Бесплатно и доверливо: правна помош и совети за жените жртви на семејно насилство

Со цел обезбедување специјализирана помош и поддршка за жени и деца жртви на насилство, Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство отвора 2 советувалишта, од кои едно во Скопје и едно во Тетово, каде ќе се обезбедуваат услуги од социјален работник, психолог/психотерапевт, правна советничка и кариерна советничка.

0
93
Фото: Unsplash

Жените жртви на семејно насилство не се само бројка, затоа сите заедно треба да делуваме и да ги поддржиме да се чуе нивниот глас, нивните потреби, нивните приказни.

„Секоја година 1.500 македонки се новоевидентирани жртви на семејно насилство. Време е гласно и свесно да говориме за македонските жени жртви да не трпат насилство. Како женски бренд ја поддржуваме Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство и ги покануваме останатите компании да се вклучат и со тоа да покажеме единство за тоа колку е важно да се елиминира насилството врз жените“, велат од македонскиот бренд Ла Дама, кои со донација ја поддржуваат борбата на Националната мрежа против насилството.

Тие порачуваат дека Меѓународниот ден за елиминација на насилството врз жените, 25 ноември е само еден, а сите ние треба 365 дена јавно да зборуваме и да дадеме поддршка на сите жени кои се соочиле со било какво насилство, да не трпат, туку да побараат помош.

Македонија во 2017 година ја ратификуваше Истанбулската конвенција и со тоа се задолжи да ги заштити жените од родово базирано насилство и семејно насилство, да им обезбеди услуги за помош и поддршка, и целосно да го унапреди системот на заштита преку нови и унапредени законски решенија, како и активности за превенција и подигнување на јавната свест против насилството, потсетуваат од Националната мрежа.

Тие посочуваат дека на почетокот на оваа година се усвои и нов Закон за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство, која ја дава законската основа за сеопфатна заштита, помош и поддршка на жените кои се справуваат со насилство.

Со цел обезбедување специјализирана помош и поддршка за жени и деца жртви на насилство, Националната мрежа отвора 2 советувалишта, од кои едно во Скопје и едно во Тетово, каде ќе се обезбедуваат услуги од социјален работник, психолог/психотерапевт, правна советничка и кариерна советничка.

„Услугите се бесплатни и доверливи, советувалиштата се пристапни за жени и деца со физичка попреченост, а во Тетово тимот обезбедува услуги на македонски и албански јазик“, истакнуваат од Националната мрежа.

Жените кои имаат потреба од ваква помош може да се јават секој работен ден од 8 до 16 часот на следниве броеви: во Скопје на 075/255-154 (Психосоцијално советување) и 075/304-802 (Правна помош) и во Тетово на: 075/344-770 (Психосоцијално советување) и 075/344-760  (Правна помош и поддршка).

[better-ads type='banner' banner='999' ]