Братот и сестрата Трајковски и трите скопски жирафи

Каспер, Тебого и Флопи се имињата на трите жирафи кои во скопската зоолошка градина пристигнаа пред десет години и оттогаш за нив се грижат нашите соговорници Ристе и Маја. Иако се безгласни животни, слухот им е одличен, па на крајот од денот, додека нивните негуватели ги 'прозиваат' по име, еден по еден полека си влегуваат во своето живеалиште.

0
728

Од кога не сте биле во Зоолошката градина? Јас не сум била одамна. Затоа и немав претстава што не очекува таму. Кога се најдовме со нашите соговорници со кои претходно ја договоривме средбата, со Ристе и Mаја Трајковски, пред дрвената врата затворена со синџир зад која е живеалиштето на трите жирафи во скопската Зоолошка градина, не ни помислував дека за кратко не само што ќе можеме да ги видиме одблиску, туку и дека ќе можеме да ги допреме, да ги погалиме, па дури и да им дадеме да ни јадат од рака. Искрено, ова беше мојата прва средба одблизу со овие егзотични, безгласни, љубопитни и преубави животни.

Каспер, Тебого и Флопи се имињата на трите жирафи кои во скопската зоолошка градина пристигнаа пред десет години, само 2-3 месеци откако таму почнала да работи Маја, по смртта на нивниот татко кој во Зоолошката градина поминал цели 39 години.

„Татко ми почина рано, а во моментот на смртта имаше веќе 39 години работен стаж во Зоолошката градина. Почнал да работи таму уште пред да се родиме јас и брат ми. Тогаш ја имале само нашата постара сестра, такашто, ние уште од мали, редовно доаѓавме во Зоолошката градина, буквално, секој викенд. Секаде одевме, кај слоницата Анка, кај ѕверовите, кај волците, кадешто на времето имаше диви кучиња, а најблиску сме имале контакт токму со Анка, како и со оние попитомите животни, како говеда, кози, овци, а дивите, се разбира, ги гледавме однадвор. Јас и денес секој ден си правам обиколка, сакам да ги видам сите животни, да направам еден круг низ зоолошката. Инаку, се вработив тука пред десет години, само 2-3 месеци пред да ги донесат жирафите, па само кратко време работев кај мајмуните, а откако стасаа жирафите, постојано сум со нив“, раскажува Маја, додека со раката го милува крзното на, очигледно, најголемата маза меѓу трите убавци – жирафата Каспер.

Каспер

Тој пак постојано стои до оградата, блиску до нас, всушност толку блиску што можете одблизу да му ги видите преубавите очи со големи трепавици, како и долгиот јазик со кој ги подземаше гранките со лисја кои му ги подававме според инструкциите на Ристе и Маја. Ристе, пак, кој очигледно ги имаше испробано сите можни методи за да го привлече Каспер пред фотообјективот, го научил дури и да го бакне.

Ристе работи во Зоолошката градина речиси 17 години, а дел од работниот век бил колега и со својот покоен татко со кои имал мноштво интересни настани и спомени од Зоолошката, меѓу кои е и породувањето на сибирската тигрица.

„Во Зоолошката градина секојдневно има разни случки, но некои од нив се навистина незаборавни. На пример, би издвоил еден од времето додека работев заедно со татко ми кај ѕверовите. Се породуваше тигарката, а наша заслуга е тоа што успеавме да го затвориме мажјакот за да не ги изеде тигрињата. Одевме горе по ограда за да го оддалечиме оттаму и успеавме да го затвориме. Така од три опстанаа две тигарчиња. Третото тигарче од почеток не зацица и веднаш почина. За жал, не можевме да ги галиме зашто ако тигрицата потоа почувствува кај нив мирис, ќе ги отфрли. Тие две тигриња пораснаа во прекрасни сибирски тигри – Ана и Путин и до ден денес се тука“, раскажува Ристе.

Што се однесува до имињата на тигрињата, вели дека не се сеќава точно, но со оглед на тоа што во тоа време Трифун Костовски го донирал живеалиштето за ѕверовите, веројатно тој им ги дал и имињата. Ристе бил сведок и на доаѓањето на свет на леопардчињата.

„Доаѓаш наутро, отвараш и гледаш мали леопардчиња. Не се доживува тоа толку често, но е секако прекрасен настан. А ѕверовите се супер, тие се прилагодуваат со негувателите, паметни се, интелигентни. Дефинитивно, сите животни си имаат своја убавина. Но последниве десет години, заедно со мојата сестра Маја, која се вработи тука по смртта на татко ми, се грижиме за трите жирафи кои кога пристигнаа беа малечки, имаа три години.

Тебого

Каспер е најмил и како што гледате, тој ни е галениче, а Тебого е најголем. Тие двајца се од ист вид, додека Флопи е рошпил жирафа. Бојата на кожата и шарите по телото варираат зависно од пределот што го населуваат и зависно од подвидот. Видот жирафа има 9 подвидови кои живеат единствено на Афричкиот континент“, објаснува Ристе и додава дека токму Флопи, единствената која не ни се приближи воопшто, туку остана да не ѕирка отспротива јадејќи ја патем кората од багремот до неа, е меѓу ретките во светот.

 

Флопи

„Мислам дека се само 600 единки во цел свет“, се надоврзува и Маја која вели  дека дел од нејзините и обврските на брат ѝ, е и подготвувањето на оброците за тројцата највисоки жители на Зоолошката градина.

А тие јадат дневно по 120 кг храна или по околу 35-40 кг секој. Јадат главно јаболка, моркови, праз, кромид, леб, пелентирана храна, која се спрема посебно за нив и ги содржи потребните витамини и минерали, но и по 20 кг сено.

„Лупиме и им ја дробиме храната 1,5 до 2 часа на ден, бидејќи храната мора да е дробена за да не се задават. Им ги делиме оброците на три дневно, а додека ја спремаме храната тие се толку нетрпеливи што речиси секогаш успеваат да ‘дрпнат’ нешто пред да им ја послужиме. Постојано мораат да мелат нешто со јазикот. А сѐ што им даваме да јадат го ставаме на високо за да не мораат да се наведнуваат, затоа што не смеат да бидат долго во таа положба. Вратот мора да им биде исправен, па и тие сами не ја задржуваат главата долго во таа положба. А за цело деноноќие, спијат само по пола час, легнуваат, такашто прво ги шират и ги спуштаат предните нозе, а потоа задните така за да седнат на страна“, објаснуваат Ристе и Маја постојано надополнувајќи се еден со друг.

Бидејќи тоа се случува ретко, ние не успеавме да видиме како овие грандиозни и грациозни животни успеваат да легнат на земја симнувајќи се пополека од висина од околу 5 метри, имајќи предвид дека само нивните вратови изградени од 7 издолжени вратни пршлени достигнуваат до 2 метри.

„Интересно е да ги гледате додека легнуваат и додека стануваат, убава е и сликата кога сите тројца се еден до друг, се галат, а отсјајот од сонцето им го осветлува крзното. Прекрасни животни се, многу се интелигентни, плашливи,  ама и љубопитни. Нас не познаваат по униформите, по гласот. Наутро кога им го отвараме живеалиштето, тие веќе знаат дека ќе се грижиме за нив, дека ќе ги негуваме, па бидејќи се безгласни, радоста ја покажуваат такашто мрдаат со ушите. Секако, несекојдневни животни се, атрактивни, егзотични и не покажуваат никаква агресивност, само треба да се внимава и да им се дава храната со оторена дланка и тие само ќе ја соберат со јазикот. Мирни се, убави за чување. Во поилките имаат нон стоп доток на свежа вода, одржуваме хигиена во живеалиштата, а кога е дождливо или во зима, не ги пуштаме надвор бидејќи можат да се лизнат. Затоа во зима им ставаме внатре играчки, на пример им ја криеме храната во топка, па тие со јазикот ја наоѓаат и ја јадат, ги анимираме за да не им биде здодевно“, се смее Ристе.

Во живеалиштето, објаснуваат тој и Маја, имаат повеќе грејни тела, како и подно греење бидејќи се тоа сепак животни кои доаѓаат од Африка, па сакаат топло. А можеби најинтересно од сѐ, освен по малку смешниот начин на кој ги шират своите долги нозе за да можат да се наведнат, е начинот на кој на крајот од денот се прибираат внатре.

Тебого

„Луѓето обично се чудат и не прашуваат како успевате толку големи животни да ги приберете внатре на спиење на крајот од денот, како ве слушаат, а тоа е всушност многу едноставно. Бидејќи не познаваат по гласот, доволно е само да застанам на вратата и еден по еден како војници да ги прозивам, а тие си доаѓаат и полека си влегуваат“, објаснува Ристе.

Да, да, си ги знаат имињата. Исто како кучињата. А Ристе и Маја имаат искуство со животни бидејќи и самите чувале дома животни. Секако, не толку егзотични како оние во зоолошка, само кучиња и мачки. Посетиле и зоолошки градини во други држави, а Ристе бил и на обуки во зоолошките во Белград, во Софија, во Будимпешта, но смета дека човек најдобро ги учи работите со искуството. „Искуството  најважно, низ искуството самиот најдобро ги откриваш работите, па сега, после толку години, јас можам да направам сѐ и со затворени очи“, вели Ристе.

Маја нема деца, но нејзиниот брат има осумнаесетгодишна ќерка која, како што вели Ристе, сѐ уште одвреме навреме доаѓа во зоолошката.

„Ќерка ми доаѓа во зоолошката, ако ништо друго, за да се слика со жирафите за на Инстаграм“, се смее Ристе земајќи од листовите за да му подаде и на големиот Тебого, но Каспер не дозволува некој друг да му ја преземе улогата на миленик и на ѕвезда на приказната. Големиот Тебого пак, речиси навредено брзо се повлекува настрана обидувајќи се самиот да се послужи од кората на најблиското дрво и секако, благодарение на долгиот врат и долгиот јазик, успева во тоа. Жал ми е што Флопи не дојде поблизу за да се запознае со нас, иако цело време љубопитно не ѕиркаше. Но бидејќи спаѓа меѓу ретките, дозволено му е да се прави малку важен, нели?

Како и да е, иако не ни се одеше од оваа убавина, времето брзо помина и наскоро Маја дојде со нас да не испрати, и ја затвори зад нас дрвената врата, додека Ристе остана со своите обврски и со тројцата долгоноги прекрасни пријатели од далечната Африка кои својот нов дом го најдоа токму тука, во нашиот град.

Фото: Стефани Христов

[better-ads type='banner' banner='999' ]