна доверба во докторите кои ја водат нејзината бременост. Најмногу ѝ недостасува дружбата со пријателките со кои, вели, во нормална ситуација сигурно би се гледала и би се консултирала околу опремата за бебето со оглед на тоа што речиси сите се веќе мајки. На шега вели дека последните месеци од бременоста кога и најмногу се забележува дека е бремена, ги поминала во карантин па веројатно многу познајници нема ни да сфатат дека била бремена додека еден убав ден кога состојбата ќе се нормализира не се појави со бебето на прошетка.

Во меѓувреме и таа, како и жените ширум светот, набавува сѐ што ѝ треба онлајн.

„Добив од другарка ми во ексел сѐ што ќе ми треба за првите неколку месеци и таа толку добро го направила што придржувајќи се до овој нејзин список мислам дека нема ништо да не недостасува“, вели нашата сограѓанка.

Фото: Инстаграм

[better-ads type='banner' banner='999' ]